Поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска е ослободена од обвинението за предметот познат како „Тендери“, а поврзан со проектот „Скопје 2014“.
Судот тврди дека обвинителството не докажало дека обвинетите го сториле делото. Во овој предмет Канческа-Милевска беше обвинета од поранешното Специјално јавно обвинителство за злоупотреба на функцијата при изградбата на Скопје 2014.
Канческа-Милевска беше обвинета во случајот „Тендери“, бидејќи, според обвинителниот акт, без почитување на Законот за јавни набавки и без спроведување на јавно наддавање склучила договор со изведувач за дополнителни градежни активности на Музејот на ВМРО. Тендерот бил во корист на градежната фирма АД „Бетон – Штип“, а со овој договор буџетот бил оштетен за еден милион евра. За истото дело, злоупотреба на службената положба, беа обвинети и Јулијана Угриновска и Лидија Лазарова Цветковска, членови на комисијата за јавни набавки, кои заедно со поранешната министерка беа ослободени од обвинението.
Процесот го водеше судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението беше јавниот обвинител Стевчо Дончев кој најави жалба до Апелација. Овој предмет е во судска процедура речиси шест години, и неколку пати до сега почнуваше од почеток.