!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Платежните агенции на Македонија и на Хрватска потпишаа меморандум за соработка


Загреб, 7 декември, 2017 - 16:19 (META) 

Директорите на платежните агенции на Македонија и на Хрватска, Николче Бабовски и Матилда Чопиќ, потпишаа нов меморандум за соработка.

„Овој меморандум е важен за Македонија, бидејќи на овој начин двете страни се обврзуваат да соработуваат на техничко и на експертско ниво, преку размена на искуства во делот на моделот на искористување на финансиските средства од европската ИПАРД-програма, моделот на директната финансиска поддршка, како и организацискиот модел на искористување на европските фондови во делот на земјоделството, руралниот развој и рибарството“, се вели во соопштението на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Во рамките на официјалната посета, министерот Љупчо Николовски имал средба со министерот за земјоделство на Хрватска, Томислав Толушиќ, на која што од хрватска страна била понудена експертска помош во однос на зголемување на функционалноста на македонската платежна агенција, нејзино кадровско екипирање, како и за моделот на ефикасна директна поддршка и искористување на парите од европската ИПАРД-програма.

Двајцата министри на билатералната средба разговарале и за можностите за приватни инвестиции, како и за олеснување и за унапредување на трговската размена со земјоделско-прехранбени производи помеѓу двете земји.


Србија очекува следните три дена да се најде решение за проблемот со извозот во Хрватска


Белград, 9 август, 2017 - 13:57 (META) 

Српскиот министер за трговија и туризам, Расим Љајиќ, очекува во следните три дена да биде најдено решение за спорот помеѓу Хрватска и земјите во регионот, поради новиот правилник за увоз на овошје и на зеленчук, што Хрватска го донесе на 15 јули, а со кој значително се зголемуваат трошоците при извоз на свежото овошје и зеленчук.

– Никому не му е во интерес заострување на односите и оваа состојба да трае долго, бидејќи трговските војни на крајот само бројат штети и тука никој не може да профитира – ијзавил Љајиќ за телевизија „Пинк“.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, вчера телефонски разговарал со министерот за земјоделство на Хрватска, Томислав Толушиќ, при што хрватскиот колега покажал интерес за наоѓање решение за настанатиот проблем.

Министрите во регионот одржаа  состанок во Сараево, каде што беа донесени заеднички заклучоци во однос на правилникот од Хрватска.

Тие ја повикаа Хрватска итно да ги укине дискриминаторските одредби од правилникот, а трошоците за инспекцискиот надзор да се сведат на нивната реална висина. Меѓу другото, во заклучоците се наведува дека секоја земја, сè до решавање на проблемот, за да ги заштити сопствените економски интереси, ќе преземе соодветни конкретни мерки и механизми.


Толушиќ до Шаровиќ: Хрватска ќе ги намали таксите за извоз на овошје и зеленчук


Сараево, 8 август, 2017 - 14:57 (META) 

Таксите за извоз на овошје и зеленчук во Хрватска, од земји кои не се во ЕУ, ќе бидат намалени, му соопштил денеска хрватскиот министер за земјоделство, Томислав Толушиќ, на босанскиот министер за надворешна трговија и економски односи, Мирко Шаровиќ.

Како што јавува „Радио Слободна Европа“, сепак, засега не се знае дали Хрватска ќе ги задоволи барањата на земјите од регионот, Македонија, Србија, Црна Гора и БИХ, за таксите да бидат усогласени со европскиот правилник. Одговорот на ваквите барања ќе биде познат на состанокот кој во следните недели ќе се одржи во Подгорица и во Дубровник.

Босанскиот министер Шаровиќ за РСЕ рече дека преговорите со Хрватска продолжуваат и во следните денови, имајќи предвид дека и самиот министер Толушиќ рекол дека „цените на таксите се превисоки“.

И македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска телефонски разговарал со својот хрватски колега Толушиќ, поради зголемените хрватски такси. Толушиќ, како што соопштија од македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, покажал интерес за наоѓање решение за настанатиот проблем.


Николовски телефонски разговарал со Толушиќ за крај на трговската војна со Хрватска


Скопје, 8 август, 2017 - 14:03 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска телефонски разговарал со министерот за земјоделство на Хрватска, Томислав Толушиќ, поради новиот правилник за увоз на овошје и на зеленчук, што Хрватска го донесе на 15 јули, при што значително се зголемуваат трошоците при извоз на македонското свежо овошје и зеленчук.

„Во текот на денешниот ден, министерот Николовски оствари телефонски разговор и со министерот за земјоделство на Хрватска, Томислав Толушиќ, кој покажа интерес за наоѓање решение за настанатиот проблем“, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Николовски бил во постојан контакт со надлежните министри од Република Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, по вчершаниот состанок во Сараево, каде што беа донесени заеднички заклучоци.

Министрите ја повикаа Хрватска итно да ги укине дискриминаторските одредби од правилникот, а трошоците за инспекцискиот надзор да се сведат на нивната реална висина. Меѓу другото, во заклучоците се наведува дека секоја земја, сè до решавање на проблемот, за да ги заштити сопствените економски интереси, ќе преземе соодветни конкретни мерки и механизми.