Цените на автобуските билети за меѓуградските линии и натаму „солени“, компаниите нема да ги намалат

Сегашните цени на билетите се неприфатливи за студентите. Тие за Порталб.мк велат дека овие трошоци им предизвикуваат дополнителни главоболки имајќи ја предвид инфлацијата во земјава

-

Цените на автобуските билети за меѓуградските линии во Северна Македонија остануваат високи и недостижни за многу граѓани. Најпогодени се студентите, кои велат дека цените се „солени“ и бараат намалување на истите. Иако самите ги одредуваат цените, компаниите немаат намера да ги намалат. Институциите велат дека се „немоќни“ да интервенираат, пишува Порталб.мк.

Во моментов цената на билетот во еден правец Гостивар – Скопје е 350 денари, Тетово – Скопје е 200 денари, а Куманово – Скопје е 170 денари.

Пред две години граѓаните трошеа двапати помалку за патни билети. Потоа, порастот на цените дојде како резултат на поскапувањето на нафтените деривати во 2022 година.

Но, денес, кога цените очигледно се паднати, билетите и понатаму остануваат со зголемената цена која тогаш се оправдуваше со светската економска криза по пандемијата на корона вирусот и по војната во Украина.

 „Цени поскапи и од Европа

Сегашните цени на билетите се неприфатливи за студентите. Тие за Порталб.мк велат дека овие трошоци им предизвикуваат дополнителни главоболки имајќи ја предвид инфлацијата во земјава.

Семра Шабани е студентка во трета година од Куманово која студира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа редовно патува од Куманово до Скопје.

„Треба да се намалат, бидејќи цените на горивата се намалуваат, а цените на билетите за јавен превоз не се менуваат. Како студенти ни е тешко да преживуваме со овие цени. И Јас како студент, вклучително и сите мои пријатели, бидејќи повеќето од нас имаме родители кои се невработени, но сакаме да постигнеме успех во иднина колку што можеме“, вели Шабани.

Автобуски билет од„Руле Турс“ / Фотографија испратена од студентка

И Елиза Спахиу е од Куманово и студира на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, па и за неа цените на билетите се несовладливи.

„За нас како студенти билетите многу лошо влијаат на нашиот буџет за образование затоа што буџетскиот стандард што го има нашата држава не е соодветен. Затоа што ние како студенти треба да имаме предности и пониски цени бидејќи имаме преголеми трошоци за време на студиите. Добро е што поскоро да ги намалат цените“, рече Спахиу.

Албин Амети од Општина Липково е ученик во државното средно училиште „Спортска Академија“ во Гостивар. Тој вели дека цените на автобуските билети во РСМ се поскапи отколку во Европа.

„Иако патувам само еднаш неделно затоа што престојувам во Гостивар, цените на билетите ми се многу скапи, ова не е нормално ни во Европа не се олку високи цените. Јас живеам во село, за да одам во град треба да платам карта за Куманово, па од Куманово – Скопје, и Скопје – Гостивар, само во еден правец ме чини над 600 денари, ова е голема сума за студент кој е финансиран од родител што нема голема плата“, рече Амети.

Автобуски билет од „Еуро Турист“ / фотографија испратена од студентка

Поплаки има и од граѓаните

И граѓаните се незадоволни од цените на автобуските билети. Жител на Куманово вели дека цените се високи.

„Секојдневно се соочувам со потешкотии со јавниот превоз бидејќи за да патувам од Куманово до Скопје билетот ме чини 170 денари, да се издржува семејството и да се има минимални неделни трошоци над 3.000 денари е многу тешко, работам шест дена во неделата и верувам дека ова е голема сума“, рече тој.

Друг граѓанин истакна дека со сегашните цени е исто без разлика дали се патува со автобус или автомобил.

„Секојдневно патувам со мојот личен автомобил, и секој ден се соочувам со несовладливи трошоци. Било да се патува со автобус, било да се патува со автомобил, трошоците се исти. Сметам дека цените на автобусите треба да бидат посоодветни за секој граѓанин, за да ги избегнуваме автомобилите за да нема хаос во сообраќајот“, рече тој.

Властите „немоќни“ да интервенираат

Од Министерството за транспорт нагласија дека не можат да интервенираат во цените на автобуските билети.

„Министерството за транспорт не може да интервенира во цените на билетите и да субвенционира, ниту да одредуваме цени. Ова е пазарно прашање и Министерството има само одговорност автобусите да ги исполнуваат критериумите согласно законот за транспорт“, велат од Министерството за транспорт.

Во оваа насока не може да постапи ниту Државниот инспекторат за транспорт.

„Самите превозници ги одредуваат цените, а ние само проверуваме дали го спроведуваат законот и подзаконските акти кои се должни да ги спроведуваат од моментот на добивање на дозволата за меѓуопштински превоз“, велат од Државниот инспекторат за транспорт.

Не планираат да ги намалат цените

Во врска со овој проблем, Порталб.мк стапи во контакт со компанијата „Руле Турс“, која е одговорна за меѓуградските линии во земјава. Од таму изјавија дека нема да ги намалат цените. Тие дури рекоа дека не се одговорни за цените, но, според горенаведените министерства, тоа е неточно.

„Цените на билетите за релациите кои ги покрива компанијата „Руле турс“ во моментов не планираме да ги намалиме бидејќи покрај дневниот билет го имаме и месечниот билет кој може да се користи секој ден и нуди поволни цени за патниците“, велат од „Руле Турс“.

Исто така, контактиравме и со фирмата „Еуро Турист“ Гостивар, кои ни рекоа дека ќе ни дадат одговор, но одговор во врска со овој проблем не добивме.

Инаку, поскапувањето на автобуските билети за меѓуградските линии првпат започна во февруари 2022 година, додека оттогаш цените се неколку пати зголемени. Граѓаните и студентите постојано се жалат на овој проблем, но до сега не добиле никакво решение.

Анкета на ЕПИ: Граѓаните веруваат дека надворешната политика влијае врз нивниот живот

Голем дел од граѓаните веруваат дека надворешната политика влијае врз нивниот секојдневен живот, но сложеноста на дипломатските преговори, меѓународните договори и стратешките сојузи обично се надвор од секојдневните искуства...