Руско МНР за Стратегијата за Западен Балкан: Нашиот став не е „Со нас или против нас“


Москва, 9 февруари, 2018 - 10:42 (META) 

Русија не гледа никакви пречки во развојот на односите со земјите кои сакаат да станат членки на Европската Унија и кон нив не пристапува по принципот „со нас или против нас“, изјави вчера на прес-конференција портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова прашана за коментар на Стратегијата на Европската комисија за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, меѓу кои е и Македонија.

Захарова не сакаше да ја коментира Стратегијата, посочувајќи дека првин „треба да ја проучат“, а потоа ќе ги „споделат проценките“.

– Што се однесува до нашите односи и со земјите од Западен Балкан и со земјите од Европската Унија тие имаат суштинска вредност за нас. Ние ги развиваме односите со овие држави, како и со интегративните асоцијации во кои тие припаѓаат – рече Захарова, одговарајќи на прашањето како руското МНР ја оценува Стратегијата на Европската комисија и какво влијание ќе има таа на односите на Москва со земјите од овој регион и со Европската Унија.

Таа истакна дека позицијата на Русија секогаш била јасна по ова прашање.

– Ние, се разбира, тргнуваме од членството во ЕУ и соодветните обврски на земјите од Унијата, и се залагаме за хармоничен развој во неколку правци, како во билатералниот формат, така и во формат на Унијата. Што се однесува до оние змеји кои не се членки на ЕУ и го разгледуваат нивното членство или поблиска интеракција со Европската Унија, не гледаме никакви пречки во развојот на односите со нив и никогаш не го поставивме прашањето „со нас или против нас“. Ние секогаш сме за усогласување на овие односи. Ние веруваме дека практиката и искуството покажуваат дека таквиот пат е можен – изјави Захарова.


Димитров: Искривено решение за името нема да биде решение


Стразбур, 7 февруари, 2018 - 20:37 (META) 

Ако има искривено решение за името, тоа нема да биде решение, изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров по 14. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет „Република Македонија – Европска Унија“, во Стразбур, на кој шефот на македонската дипломатија имаше свое обраќање.

– Зборував за реформите и за добрососедските односи. Кажав дека самиот европски проект е роден со цел да се реши проблем, да се намалат анимозитети меѓу соседи и многу е важно оваа шанса да ја види и нашиот сосед Грција. Имавме дебата со европратеници од Грција, меѓудругото и таа порака ја упатив да го искористиме овој процес да научиме како да станеме сојузници во иднина, бидејќи тоа значи нашето зачленување во ЕУ – еден ден Грција ќе ни биде сојузник, треба да сака да ни биде сојузник, исто како и ние што треба да сакаме таа да ни биде сојузник. Зборував се разбира за разликата околу името, како е важно и кај нас и кај нив да има прифатеност, бидејќи ако има искривено решение, тоа нема да биде решение – рече Димитров.

Во однос на Стратегијата на Европската комисија за Западен Балкан, Димитров изјави дека „сакаме во јуни да добиеме политичка препорака за почеток на преговори“.

– Ако Македонија не добие политичка одлука за почеток на преговори тоа ќе биде голем проблем за амбицијата оваа 2018 да биде европска година за Балканот и тоа го знаат и во Брисел, тоа го знаат и земјите-членки, и затоа е многу важно да се создаде контекст кој ќе ни помогне да ја отвориме таа врата – изјави шефот на македонската дипломатија.


Свилановиќ: Западен Балкан веднаш да го искористи поттикот од ЕУ


Сараево, 7 февруари, 2018 - 15:33 (META) 

Стратегијата на Европската Унија за Западен Балкан уште еднаш ја подвлече важноста на регионалната соработка и добрососедските односи како главен елемент за напредокот на земјите кон нивниот европски пат и мора да се направат клучни промени и да се искористи моментот, порача денеска генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС), Горан Свилановиќ.

– Клучните промени мораат да дојдат од нас, од регионот, бидејќи ние сме творци на нашата сопствена иднина. Нашата задача е веднаш да го искористиме овој позитивен потстрек, настојувајќи да ги решиме билатералните и мултилатералните спорови и уште поинтензивно да работиме на развојот на нашиот регион – вели Свилановиќ.

Со Стратегијата на ЕУ се предвидува постојните спогодби и обврски на земјите од Западен Балкан да станат оперативни, пред се преку примената на Повеќегодишниот акциски план за развој на економскиот простор што го подготви РСС, а кој беше усогласен и прифатени од лидерите на земјите на самитот во Трст во јули 2017 година.

Свилановиќ додава дека РСС ќе продолжи да ги подржува земјите од регионот во нивните настојувања и дека ќе настојува активностите што се договорени со владите од регионот да се спроведуваат.

РСС е оперативно тело на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, чиј основач и полноправен член е и Република Македонија. РСС на самитот во Трст меѓу ЕУ и Западен Балкан доби значителна улога во координацијата и спроведувањето на регионалната интеграција и поттикнување на економиите.


СДСМ: Стратегијата на ЕУ покажа дека Македонија направила значителен напредок


Скопје, 7 февруари, 2018 - 9:47 (META) 

Стратегијата за Западен Балкан и за проширувањето на Европската унија е уште една добра вест за Република Македонија, порача денеска владејачката СДСМ.

„Македонија направи значаен напредок во својот европски пат, со што се потврдува успешноста на политиките на Владата предводена од СДСМ во спроведувањето на реформскиот процес. Изразената подготвеност на Европската комисија да даде препорака за почеток на преговорите за членство, врз основа на исполнети услови, се признаение за напорите на Република Македонија и претставуваат охрабрување за дополнителни резултати во клучните области“, стои во соопштението на СДСМ.

Партијата вели дека напредокот на Македонија во процесот на интеграција е заеднички успех на целата држава, на институциите, политичките партии, заедниците и на сите граѓани на Република Македонија и претставуваат дополнителен мотив за уште попосветено спроведување на реформскиот процес.


Заев: Подготвени сме за географска одредница, а аеродромот – Меѓународен аеродром „Скопје“


Скопје, 6 февруари, 2018 - 18:16 (META) 

На денешната седница, Владата на Република Македонија донесе одлука автопатот Е-75 да го именува „Пријателство“, а скопскиот аеродром, да се нарече „Меѓународен аеродром Скопје“, соопшти премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата со евроамбасадорот Самуел Жбогар во Владата.

– Ние сме подготвени за географска одредница. Но, одлучивме секоја идеја што ќе доведе до можност за договор да биде разгледана, односно за тоа дали симболите ќе бидат МК, МКД… Другото секако би било процесот на преговори да продолжи под покровителство на ОН со преговарачот Метју Нимиц, но ќе настојуваме за средби на секое ниво, и се што може да помогне кон изнаоѓање решение, мора да го искористиме.  Дискутираме и меѓусебно, меѓу институциите и меѓу политичките партии за решавање на овој проблем – рече Заев.

Тој вели дека има консултации и со опозицијата за решавање на спорот со Грција, што, како што рече, нема да дојде лесно, но притоа мора да се води грижа и за јужниот сосед.

– Јас сум оптимист, но нема да биде лесно. Не очекувавме да биде лесно, но посветени сме. Јас верувам дека ако водиме грижа за јужниот сосед, и тие водат грижа за нас, и може да се дојде до решение, притоа почитувајќи го идентитетот – рече Заев и потенцираше дека со премиерот Ципрас станале лични пријатели и се надева дека тоа ќе прерасне во пријателство на народите на двете земји.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, порача оти  Европската комисија гледа напредок во Македонија во изминатите неколку месеци и се подготвува да даде препорака за почеток на преговори за пристапување кон ЕУ.

– За ЕУ добрососедските односи се вредност и во Стратегијата за регионот тоа во повеќе точки е кажано. Во стратегијата се вели дека пред некоја земја да се приклучи, мора да ги реши односите со соседите и границите. Ние ги охрабруваме потезите на оваа влада. Првин беше договорот со Бугарија, а сега се работи на отворените прашања со Грција, Во минатите месеци се создаде подобра атмосфера и прва средба меѓу двајцата премиери. Ние гледаме со интерес и се надеваме дека двете земји ќе најдат решение што ќе го отвори патот кон ЕУ, но и ќе ги смени односите во овој дел од светот – рече евроамбасадорот.

Според Заев, Стратегијата е заеднички успех на сите политички партии и на сите граѓани.

– За граѓаните на Република Македонија ова е потврда за нашите напори и реформски процеси што ги започнавме. Ова е заеднички успех на сите заедници, политички партии, сите граѓани. Ова е истовремено поттик за удвојување на напорите во сите клучни области опфатени во стратегијата. Уште еднаш ги повикувам и пратениците во Собранието и претседателот и опозицијата и сите институции на системот активно да се вложиме во реформите. Ова е вистинска причина да продолжиме по патот по кој тргнавме како држава – рече Заев.


Европската десница ја поздрави Стратегијата на ЕК за Западен Балкан


Брисел, 6 февруари, 2018 - 16:27 (META) 

Претседателот на европската десница Жозеф Дол денеска ја поздрави „долгоочекуваната“ Стратегија за Западен Балкан и порача дека Европската народна партија (ЕПП) останува посветена на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, но истовремено очекува од нејзините партнери да ги исполнат реформите што ги презеле за доброто на својот народ и регионот во целина.

Сепак, тој во изјавата додава, дека „за жал многу од актуелните лидери во регионот заземаат сосема поинаква насока од онаа што ја бара ЕУ”.

„Земјите од Западен Балкан се наши најблиски партнери и географски се веќе внатре во границите на ЕУ. ЕПП останува подготвена и посветена да ја поддржи нивната интеграција во ЕУ и да им помогне во нивниот реформски пат. Но, останува уште многу работа“, вели Дол.

Дол нагласува дека имплементацијата на неопходните реформи и решавањето на отворените билатерални спорови останува јасен предуслов за членство во ЕУ.

„Змејите од Западен Балкан мора, исто така, да продолжат со борбата против корупцијата, почитувањето на владеењето на правото и воспоставување на независен правосуден систем. Само тогаш нивните економии ќе се стаблизираат, привлекувајќи нови инвестиции, создавајќи нови работни места и просперитет за нивните граѓани, особено младите“, вели претседателот на ЕПП.


Жбогар: Охрабрувачки се преговорите со Грција, се надеваме на успешен крај


Скопје, 6 февруари, 2018 - 16:17 (META) 

Добрососедските односи се еден од принципите на Европската Унија и сите билатерални прашања на земјите мора да се решат пред нивниот влез во Унијата, истакна денеска шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар по презентирањето на Стратегијата за Западен Балкан на Европската комисија во Стразбур.

– Владата повторно започна преговори со Грција. Тоа е охрабрувачки, добро е што има дијалог. Се надеваме дека процесот ќе има успешен крај. Ние не сме дел од преговорите кој се води под покровителство на Обединетите нации, но ги охрабруваме двете страни да постигнат решение – рече евроамабсадорот и додаде дека Договорот со Бугарија е многу важен затоа што Македонија по неговото потпишување има голем пријател во ЕУ.

Жбогар истакна дека Македонија, според Стратегијата, има направено значителен прогрес во имплементирање на реформите. На прашањето дали бојкотот на опозицијата во Собранието ја оддалечува Македонија од европскиот пат, Жбогар рече дека важно е да има национален консензус за прашањата и дека е потребна поддршка во реформите.

– Опозицијата треба да учествува во Собранието и таму да ги донесува одлуките. Сите политички субјекти мора да бидат вклучени како и граѓанското општество чии препораки се многу важни. Има потенцијал да се остварат овие цели – вели Жбогар.

Тој потенцираше дека 2018 е клучна година затоа што е последна од мандатот на еврокомесарот Јоханес Хан, затоа што Бугарија и Австрија претседаваат со Унијата и затоа што ниту Македонија, ниту Грција немаат избори и политичарите можат полесно да донесат одлуки.

Според него, 2025 година како датум за проширување е мошне амбициозен, но и потенцијален и рече дека сè ќе зависи од самите земји врз основа на нивните заслуги.

– Ќе треба и ЕУ да се смени, да стане посилна за да стане поголема, а земјите од Западен Балкан ќе треба да ги реализираат реформите. Сега не постои ниту една земја од регионот која е подготвена веднаш да влезе во Унијата, мора нешто драматично да се случи. Во стратегијата има апел до лидерите веднаш да започнат со преземање на акции – вели Жбогар.


Могерини и Хан: ЕУ ќе прима нови членки, ако си ја сработат домашната работа


Стразбур, 6 февруари, 2018 - 15:24 (META) 

Албанија и Македонија прават значителен напредок на европската патека и Европската комисија е подготвена да даде препораки за отворање на преговори за зачленување, врз основа на исполнети услови, беше кажано денеска во Стразбур.

Стратегијата предвидува зголемување на ЕУ до 2025 година, за оние што ќе ги исполнат условите од членот 49 од Спогодбата за Европската унија, вклучувајќи ги и критериумите од Копенхаген.

– Следните месеци ќе бидат пресвртни за ЕУ и за изборот на иднината на ЕУ, како иднината на Европа. ЕУ потенцијално ќе има нови членки, не е врзана на сегашната бројка од 27 и ќе има повеќе, но очигледно ова бара иста решеност и одлучност кај нашите партнери во регионот – порача високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност и заменик претседателка на европската комисија, Федерика Могерини на денешната презентација Стратегијата за Западен Балкан на Европската комисија во ЕУ парламентот во Стразбур.

Таа порача дека првите шест месеци на 2018 година може да бидат решавачки за сите, а бараат конзистентност, храброст и решителност, за да може сите земји од Западен Балкан да влезат во ЕУ, каде што припаѓаат, уште во нашата генерација.

– Стратегијата ја поддржува агендата со шест конкретни иницијативи, кои ги покриваат сите области: Владеење на правото, безбедност и миграции, социо-економски развој, транспорт и енергетска поврзаност, дигитална агенда и помирување и добрососедски односи – рече Могерини, посочувајќќи дека има конкретни активности што се предвидени за регионот меѓу годинава и 2020 година.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан пак порача дека годинава е историска можност за регионот, кој од сите страни граничи со членки на ЕУ.

– Можам само да додадам дека ова е историска можност за регионот, кој припаѓа на регионот, кој е опкружен од членки на ЕУ, и единствено логично е да има ЕУ перпспектива за сите земји во регионот – рече тој, појаснувајќи дека тоа значи оти сите во регионот мора да бидат заинтересирани да работат на ЕУ-перспективата и да се поддржуваат едни со други.

– Би можело една од земјите да се приклучи. Тоа е амбициозно, но можно само ако сите услови се исполнети. Ова е позитивен момент за ЕУ перспективата на 6 земји. Условите сепак мора да се исполнат. Членките на ЕУ нема да прифатат земја што не ги прифатил проблемите – рече Хан.

Само во 2018 година, за Западен Балкан се предвидени 1,07 милијарди евра како претпристапна помош, како надоврзување на речиси девет милијарди евра дадени во периодот 2007-2017 година.

– Многу работа е пред нас, ние ги поплочавме сите патеки, ова е позитивен момент и дава оптимизам и мотивација, но секој мора да ја сработи домашната работа и ние од ЕУ мора да ја сработиме домашната работа – рече Хан.