Еднаш засекогаш да престанат привремените вработувања во јавната администрација, кои доаѓаат како резултат на тоа што секоја нова раководна екипа во институциите си носи сопствен тим по нивното назначување. На ова посочи членот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Нури Бајрами на денешната презентација на Извештајот од мониторингот на имплементацијата на препораките од извештајот за проценка на ранливост од корупција при процедурите за вработување во јавниот сектор, кој го подготви Транспарентност Интернешнл-Македонија за потребите на ДКСК.

Антикорупционерот Бајрами рече дека не е прекината лошата пракса да се носат луѓе однадвор во јавната администрација преку агенциите за привремени вработувања, на кои никој не им прави проверка. Од друга страна, на јавни огласи распишани од институциите по неколку пати се одбиваат лица што се пријавуваат, а исто така вработените во јавната администрација се обучуваат и усовршуваат.

„Агенциите за привремени вработувања да се исклучат целосно. Мора да поминат луѓето низ огласи“, изјави Нури Бајрами, додавајќи дека ваквите агенции немаат должност да објават огласи преку кои ќе ги пронајдат луѓето што би конкурирале за привремени вработувања во јавната администрација.

Токму на овој проблем се осврнува и Транспарентност Интернешнл-Македонија во објавениот Извештај од мониторинг и заклучува дека ограничувањето на вработувањата на определено време преку агенциите за привремени вработувања е препорака која што е дадена, но нејзиното исполнување од власта не било започнато и во првиот квартал од 2021 година.

Претседателката на Транспарентност Интернешнл-Македонија, Слаѓана Тасева и претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска на презентацијата на извештајот се сложија дека не е лесно да се соберат податоците за овој мониторинг, бидејќи потребните податоци ги нема на едно место.

„Координираноста на институциите во однос на обезбедување на податоците сѐ уште не е на потребното ниво“, изјави претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Слаѓана Тасева го претстави извештајот, напоменувајќи дека во првиот квартал од годинава се забележува зголемување на активностите и мерките кои ги преземаат институциите во однос на спроведување на препораките, па така 57 отсто од препораките зададени за вториот квартал на мониторинг се делумно спроведени, 43 отсто се неспроведени, додека ниту една од препораките не е целосно спроведена.

На листата на препораки чие исполнување не е започнато, покрај делот за привремените вработувања, се наоѓаат и ограничувањето на измените и дополнувањата на Правилниците за систематизација на работните места само на основа на детално образложение, стандардизација на правилниците за внатрешна организација и систематизација на работни места на локално ниво, како и актите за систематизација на работните места да се усогласат со Фраскатиевата класификација и видот на образованието да соодејствува со работните задачи кои треба да ги извршува службеникот.

Од друга страна, Слаѓана Тасева во презентацијата посочи и на препораките на кои од власта им било посветено поголемо внимание во вториот квартал на мониторинг. Меѓу нив, тука се препораката која се однесува на потребата од донесување на нов Закон за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, препораката за потребата од институционална реорганизација и оптимизација на јавниот сектор, препораката која се однесува на уредување на постапката за избор и именување на директор во јавните претпријатија и јавните установи, како и членовите во управните и надзорните одбори. Тасева појасни дека зајакната е и контролата врз транспарентноста на институциите во делот на објавувањето на документи од постапките за вработување кои се од јавен интерес.

Меѓу досега преземените активности во првиот квартал од 2021 година, Тасева го спомена донесувањето на Кодексот за етичко однесување на членовите на владата и носителите на јавни функции, донесувањето на „Акција 2021“ – Планот за борба против корупцијата, како и објавувањето на почетокот на изготвувањето на новиот Закон за вработените во јавниот сектор и нов Закон за административни службеници, како и одржаната седница на Советот за реформи во јавната администрација.

Како препораки коишто ги наведе претседателката на Транспарентност Интернешнл-Македонија, таа спомена дека надлежните институции можат да создадат работни групи за изнаоѓање решенија за спроведување на препораките, кои директно и непосредно ќе се преземаат од страна на надлежни чинители.

„Тоа како краен ефект може да придонесе кон создавање на ефикасни и ефективни јавни органи и зајакнување на професионализацијата и интегритетот на административните службеници, што директно се очекува да влијае и на намалување на можноста од коруптивни влијание во постапките за пополнување на работните места“, изјави Тасева.

На денешната презентација се обрати и министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, кој ги образложи актуелните мерки и активности што ги презема владата за реформи во јавната администрација. Тој се надева дека во третиот извештај за извршениот мониторинг ќе има и конкретни резултати во делот на исполнетите препораки, но и посочи дека заложбите на владата за деполитизација на јавната администрација остануваат приоритетни.