Судењето за „Тортура“ треба да почне на 28 февруари, но се чека на Апелација


Скопје, 13 февруари, 2018 - 15:16 (META) 

Кривичниот суд Скопје за 28 февруари го закажа првото рочиште од судскиот процес за случајот „Тортура“ на СЈО, во кој на шестмина припадници на единицата „Алфа“ ќе им се суди за апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски за случајот „Кампања“ во 2011 година пред ресторанот „Воденица“ во Скопје.

Предметот, како што може да се види од календарот на судења на веб-страницата на Основниот суд Скопје 1, ќе го води судијката Александра Ристеска.

Сепак, неизвесно e дали судењето ќе почне на закажаниот датум или ќе се одложи.

Имено, Советот за оценка на обвинителен акт во декември само делумно го прифати обвинението за „Тортура“ и одлучи на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков да не му се суди за апсењето на Бошкоски, туку само на шестмината полицијаци, на чело со поранешниот командант на едницата „Алфа“, Ивица Анчевски-Пуки.

Специјалното јавно обвинителство поради ваквата одлука, поднесе жалба до Апелацискиот суд Скопје, кој треба да пресече дали и на Мијалков ќе му се суди во „Тортура“.

Инаку, него и шестмината полицајци СЈО ги товари за кривичното дело мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.

Апелацискиот суд на крајот на ноември, минатата година одлучи прислушуваните разговори да се користат како доказ во судскиот процес за „Тортура“.


Судот одби на Мијалков да му се суди за „Тортура“ на брат Љубе, СЈО најавува жалба


Скопје, 22 декември, 2017 - 16:31 (META) 

Кривичниот суд во Скопје одлучил на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање да не му се суди во случајот „Тортура“ на СЈО, туку само на шестмината припадници на едницата „Алфа“ кои го апсеа лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски за случајот „Кампања“ во 2011 година.

Советот за оценка на обвинителен акт делумно го прифатил обвинението за случајот „Тортура“, односно само во делот каде обвинети се шестмината полицајци, но, не и делот кој се однесува на поранешниот шеф на тајната полиција, потврдија за „Мета“ од СЈО.

Мијалков, како и припадниците на едницата „Алфа“, меѓу кои и поранешниот командир на едницата, Ивица Анчевски – Пуки, се товари за кривичното дело „мачење и друго сурово, неочевечко или понижувачко постапување и казнување“.

Од СЈО велат дека подготвуваа жалба на ваквата одлука на Советот за оценка на обвинителниот акт до Апелацискиот суд Скопје.

Според обвинителниот акт за случајот „Тортура“ Мијалков на 6 јуни 2011 година поради дискриминација по основ на поинаква политичка определба и заради одмазда поради политичките пораки што Бошковски му ги упатил за време на изборната кампања таа година ги навел останатите обвинети да го извршат апсењето со прекумерна употреба на сила.

„…Притоа обвинетиот И.А. издал наредба спрема останатите обвинети полициски службеници со зборовите, „Легнете ги доле, доле, доле да се апсат на земја, на земја да се апси“, „Легни го доле, легни го доле“, по што обвинетите Н.С., Ф.А., П.М., Ј.Б. и М.Ш., со употреба на прекумерна физичка сила, насилно го легнале на земја, удирајќи го оштетениот Б. по нозете и држејќи го за рацете, го малтретирале, застрашувале и навредувале со зборовите “Шефот ми рече, шефот ми рече осум години затвор не ти бегаат“, „Нека лежи ѓубрето“, „Ајде сега нека лае против шефот“, „Пичка ти материна“, „Предавник“, „Ти дојде моментот“, „Дојде моментот да се реванширам“, „Да ти ебам жената“ и други вулгарни зборови и пцовки…, а во тие моменти обвинетиот Н.С. му го ставил и пиштолот на левиот образ, упатувајќи му ги зборовите „бел ден да не видиш“, по што го ставиле пред полски тоалет со лицето кон вратата на тоалетот…“, стои во обвинителниот акт за случајот „Тортура“, и се додава дека Мијалков влијаел кај медиумите често да ги повторуваат снимите од апсењето.


Апелација дозволи „бомбите“ да се користат како докази во „Тортура“


Скопје, 29 ноември, 2017 - 13:07 (META) 

Апелацискиот суд денеска на јавна седница донесе одлука дека прислушуваните материјали во предметот „Тортура“ на Специјалното јавно обвинителство, можат да се користат како докази.

„Тортура“ се однесува на случајот со апсењето на претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, во кој првообвинет е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, а второобвинет е поранешниот командант на „Алфите“, Ивица Антевски-Пуки.

Обвинетите се товарат за мачење и за друго сурово, нечовечко постапување и казнување.


Апелација дозволи „бомбите“ за „ТНТ“ и за „Топлик“ да се користат како доказ


Скопје, 4 ноември, 2017 - 13:03 (META) 

Апелацискиот суд Скопје ги прифати жалбите на Специјалното јавно обвинителство против решението на Кривичен суд, со кое се забранува користењето на „бомбите“ како доказ во случаите „ТНТ“ и „Топлик“.

Првообвинет во „Топлик“ за случајот „Сончев град“ е поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, а предметот „ТНТ“ се однесува на уривањето на станбениот комплекс „Космос“ и провобвинет е поранешниот премиер Никола Груевски.

– Груевски и Јанакиески не можат да бидат жртви на прислушувањето, бидејќи во тоа време биде дел од власта која го вршела масовното следење на комуникациите – истакна вчера пред Апелацискиот суд во Скопје обвинителот на СЈО, Бурим Рустеми, во образложението на жалбите зошто „бомбите“ треба да бидат доказ на суд во случаите „Топлик“ и „ТНТ“.

Одбраната на обвинетите, пак, и понатаму стои на ставот дека „бомбите“ се незаконски докази со кои се нарушува правото на приватност на нивните клиенти.

Советот за оценка на обвинителен акт на Основниот суд Скопје 1, на 27 септември годинава ги одби „бомбите“ како доказ во случаите „Тендери“, „Топлик“ и „Тортура“.


Никола Груевски останува без пасош, „бомбите“ отфрлени како докази во три случаи


Скопје, 27 септември, 2017 - 12:00 (META) 

Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1, не го прифатил барањето на Никола Груевски да му биде вратен пасошот, објави судот на својaта веб-страница. Истовремено, прислушуваните разговори се отстранети од доказниот материјал во три случаи, со образложение дека се незаконски прибавени.

Освен Груевски, пасошите си ги бараа и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, и неговиот шеф на кабинет, Тони Јакимовски. СЈО бараше притвор за Груевски за случајот „Титаник“, но судот му одреди мерки за претпазливост.

Во одлуката се вели дека обвинетиот Груевски, односно неговите адвокати, кои го поднеле барањето за враќање на пасошот, имаат право на жалба до Апелацискиот суд во рок од три дена.

Истовремено, Советот за оценка на обвинителен акт на Основниот суд Скопје 1 решил да ги издвои „бомбите“ од случајот „Тендери“, по обвинението од СЈО. Советот проценил дека телефонските разговори се доказ прибавен на незаконит начин и со кршење на правата и слободите утврдени со Уставот на Република Македонија. Идентична одлука е донесена и за случаите „Топлик“ и „Тортура“.

Случајот „Тендери“ е за малверзации со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“, „Топлик“ – за елитната населба „Сончев град“, а „Тортура“ се однесува на апсењето на Љубе Бошкоски.

Деталната одлука ќе биде деновиве објавена на веб-страницата на судот, но без податоци за идентитетот на судиите што ги донеле одлуките.


Македонија, дел од алијансата против трговијата со опрема за мачење и за смртни казни


Њујорк, 19 септември, 2017 - 14:33 (META) 

Македонија од вчеравечер е членка на меѓународната алијанса за запирање на трговијата со производи кои се користат за извршување смртни казни и за мачење.

Меѓународната група е формирана за време на 72. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации, кое се одржува оваа недела во Њујорк, а на иницијатива на Европската Унија, Аргентина и на Монголија. Во алијансата членуваат 58 држави од светот.

Меѓународниот закон ја забранува тортурата во кои било случаи, но, и покрај тоа во светот сè уште се тргува со алатки кои се користат за смртни казни и за мачење. Тука спаѓаат палки со метални шилци, појаси за електро-шокови, хемикалии за изршување смртна казна и системи за принудно вбризгување кои одат со нив.

– Овие производи служат единстевно за предизвикување ужасна болка и за убивање луѓе. Сега, ние преземаме конкретни акции за запирање на оваа одвратна трговија. Јас сум воодушевена што толку многу земји во светот ја потпишаа оваа декларација и и се придружија на алијансата. Стоејќи заедно, ние демонстрираме решителност дека повеќе нема да ја толерираме оваа трговија – изјави еврокомесарката за трговија, Сесилија Малстром.

Со приклучивањето во алијансата, земјите се обврзуваат на четири конкретни активности: преземање мерки за контрола и за забрана на извоз на вакви производи, опремување на царинските власти за оваа потреба, обезбедување техничка помош за земјите во воспоставувањето и во спроведувањето на законите за забрана на оваа трговија и размена на практики за ефикасни системи за контрола.


ВМРО-ДПМНЕ: Случајот „Тортура“ е политички монтирано обвинение


Скопје, 16 јули, 2017 - 13:30 (META) 

Сите обвиненија што ги поднесе СЈО и сите истраги што беа спроведени, беа политички нарачки и имаа цел да ги урнат угледот и рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиното раководство, изјави Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ на партиска прес-конференција пред СЈО. Тој додаде дека случајот „Тортура“ бил уште еден  „дегутантен пример на политички монтирано обвинение, базирано на погрешни претпоставки и на лажни конструкции“ и дека обвинението за наводната тортура, „односно прекумерна сила врз уапсениот Љубе Бошкоски е смешно и истото претставува пример за политичко инспирирано обвинение заради политичка елиминација“.

– Дека ова обвинение на СЈО е партиска нарачка, која има цел да го урне угледот на ВМРО-ДПМНЕ, докажува записникот за задржување на лице, составен за случајот за апсењето на Бошкоски, каде е констатирано дека задржаното лице нема видливи повреди, дека нема потреба од лекар и нема забелешки. Највпечатливо е тоа што записникот своерачно го потпишале Љубе Бошкоски и неговиот адвокат Љубомир Михајловски – Џанго. Ова е крунски доказ кој ниту СЈО, ниту кој било може да го негира и оспори – рече Костовски.


Судот не одобри притвори побарани од СЈО, се реши за мерки за претпазливост


Скопје, 30 јуни, 2017 - 21:18 (META) 

Основен суд Скопје 1 вечерва ги соопшти одлуките за пет барања од СЈО, со напомена дека за другите ќе се решава и јавноста ќе биде информирана утре. Од петте одлуки соопштени кон крајот на денешниот ден, се гледа дека не е прифатено ниту едно од барањата за притвор, а во некои случаи наместо бараната мерка се изречени мерки на претпазливост.

За барањата решавал Кривичниот совет.

Така, за случајот „Тифани“, СЈО побарало мерки на претпазливот против И.Т. заради сомнение дека затајувала данок, а Кривичниот совет на скопскиот суд го уважил предлогот и одредил обвинетата секој работен понеделник во месецот да се јавува кај надлежно службено лице во Основниот суд Скопје 1 и да ѝ биде одземен пасошот.

За „Тревник“ СЈО побарало мерки за претпазливост против З.П. и С.П., заради  бесправно градење. Судот постапил според барањето и им наложува на обвинетите  секој работен понеделеник во месецот да се јавуваат кај надлежно службено лице во Основниот суд Скопје 1 и да им бидат одземени пасошите.

За случајот „Тотал“, СЈО побарало притвор за Драган Павловиќ-Латас, а судот не го потврдил тоа, туку му изрекол мерки на претапазливост, односно одземање на пасошот и обврска секој работен понеделник во месецот да се јавува кај надлежно службено лице во Основниот суд Скопје 1, како и забрана за вршење работни активности поврзани со кривичното дело.

За барањето од СЈО за случајот „Титаник“, да се определи притвор за Е.А. поради уништување на изборен материјал, судот решил негативно, односно не изрекол притвор.

За случајот „Тортура“, СЈО побарало мерки на претпазливост против И.А., Н.С.,Ф.А., П.М., Ј.Б. и М.Ш. поради сомневање за мачење и за друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување. Судот на обвинетиот И.А. му наредува секој работен петок во месецот да се јавува на надлежно службено лице во Основниот суд Скопје 1 и му забранува да се приближува или воспоставува контакти со жртвата во случајот. Другите обвинети имаат само обврска секој работен петок во месецот да се јавуваат на надлежно службено лице во судот.

Против овие решенија обвинетите имаат право на жалба во рок од три дена од приемот на решението. Жалбите се поднесуваат во Апелацискиот суд.

За другите случаи, судот одлуките ќе ги соопшти утре.


Мијалков пристигна на распит во СЈО


Скопје, 16 јуни, 2017 - 13:06 (META) 

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, денеска пристигна во Специјалното јавно обвинителство каде, најверојатно, треба да даде исказ за некои од случаите за кои го гони СЈО.

Мијалков пристигна околу 13 часот придружуван од адвокатот Љупчо Шврговски, но не сакаше да даде изјава за медиумите пред да влезе во просториите на СЈО.

Засега од СЈО не откриваат за кои слуачи Мијалков е повикан на распит. Тој е осомничен во повеќе случаи на СЈО, меѓу кои „Тортура“, „Таргет“ и „Тврдина“.


Мијалков мина два часа во СЈО, вети изјава „во друга прилика“


Скопје, 4 ноември, 2016 - 15:51 (META) 

Околу два часа траеше распитот на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, во Специјалното јавно обвинителство. Мијалков во СЈО пристигна околу 13.30 часот, а си замина околу 15.30 часот, придружуван од адвокатот Никола Додевски и уште едно лице, најверојатно неговиот телохранител.

Тој ги одмина новинарските екипи кои во голем број го чекаа пред објектот на СЈО, а на нивно инсистирање да даде изјава, само кусо рече „Во друга прилика“.

Од СЈО засега нема официјална информација за кој предмет е повикан Мијалков, но неофицијално се дознава дека тој денеска давал исказ за случајот „Тортура“, односно за апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година.

Мијалков за 24 часа вторпат се појавува пред правосудните органи за случаи што ги води СЈО. Тој вчера заедно со Тони Јакимовски, поранешен шеф на неговиот кабинет, и со Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер во МВР, беше на распит во Кривичниот суд за случајот „Трезор“.

СЈО бара од судот на Мијалков и на другите двајца да им одреди мерки на претпазливост, односно да им ги одземат пасошите. Засега нема информација што одлучила судијката на претходна постапка.