Фото: Архива на Мета.мк

Кривичен суд Скопје денеска порача дека сите политички чинители мора да ја почитуваат независноста на судството, инспириран од партиските реакции за случаите како „Талир“, коишто се однесуваат на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Судот порача дека одлуките за замрзнување имот не ги носат судиите-поротници, туку Кривичниот совет. Истовремено, се нагласува, судијата-поротник Митко Сандев, ги исполнува условите за таа позиција.

„Наместо навредливото етикетирање на судството како „Луј Витон“, „Сваровски“,Трас-трас-судство…“ кое изминативе години доаѓа од различни политички структури, потребно е да се покаже поголема почит кон правосудскиот систем генерално, бидејќи навреда на Третата власт, е и навреда на граѓаните на РСМ кои се претставувани во судските постапки преку судиите поротници, а колку се важни граѓаните упатува и фактот дека нивниот глас е еднаков со гласот на судијата при носењето на одлуките“, се вели во реакцијата од Кривичен суд Скопје.

Инаку, предметот „Талир“ се однесува за незаконското финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиевски, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска.

Кривичниот суд – Скопје порачува дека постапува независно, непристрасно и неселективно без разлика дали како обвинет или оштетен се јавува сегашен или поранешен функционер, лице кое ужива висок социјален статус во општеството, бизнисмен, доктор, професор, пензионер, невработен граѓанин и слично, и побара од сите странки во постапката, но и од „самопрогласените експерти“, да се воздржат од давање на неточни и тенденциозни коментари кои штетат на угледот на судот, но и на самите странки во постапките.

Притоа, се вели во реакцијата, за заборава дека не носат одлуки судиите-поротници, туку Кривичниот совет, и тоа не е во надлежност на претседателот на судот.

„За да не се шират невистини, појаснуваме дека судија-поротник не учествува во носење на одлука за замрзнување на имот, односно привремена мерка за обезбедување на имот, бидејќи таквата одлука е во надлежност на Кривичниот совет и се носи во совет од тројца судии, без учество на судија-поротник. По однос изборот и разрешувањето на судиите-поротници, јавноста треба да знае дека тоа е исклучива надлежност на Судскиот совет, а не на Претседателот на судот“, се вели во реакцијата од Кривичен суд – Скопје.

Во случајот за кој пишуваа некои медиуми, од Кривичниот суд велат дека судијата-поротник Митко Сандев ги исполнува условите за таа позиција, и така ќе биде сè додека Судскиот совет не констатира спротивно.

Оттаму додаваат дека откако констатирале дека Сандев наполнил 60 години, веднаш го известиле Судскиот совет, но сè додека не биде разрешен тој ќе ја обавува функцијата судија-поротник.

„Станува збор за веќе воспоставена судска пракса, така што доколку овој поротник не биде разрешен од Судскиот совет, тоа не би преставувало исклучок како што се сака да се престави во јавноста“, се вели во реакцијата.