Својата оставка на позицијата претседавач на Советот на Општина Центар, Јана Белчева – Андреевска, вчера ја образложи со тоа дека не сака да биде дел од мнозинството во Општина Центар кое не е подготвено за прогрес и транспарентност, а дозволува назадни, ризични, конзервативни и нетранспарентни процеси. Неодамна се случи градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ и мнозинството во Советот, на кое до вчера му припаѓаше и Белчева Андреевска, да не дозволат за судбината на просторот на некогашната фабрика „Треска“ да решаваат граѓаните и архитектите туку бизнизот.

Зошто поднесовте оставка? Дали случајот со „Треска“ е всушност она што ја прелеа чашата на трпение?

– На таа функција дојдов како носител на листата за советници од СДСМ од граѓанскиот сектор кој состави листа од 43 барања кои влегоа во изборната програма на градоначалникот и ние се договоривме заеднички да работиме на нивно реализирање. Тогаш побаравме Општина Центар да го смени начинот на кој се донесуваат одлуките од сите области од интерес на граѓаните, тоа да биде отчетно и транспарентно, баравме здравјето на граѓаните да биде ставено на пиедестал пред бизнис интересите кои значат профит за малкумина. Случајот со „Треска“ е показател дека градоначалникот нема демократски капацитет бидејќи наместо да му дозволи на Советот на општината да ги носи одлуките, што го предвидува и Законот за локална самоуправа, тој реши да ја превземе целосната контрола и околу одлуките кои се однесуваат на развојот на тој дел на Скопје. Граѓаните бараа решението за фабриката „Треска“ да се бара со нивна партиципативност, а нивен репрезент мора да биде Советот. За жал овој Совет покажа дека во него не седат индивидуи кои имаат сопствени размислувања, дека тој функционира не врз база на програма или идеологија туку одлучува за решенија врз база на лични интереси, и дека поради тоа одлуките на градоначалникот полесно поминуваат, што значи дека не си ја врши својата функција.

Колку локалната самоуправа во вакви околности воопшто може да ги заштити интересите на граѓаните кога видовме дека транспарентноста и граѓанската ориентација изгледа се само лак на површината, кој лесно се отстранува штом малку подлабоко загребете?

– Лакот, како што го нарековте, не би смеел така лесно да се отстранува, ниту рбетот така лесно да се витка ако во Советот седат личности со високи морални вредности и принципи, кои не поклекнуваат на никакви лични интереси.

Да се вратиме на случајот „Треска“. Се плашите ли дека таму бизнис интересите ќе ја надвладеат вољата на мнозинството граѓани кои бараат да живеат во град со хумани димензии и содржини?

– Јас си заминав од седницата на Советот на Општина Центар кога се одлучуваше за фабриката „Треска“ бидејќи предлог одлуката која предвидуваше партиципативност во носењето на одлуката и земањето во предвид на стручни критериуми и анализи на стручните служби не беше прифатена. Она што посебно ме заболе е дека потоа им беше дозволено не на претставниците на граѓаните туку на претставникот на градежната компанија која има бизнис интереси за просторот на Треска, а кој е и сопственик на дел од парцелите на тој простор, да седне во првиот ред до самиот градоначалник и оттука да сугерира на кој начин да се носат одлуки.

Колку ќе издржи мораториумот на ДУП-от за Буњаковец во чии рамки е и решението за просторот на некогашната фабрика „Треска“?

– Мораториумот како одлука е така направен да не може да падне така лесно бидејќи ја донесовме со помош на многу еминентни стручни лица од областа на правото. Тој нема да може лесно да биде оспорен или заобиколен. Прашањето е како тој ќе се спроведува, дали селективно или ќе се имплементираат сите принципи кои треба да бидат запазени при донесување на урбанистички план бидејќи тоа е еден интердисциплинарен процес.

Што му останува на крајот на граѓанинот-да се помири со ваквата реалност која претставува злоупотреба на неговата воља?

-Не мислам дека граѓанинот треба да се помири со тоа. Граѓанинот мора да биде буден, да биде активен и мора да се грижи и да биде свесен кого избира. Нашите можности како граѓани се на изборите да избираме луѓе во кои веруваме, кои ги познаваме и да се погрижиме во Советите да седат луѓе кои се истакнале во областа во која работеле и кои веќе покажале дека имаат интегритет.