fbpx

Заев порача од протестот: Груевски не одолговлекувај, заврши твоето, оди си!

-

„Дојдовме по нашата иднина. Испраќам конкретна, јасна порака во име на сите нас овде, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, од различни страни на Македонија, од различни граѓански здруженија, сојузи и разни политички партии. Груевски не одолговлекувај и самиот гледаш дека твоето заврши. Оди си! Оди си!“, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на денешниот протест во Скопје.

Тој на почетокот ги замоли присутните граѓани за едноминутен молк за да им оддадат почит на загинатите полицајци во Куманово.

– Се измачивме ние цела деценија да ѝ помогнеме на вистината да излезе на површина. Голема колку што квадратни километри има Македонија. Се излеја вистината низ зборови, а сега извади реки по улиците на Скопје. Ете што може да направи една единица мерка за злостори, за лага, за тортура и за диктатура, олицетворена во еден лик кој ни самиот не си го познава својот одраз во огледалото – истакна Заев.

Тој ги повика присутните со свирежи да го разбудат човекот и да ѝ помогнат на Македонија.

– Кукавички, од позиција на премиер, слушавме колку сурово се пресметувал со неистомислениците, ги праќал во затвор со пиштол во глава, им рушел и затворал објекти, крадел, земал цели парцели, се инсталирал во судството, мразел и преку институциите, се одмаздувал, најдрско и најбезобразно ги погазил Уставот и законите. Груевски се плаши дека ќе било кукавички ако заминел. Зарем не е кукавички ова што го прави, зарем не е кукавички што ја држи во заложништво Македонија. Овој собир покажува дека со волја или без волја, тој мора да замине. Друго решение за кризата нема – рече Заев.

За да се врати демократијата што ја згазија, правдата што ја окупираа, Заев напомена дека овој 17 мај ќе влезе во историјата на слободна Република Македонија.

– Решението за излез е Никола Груевски да поднесе оставка. Веднаш, заедно со Груевски, оставка да поднесат и јавниот обвинител Марко Зврлевски и обинителот Јован Илиевски. Оставки да поднесат и раководните структури на МРТВ. Неопходно е да се постигне политички договор за преодна влада, која ќе има мандат да организира слободни, предвремени парламентарни избори. Ќе мора да се прочисти избирачкиот список, да ги вратиме сите механизми на современа македонска држава. Затоа, порачувам дека дојдовме и не заминуваме додека не ги вратиме мирот, спокојот и достоинството на граѓаните на Макеоднија – истакна Заев.

Тој очекува меѓународната заедница да помогне, но не само со набљудување.

– Истакнувам дека инаетењето на Груевски може да има последици што никој не ги посакува. Затоа, сакам да порачам дека сите невладини организации низ еден разумен и мирен процес ќе ја донесат пресвртницата, во која ќе нема место за насилници. Во очекување на таква разврска на кризата, три и пол месеци повторуваме дека ова зло нема да се повтори. Овој протест испраќа порака дека граѓаните го сакаат тоа. Се обврзувам и гарантирам дека Македонија ќе биде заедничка држава на сите граѓани – рече Заев.

Тој ги соопшти клучните начела врз кои СДСМ ќе ја гради државата:

  • Една држава – едно општество;
  • Мултикултура уште од детските градинки;
  • Фер распределба на доходот;
  • Плати, пензии, социјална помош и даноци прилагодени според примањата на граѓаните;
  • Реформа на судството;
  • Избирање јавен обвинител на непосредни избори или на предлог на опозицијата;
  • Тело кое ќе гарантира независност на медиумите;
  • Демонтирање на комодитетот на власта;
  • Квартална отчетност на владата;

Заев најави и ефикасно здравство без административни сопки, воведување нацонална здравствена сметка, која ќе овозможи во секој момент да се следат трошењата во здравството, образовен систем кој ќе се постави на темели што заедно ќе ги подигнат студентите, средношколците, наставниците и професорите. Тој најави намалување на бројот на предмети во училиштата, а вети и независност на судството, транспарентност и отчетност на политичарите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...