Судијата Осман Шабани ќе го води случајот „Талир“ за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 14 јануари, 2019 - 10:19 (META) 

Предметот „Талир“ оформен по одобрен обвинителен акт на СЈО согласно АКМИС системот е распределен на понатамошно постапување кај судијата Осман Шабани, информира денеска Основниот суд Скопје 1 – Скопје.

Судијата Осман Шабани ги води предметите „Титаник“, „Топлик“ и повторената постапка за „Монструм“.

Советот за оценка на обвинителен акт при Одделението за гонење организиран криминал и корупција при скопскиот Кривичен суд го одобри обвинението за случајот „Талир“ минатата недела.

Предметот „Талир“ се однесува за незаконското финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиевски, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска.


Кривичниот суд го прифати обвинението за „Талир“


Скопје, 11 јануари, 2019 - 11:32 (META) 

Кривичниот суд во целост го прифати обвинението за случајот „Талир“ на СЈО кое се однесува на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.

„Советот за оценка на обвинителен акт при Одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1, постапувајќи по оценка на обвинителен акт на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите во предметот од обвинителството означен како „Талир” за незаконско финансирање на правно лице – политичка партија, по одржана јавна седница во присуство на странките, донесе решение со кое обвинителниот акт го одобри во целост“, соопшти Кривичниот суд.

По формирање на кривичен предмет по оценетиот обвинителен акт, истиот согласно АКМИС системот ќе биде распределен на судија за понатамошно постапување, а по закажана главна расправа, како што велат од судот, странките и јавноста ќе бидат благовремено известени.

„Што се однесува до вториот обвинителен акт за истиот предмет што се однесува на незаконска изградба, истиот веќе е распределен кај судија за оценка на обвинителен акт и по донесено решение, судот навремено ќе ја информира јавноста“, се наведува во соопштението.

Во случајот „Талир” за незаконското финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиевски, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска.


СЈО поднесе две обвиненија за „Талир“ против Груевски, Божиноски, Јанакиески и Димовски


Скопје, 22 ноември, 2018 - 15:52 (META) 

Специјалното јавно обвинителство соопшти дека поднело две обвиненија во врска со предметот „Талир“, едното за незаконското финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а другото за незаконската изградба на седиштето на партијата.

Обвинението за незаконското финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против поранешниот лидер на партијата, а сегашен азилант во Унгарија, Никола Груевски, потоа за Кирил Божиновски, Миле Јанакиевски, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска како и за политичка партија – ВМРО-ДПМНЕ.

„Обвинетиот Груевски во периодот од 2009 година до 2015 година со злоупотреба на службената положба обезбедувал финансии од анонимни и противправни извори на финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Божиновски и Јанакиевски вршеле притисок на претставници на правните лица кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа истите да обезбедат финансиски средства во готовина за потребите на финансирање на ВМРО-ДПМНЕ како против услуга за добиените јавни набавки и реализираниот профит. Вака обезбедените пари во готовина, Груевски не ги вратил на лицата од кои средствата доаѓале, односно не ги упатил во Буџетот на Република Македонија со што прибавил незаконски средства за финансирање на ВМРО-ДПМНЕ во износ од најмалку 4.608.661 евра“, се вели во соопштението од СЈО.

За да прикријат дека парите доаѓаат од кривично дело Груевски, Божиновски, Јанакиевски и Чингароска, организирале средствата да бидат уплатени на жиро сметката на ВМРО-ДПМНЕ преку готовински уплати на ПП10 уплатници во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците, иако тоа не било случај.

Потоа, Димовски, Чингароска, Ристоски и Јанакиески, како овластени потписници на сметката на партијата иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, ги пуштиле во натамошен оптек со потпишување на налози за плаќање на обврските и купување на недвижен имот за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

СЈО за Груевски, кој е првообвинет во случајот бара притвор, а за Чингаровска обврска да се јавува еднаш неделно во Кривичен суд и привремено одземање на пасош.

Обвинението за изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против Груевски и Божиновски, кои со злоупотреба на службената положба, овозможиле правното лице ДГ „Бетон“ АД Скопје да го изгради седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, иако „Бетон“ имал склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија.

„За реализирање на оваа цел обвинетите ја искористиле состојбата на зависност во која се наоѓала „Бетон“ во однос на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, со оглед дека над 75 отсто од приходите кои ги остварило правното лице во 2011 и 2012 година биле од државни органи, единици на локална самоуправа или јавни претпријатија раководени од функционери на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Обвинетите договориле несразмерна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во однос на обврските кои ги имало „Бетон“, овозможувајќи му да го изгради седиштето на ВМРО-ДПМНЕ кое имало инвестициска вредност од 6.906.231 евра, како и да уплати на жиро сметката на партијата 2.155.668 евра, иако вложувањата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ изнесувале само 815.323 евра“, додаваат СЈО во објаснувањето.

Со ова, обвинетите прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 8.246.576 евра.

И кон ова обвинение исто така поднесен е предлог за определување мерка притвор против првообвинетиот Груевски.

Од СЈО велат дека обвиненијата ги подигнуваат откако воспоставиле надлежност врз предмет преземен од Основно јавно обвинителство Скопје.


СЈО: Замрзнат имотот на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 1 ноември, 2018 - 11:46 (META) 

По барање Специјалното јавно обвинителство, судија на претходна постапка на Основен суд Скопје 1 донесе решение со кое е изречена привремена мерка за обезбедување на имот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, соопштија денеска од СЈО.

Со мерката, која е изречена во рамки на предметот „Талир“ се замрзнати вкупно 69 недвижнини, меѓу кои и објектот во кој се наоѓа седиштето на партијата.

„Со оваа мерка се забранува отуѓување на конкретниот имот како и давање под закуп на истиот. Дејствијата се превземени во рамки на предметот „Талир“, со оглед на тоа што постои веројатност истиот имот да биде отуѓен до завршување на постапката“, велат од СЈО.

Оваа судска времена мерка доаѓа откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека партијата размислува да го продаде седиштето во центарот на Скопје или да го даде под закуп.

Истрагата за „Талир“ се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до крајот на 2015 година, а постои сомнеж за злоупотребени 4,9 милиони евра. Во истрагата осомничени се 14 лица, а меѓу нив е и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Дел од истрагата е и изградба на главното седиште на партијата во Скопје од страна на градежната фирма „Бетон“.


Јанева: Се повлековме од „Талир“ за да не влијаеме на политичката состојба


Скопје, 21 декември, 2017 - 14:38 (META) 

Специјалното јавно обвинителство го повлекло барањето за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ во случајот „Талир“ бидејќи не сакало да влијае на политичката состојба во државата, изјави денеска специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

– Мислевме дека треба да одлучиме на поинаков начин во тој предмет бидејќи не сакавме да влијаеме на политичката состојба и бидејќи тоа барање во Основниот суд Скопје 1 можеме да го поднесеме во секое време. Тоа беше процесно барање што го поставивме, не беше тоа облигаторно, не мораше Врховниот суд да каже дека мора се замрзне имотот на политичката партија. Во овој момент сметаме дека добро напредуваме во таа истрага и во следните три-четири месеци сигурно ќе има епилог и од неа – рече Јанева, одговарајќи на новинарско прашање по конференцијата на проектот „Набљудување на судски предмети од областа на организираниот криминал и корупција според новиот закон за кривичната постапка“, што се одржува во Скопје.

СЈО минатата недела со поднесок до Врховниот суд го повлече барањето за заштита на законитоста со кое бараа да се преиспита основаноста на одлуките на Кривичниот суд со кои беше одбиено нивното барање за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и централното седиште на партијата.

По поднесокот на СЈО, Врховниот суд одлучи да го се отфрли првичното барање за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ.

СЈО во рамки на истрагата за случајот „Талир“, која се однесува на незаконското финансирање на партијата, побара замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ. Иако ова обвинителство не успеа да ја затвори истрагата до истекувањето на крајниот рок за покревање обвинение, од СЈО соопштија дека ќе продолжат да испитуваат како партијата се стекнала со толкав имот. Под истрага беа 11 лица, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски.


ВМРО-ДПМНЕ: Дејствувањето на СЈО е израз на стравот на СДС дека губи на изборите


Скопје, 18 септември, 2017 - 19:09 (META) 

Секогаш кога на СДС му е потребно дефокусирање од реалните теми и скандали, се активира алатката СЈО, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на изјавата дадена на обвинителка од СЈО, Ленче Ристовска, во врска со случајот „Талир“.

„СЈО покажа дека е продолжена рака на СДС, чија единствена цел е политичка борба со ВМРО-ДПМНЕ. Дејствувањето на СЈО е израз на стравот на СДС дека губи на изборите и ова е начинот на кој сакаат да го одвлечат вниманието. Нема да успеат затоа што се провидни и затоа што граѓаните ќе го казнат ваквото самоволие“, стои во партиското соопштение.

Ристовска денеска по седницата во Врховниот суд изјави дека со замрзнувањето на имотот на ВМРО-ДПМНЕ (седиштето на партијата) би се ставило забрана за раководните лица во партијата да не можат тој имот да го продадат и со тоа да нанесат дополнителна штета на политичката партија.

Седницата беше по повод барањето на СЈО, Врховниот суд да ја прогласи за незаконита одлуката на Кривичниот суд со која беше одбиен нивниот предлог за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ во случајот „Талир“.


Врховен ја одложи за понеделник седницата за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 14 септември, 2017 - 13:53 (META) 

Врховниот суд денеска го разгледа барањето на Специјалното јавно обвинителство за заштита на законитоста за пресудата за шестообвинетиот во случајот „Пуч“, Звонко Костовски, но од технички причини ја одложи за понеделник седницата на која требаше да се расправа за барањето за заштита на законитоста во однос на случајот „Талир“, во кој двапати беше побарано замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ.

Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи, која беше придружувана од Ленче Ристовска, по седниците изјави дека во случајот со спогодбата на Звонко Костовски не постои кривично дело шпионажа, за кое тој е осуден. Таа истакна дека не може некој да биде осуден за кражба, а притоа да не се знае што е украдено ниту, пак, кому му припаѓа.

Обвинителките, исто така, соопштија дека СЈО засега нема информации дали некое од 17 поднесени обвиненија е прифатено или не.


СЈО поднесе 17 обвиненија, „Талир“ ќе почека


Скопје, 29 јуни, 2017 - 12:49 (META) 

Специјалното јавно обвинителство поднесе 17 обвиненија за 18 предмети, против 94 физички и седум правни лица, соопшти денеска специјалната обвинителка Катица Јанева, додавајќи дека за овие предмети се обезбедени цврсти докази.

Таа истакна дека временскиот рок за истражување не бил доволно долг за да може сите материјали да се истражат, особено имајќи предвид дека СЈО било формирано на 15 септември 2015 година, а работело само 10 месеци.

Јанева рече дека обвинение не е поднесено единствено за случаите „Талир“ и „Табла“, додека случаите „Таргет“ и „Тврдина“ се споени во еден предмет. Таа истакна дека поради краткиот временски рок и големата обемност на случајот „Талир“, не е поднесено обвинение, но дека ќе продолжат да работат и изрази уверување дека ќе отворат обвинение и за тој случај.

– СЈО ќе ја продолжи истрагата за предметот „Талир“, за незаконското финансирање на партија. Временските рокови кои ни беа ставени на располагање не ни дозволија да преземеме истражни дејства за да може истражната постапка да заврши – рече Јанева, додавајќи дека откако ќе се истражат сите дејства со случајот, треба да се извршат вештачења од независни вештаци што ќе ја утврдат фактичката состојба.

На прашање зошто СЈО не го отвори случајот „Монструм“, Јанева рече дека очекува Советот на јавни обвинители да го достави до СЈО за да се одлучи дали ова обвинителство е надлежно за предметот.

– Поради несоработката, не сме биле во можност да продолжиме со работата која е во наша надлежност. Има многу предмети за кои можеби требало да бидат отворени. Но, јас го одредувам ритамот на СЈО. Јас не одлучив да го отворам и „Скопје 2014“, во кој се загрозени правата на сите граѓани на Македонија – рече Јанева.

Таа истакна дека 1 јули не значи крај за работата на СЈО, затоа што мандатот на обвинителството е пет години и нагласи дека ќе продолжат да се договараат со институциите како ќе се постапува по овие нови случаи. Таа, сепак, изрази надеж дека ќе се укине членот 22 од Законот за СЈО, со кој се ограничува периодот до кога СЈО може да отвора нови истраги.

Јанева истакна дека сите предмети треба да се процесираат по итна постапка и дека има повеќе барања за притвор, меѓу кои и за „лидер на политичка партија“ и додаде дека судот за нив ќе треба да одлучува во рок од 24 часа.


СЈО за утре најави прес-конференција, се очекуваат нови обвиненија


Скопје, 28 јуни, 2017 - 15:08 (META) 

Специјалното јавно обвинителство најави прес-конференција за утре во 12 часот не прецизирајќи за што конкретно ќе станува збор.

Сепак со оглед на тоа дека рокот за поднесување на обвиненија на СЈО истекнува за два дена, се очекува на утрешната прес-конференција од ова обвинителство да соопштат за кои од отворените истраги ќе поднесат обвиненија.

На последната прес-конференција на СЈО на 22 мај обвинителките соопштија дека се отворени три нови истраги „Талир“ – за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, „Траекторија“ – за кинеските провизии за автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид и „Тревник“ – за викендички во Зелениково кои биле изградени незаконски.

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева во изминатиот период неколку пати побара од Собранието да го продолжи рокот за поднесување обвиненија.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев најави дека парламентарното мнозинство оваа недела ќе ги поднесе измените на Законот за заштитени сведоци и на Законот за СЈО, за продолжување на рокот за поднесување на обвиненија.


Котевски: Побарав увид во доказите на СЈО, ако воопшто ги има


Скопје, 12 јуни, 2017 - 13:10 (META) 

Директорот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, денеска не дал исказ во Специјалното јавно обвинителство за случајот „Талир“, во кој е еден од осомничените. Тој, како и претходните функционери на ВМРО-ДПМНЕ што во петокот беа повикани во СЈО, побарал увид во доказниот материјал.

– Не знам зошто сум осомничен. Денеска се договоривме, во некој од наредните денови да извршиме увид во доказниот материјал и во списите, ако воопшто ги има – рече Котевски.

Тој истакна дека од тоа што можело и претходно да се види, а и сега, СЈО продолжува да биде партиска експозитура на СДСМ.

– СДСМ и Зоран Заев имаат големи обврски кон граѓаните, што произлегуваат од нивните ветувања, но наместо да ги исполнуваат, тие ја дефокусираат јавноста преку нарачки до СЈО за гонење исклучиво на функционери на ВМРО-ДПМНЕ – рече Котевски.

Прашан каде е лидерот на партијата, Никола Груевски, директорот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ не одговори конкретно. Тој рече дека во СЈО дошол лично, на покана, а околу прашањето за Груевски додаде дека ќе имаат информација како партија во текот на денот.