Тројца браќа под истрага за убиство од одмазда во гостиварско Дебреше

Најпрво настанала физичка пресметка помеѓу еден од браќата и жртвата. По тепачката, осомничениот ги повикал и своите браќа, кои, револтирани, од домовите зеле огнено оружје – калашников и пиштол

-

Основното јавно обвинителство Гостивар донесе наредба за спроведување на истрага против три лица за кои постои основано сомнение дека, како соизвршители, сториле кривично дело убиство.

Според Обвинителството, станува збор за тројца браќа од гостиварското село Дебреше, кои во вторникот од одмазда лишиле од живот свој соселанец.

„Тројцата браќа од селото Дебреше, на 23 јули, со умисла и од безобѕирна одмазда лишиле од живот еден соселанец со кого имале подолготрајни недоразбирања“, соопшти Јавното обвинителство.

На критичниот ден, најпрво настанала физичка пресметка помеѓу еден од браќата и жртвата. По тепачката, осомничениот ги повикал и своите браќа, кои, револтирани, од домовите зеле огнено оружје – калашников и пиштол.

Сите тројца со автомобил „Волво“ со швајцарски регистарски таблички се упатиле кон куќата на оштетениот. Кога го пронашле, пукале кон него и со пиштолот и со автоматската пушка, нанесувајќи му повеќе огнострелни повреди од кои жртвата веднаш починала.

Тројцата браќа по настанот биле задржани во 48-часовен притвор, додека да се извршат сите вештачења.

Со поведувањето на истрагата, доставен е предлог за определување мерка притвор за осомничените, бидејќи, според Обвинителството, постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и основан страв дека ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз евентуалните сведоци.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Студентското собрание на УКИМ со реакција за зголемените трошоци: Образованието мора да остане достапно за сите

Како Универзитетско студентско собрание, ги разбираме предизвиците со кои се соочува Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во справувањето со трошоците. Меѓутоа, сметаме дека најголемиот дел од овие финансиски...