fbpx

АНАЛИЗА: Три општини во државата должат по повеќе од 9 милиони евра

Сите општини во земјава во првото тромесечје пријавиле обврски во износ од 56,4 милиони евра, а во декември лани долговите изнесувале 58,7 милиони еврa

-

Во првите три месеци од оваа календарска година, општините во државата пријавиле вкупни доспеани, а неплатени обврски во износ од 56,4 милиони евра, пишува „Порталб“. Во споредба со декември 2023 година, долгот е намален за 2,3 милиони евра. На новата должничка листа годинава има „ротации“ на позициите на најзадолжени општини и помали локални самоуправи испливуваат со милионски долгови.

На новата „должничка листа“ во првите 10, ги нема општините, но сепак, некои од нив високо котираат според износот на долговите. Други, пак, само за три месеци значајно ги зголемиле доспеаните, а неплатени обврски.

На крајот од месец март, најзадолжена е општина Гостивар. На крајот од првиот квартал од годинава, општината пријавила неплатени обврски во износ 9,5 милиони евра, што е за 1,2 милиони евра повеќе во однос на состојбата на крајот на декември лани. Зад оваа општина според износот на долгови е град Скопје со неплатени обврски од 9,3 милиони евра или 2 милиони евра повеќе во однос на декември 2023 година. Општина Тетово во анализираниот период имала доспеани долгови во износ од скоро 9,1 милион евра, што е раст на долгот од 720.600 евра за три месеци.

Четврта најзадолжена е општина Делчево со износ од 3,1 милион евра со минимално зголемување од само 1.000 евра за три месеци, а на петто место избива општина Кисела Вода со неплатени обврски во износ од 1,6 милиони евра, што е за 190.600 евра помалку во однос на состојбата на крајот на декември лани. Веднаш зад оваа општина се општина Кочани и општина Кавадарци со по 1,5 милиони евра доспеани а неплатени сметки и општина Василево со износ од 1,4 милион евра.

Општина Струга на крајот на март годинава пријавила доспеани обврски во износ од речиси 1,5 милиони евра што е за скоро 225.000 помалку во однос на декември 2023. Зад оваа локална самоуправа на ранг-листата е општина Врапчиште со должнички износ од 1,3 милиони евра. Општина Чаир пријавила долгови од скоро 1,1 милион евра а зад неа се општина Прилеп со доспеани а неплатени обврски во износ од 1 милион евра и општина Липково со 904.000 евра, по што следуваат останатите локални самоуправи со долгови пониски од оној на Липково.

Сите општини во земјава во првото тромесечје пријавиле обврски во износ од 56,4 милиони евра, а во декември лани долговите изнесувале 58,7 милиони евра.

Само првите пет најзадолжени општини имаат неплатени обврски во износ од скоро 33 милиони евра, што е дури 58 отсто од вкупниот долг на сите општини. „Порталб“ веќе објави дека на крајот на првиот квартал од годинава вкупниот „внатрешен“ долг достигна скоро половина милијарда евра, што е за дури 82 милиони евра повеќе во однос на декември лани. Најголем дел од вкупната должничка сума, или 235,4 милиони евра отпаѓа на државните јавни претпријатија и фирмите формирани од државата, а втори се општинските јавни претпријатија со износ од 76,7 милиони евра. На новата листа на Министерството за финансии се наоѓаат 954 должници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...