Владина делегација оддаде почит и положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев


       
Скопје, 4 мај, 2018 - 12:38 (META) 

Во рамки на одбележувањето на 115. годишнината од смртта на големиот македонски револуционер Гоце Делчев, денеска, претставници на Владата присуствуваа на панихида и положија свежо цвеќе на гробот во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Владината делегација предводена од премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и министерот за култура Роберт Алаѓозовски пред саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев оддадоа почит кон делото на великанот на македонската борба за самостојност и државност.

„Великанот Гоце Делчев е симбол на македонското револуционерно движење и еден од најистакнатите водачи и идеолози на македонската ослободителна борба од крајот на 19. и почетокот на 20.век. Заложбите на Гоце Делчев и неговите идеали остануваат наша заедничка обврска, да ја сочуваме нашата татковина, интегрирана во напредниот цивилизиран свет, каде, како што рече големиот великан Делчев има место само за „културен натпревар меѓу народите“, се вели во соопштението на Владата.