fbpx

Грција: Малку Божик, а многу политика

-

Во Грција продолжува политичката неизвесност и загриженоста во редовите на владата за третото гласање за претседател на државата. Божикните празници за грчката влада минуваат во непрекинати тајни преговори, лобирања и во обид да се присвојат гласови од независните пратеници и од пратениците на опозициските партии, како Независни Грци и Демократска левица.

Сè ќе се реши в понеделник напладне, за кога е и закажано гласањето. Шпекулациите говорат дека владините математики никако не доведуваат до бројката 180 пратеници, кои се неопходни за Ставрос Димас да биде изгласан за претседател. Постои надеж дека на третото гласање ќе се надмине бројката од 168 пратеници, кои во вториот круг го поддржаа Димас, но засега од ниедна страна не се слуша ниту сигурност, ниту гаранција дека Димас ќе биде изгласан. Напротив, како сè поверојатни се споменуваат сценаријата за избори на крајот на јануари или почетокот на февруари.

Во текот на викендот, се очекува ново обраќање на премиерот Андонис Самарас до јавноста и до пратениците. Ова ќе биде неговиот последен обид да ја задржи владата на власт и да убеди 12 пратеници да го поддржат Димас за да се избегнат избори.

Климата на политичка поделеност уште повеќе ја засилуваат шпекулациите дека експремиерот Јоргос Папандреу в понеделник, доколку се случи фијаско со Димас, ќе најави дека го напушта ПАСОК и формира своја партија. Ваквиот чекор ќе значи продлабочување на пропаста што го следи ПАСОК. Од Социјалистичката партија апелираат до Папандреу да размисли добро пред да ја подели партијата, критикувајќи го дека таквиот чекор ќе биде сквернавење на работата на неговото семејство, на Андреас Папандреу како основоположник на партијата.

Според анкетите на јавното мислење, граѓаните се поделени во ставовите дали треба да се избере Димас или да се распишат избори. Резултатите од анкетата за телевизијата „Алфа“ покажуваат дека 57 отсто од испитаниците не сакаат избори во моментов. СИРИЗА и понатаму води со 3,5 отсто пред Нова Демократија.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Матура ќе се полага вo училишни холови, за да не се случи тестаторот да го нема, а учениците да прават селфи

Oколу 600 матуранти од средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ викендов полагаа пробна државна матура. Тие пишуваа есеј кој е задолжителен дел од испитот по мајчин јазик, а импровизираното полагање...