Како до остварување на идеалите на генерации идеалисти, луѓе низ целиот свет, кои се бореле или сè уште се борат за слободата на говорот, слободата на изразувањето, слободата на примањето и давањето информации низ слободен интернет простор или по пат на традиционалните медиумски канали?

Како слободен пристап до информациите и како судските казни на навреда и клевета, и по однос на други закони, да не бидат закана за слободата на говорот, а во исто време да бидат брана за злоупотребата на слободата на говорот и на медиумите и нужен степен на заштита на приватноста на секоја личност, вклучувајќи ги и јавните?

Дали медиумскиот простор во земјата се реформираше по состојбата на целосен медиумски мрак и фазата наречена „заробена држава“ особен во периодот по 2011 и до средината на 2016 година?

Како до слободни и моќни медиуми – вистински носители на „четвртата власт“ во државата?

Дел од овие прашања се опфатени во документот за јавни политики што го објавуви Фондацијата „Метаморфозис“ и што можете да го преземете на следниот линк.

По опсежната анализа на состојбите базирани врз строги методолошки правила и по разговорите со експертите, произлегоа следните препораки:

  • Сеопфатна медиумска политика што би содржела стратегија за развој на медиумскиот сектор во услови на конвергенција на традиционалните и дигиталните медиуми и би обезбедила рамноправен пристап на ресурсите во функција на обезбедување медиумски плурализам и заштита од опасностите со злоупотреби на слободата;
  • Политичка волја државата да не става капа врз медиумите и да ги злоупотреби за свои пропагандни цели;
  • Политичка волја да се издвојат доволно средства за субвенција (не директна со пари) на оној тип медиуми што се сметаат за засегнати од економските услови на пазарот или што се занимаваат со теми за локалната самоуправа, ранливи категории, малцински групи, а притоа да не се очекува противуслуга, во смисла на автонцензура или слично;
  • Забрана за какво било рекламирање на централната и локалната власт, како и на државните и јавните претпријатија во комерцијалните медиуми;
  • Чисти законски решенија во кои државата ќе регулира само тоа што треба да се регулира, при што ќе има баланс помеѓу потребата за регулација и прекршоците и казните за медиумите што ќе згрешат при спроведување на основниот закон;
  • Силен јавен сервис, кој ќе ја извршува основната улога да информира и да едуцира на високопрофесионален начин и кој ќе биде независен од центрите на моќ во извршната, законодавната или судската власт;
  • Поттикнување на саморегуацијата и во традиционалните и во современите, дигиталните медиуми;
  • Гарантирање на безбедноста на новинарите, недзволување на принципот на неказнивост за напади врз новинари, како и примена на законските решенија што ќе им гарантираат социјална сигурност во медиумите каде што работат;
  • Подобрување на законските и практичните мерки за што поголема транспаретност на сопствеништвото на медиумите;
  • Уште построги правила за забрана на медиумските монополи;
  • Воздржување од закани со тужби за новинари и медиуми од страна на носителите на власт, избраните или именуваните лица, доколку се незадоволни од медиумското известување;
  • Натамошно подобрување на Законот за граѓанската одговорност за навреда и клевета во казнениот дел, со цел законот да не се доживува како форма на притисок/Дамоклов меч што стои врз главата на медиумите и новинарите;
  • Проширување на листата со носителите на информации од јавен карактер, скратување на времето за добивање одговор, како и зголемување на ефикасноста на решавање на жалбите во втор степен доколку новинарот/медиумот не ја добие бараната информација;

Истражувањето е четврто од петте што се планирани во рамките на регионалниот проект „Западен Балкан и процесот на пристапување во ЕУ: Примена на политичките критериуми“, што го води Центарот за демократска транзиција од Подгорица, Црна Гора.

Проектот е подржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД.