Последните податоци за девизните резерви заклучно со март, покажуваат умерен пораст од почетокот на 2016 година, наспроти очекувањата за нивно намалување во рамки на октомвриската проекција, информираат од Народна банка.
– Анализата на показателите на адекватноста на девизните резерви покажува дека тие и понатаму се движат во сигурната зона. На девизниот пазар беа остварени стабилни движења, при што дел од нето-продажбата на девизи за потребите на компаниите беше надоместена со повисоката понуда на девизи од менувачкото работење, особено во периодот на католичкиот Велигден. Пораст забележа и понудата на девизи на меѓубанкарскиот девизен пазар, каде што девизниот курс умерено се намали – се вели во соопштението на Народна банка.