Се шират голем број дезинформации во врска со ураганот „Хелена“, кој ја зафати американската држава Северна Каролина, пренесуваат „Њујорк тајмс“ и „Политифакт“.
Главната „порака“ на повеќето дезинформации е тоа дека соодветните луѓе на власт, дали станува збор за американскиот претседател Џо Бајден, Демократот гувернер на Северна Каролина Рој Купер или конгресменот Тим Мур, не се грижат доволно за лицата погодени од ураганот.
Дури и поранешниот претседател Доналд Трамп лажно тврдеше дека средствата за помош при катастрофи биле пренасочени за сместување на нелегални мигранти и без докази сугерираше дека Демократите не сакаат да им помогнат на жителите од Северна Каролина бидејќи мнозинството од нив гласаат за Републиканската партија.
„Работам со справувањето со природни катастрофи речиси дваесет години и никогаш не сум сретнала волку дезинформации“, рече Саманта Монтано, доцент за управување со вонредни состојби на Поморската академија во Масачусетс.
Дезинформациите може да имаат и катастрофални последици.
Пилот на спасувачка мисија во Северна Каролина Џонатан Хауард тврдеше дека му било забрането да лета со својот хеликоптер и дека шерифот кој не му дозволил да лета се повикал на наредба од конгресменот Тим Мур. Хауард потоа изјави оти бил контактирана од тимот на Мур за да го известат дека Мур никогаш не дал таква наредба. Но, оригиналната објава на Хауард далеку се прошири пред тој да го објави појаснувањето.
Републиканскиот кандидат за гувернер на претстојните избори во Северна Каролина Марк Робинсон тврдеше дека гувернерот Купер „си уживал со богаташи“ во Њујорк за време на ураганот. Купер бил на конференција за климатски промени во Њујорк ден пред да започне ураганот и се вратил во Северна Каролина истиот ден кога започнал ураганот.
Во изминатите денови, Федералната агенција за управување со вонредни состојби (ФЕМА) се бори со лажните тврдења дека краде донации, пренасочува помош за катастрофи во Украина и одбива помош од други. Последното лажно тврдење го ширеше и Илон Маск, сопственикот на социјалната мрежа Х.
Но, имаше повеќе од 700 работници од ФЕМА и над 1.000 персонал на Националната гарда во Северна Каролина. ФЕМА исто така одобри 30 милиони долари за обнова на уништените домови. Речиси 1.700 луѓе беа сместени во хотели преку програмата на ФЕМА.