!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Турците протестираа пред „Сител“: „Излези Латас, ако имаш образ“


       
Скопје, 11 февруари, 2016 - 14:04 (META) 

Со извиците „Излези Латас“, „Оставка“, „Демократија“, „Излези Ѕинго“, неколку десетици Турци од Македонија протестираа пред теливизија „Сител“ и побараа главниот уредник, Драган Павловиќ – Латас, да даде оставка и да поднесе одговорност за искажаниот говор на омраза во синоќешното интервју со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кому му рече дека „лаже како Турчин“.

Тие побараа Латас да излезе и да им објасни што излажал турскиот народ и го повикаа да се извини за искажаните навреди и за дискредитацијата.

Ердоган Сарач, претседател на Движењето на националното единство на Турците, рече дека се сомнева во искреноста на извинувањето на Латас, дадено во дневникот во 23 часот, и го повика Народниот правобранител да поднесе законски дејства против телевизијата и нејзиниот уредник.

– Искажуваме сомнеж дека тоа извинување не е личен став на новинарот, туку тоа е направено под притисок на други центри на моќ во државата. Очигледно е дека овој човек исполнува туѓа агенда. Оттука бараме од сопственикот на телевизија „Сител“ да се огради од говорот на омраза и да преземе мерки против уредникот кој искажува нетрпеливост и омраза спрема Турците. Бараме и оградување од ВМРО-ДПМНЕ затоа што Латас е нивен трубач и гласноговорник. Особено го повикуваме јавниот правобранител да преземе законски дејства врз телевизијата и уредникот – рече Сарач.

Насобраните граѓани закачија две турски знамиња на еден џип кој беше паркиран пред телевизијата.

– Револтирани сме од ваков однос на еден наводен новинар. Овој медиум режиран од власта мора еднаш засекогаш да престане да навредува и да дискредитира. Овде сме да дадеме поддршка на Трците, но и на сите граѓани. Овој новинар треба да поднесе одговорност ако воопшто има образ – рече еден од присутните.