fbpx

Заев: Подготвени сме за географска одредница, а аеродромот – Меѓународен аеродром „Скопје“

-

На денешната седница, Владата на Република Македонија донесе одлука автопатот Е-75 да го именува „Пријателство“, а скопскиот аеродром, да се нарече „Меѓународен аеродром Скопје“, соопшти премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата со евроамбасадорот Самуел Жбогар во Владата.

– Ние сме подготвени за географска одредница. Но, одлучивме секоја идеја што ќе доведе до можност за договор да биде разгледана, односно за тоа дали симболите ќе бидат МК, МКД… Другото секако би било процесот на преговори да продолжи под покровителство на ОН со преговарачот Метју Нимиц, но ќе настојуваме за средби на секое ниво, и се што може да помогне кон изнаоѓање решение, мора да го искористиме.  Дискутираме и меѓусебно, меѓу институциите и меѓу политичките партии за решавање на овој проблем – рече Заев.

Тој вели дека има консултации и со опозицијата за решавање на спорот со Грција, што, како што рече, нема да дојде лесно, но притоа мора да се води грижа и за јужниот сосед.

– Јас сум оптимист, но нема да биде лесно. Не очекувавме да биде лесно, но посветени сме. Јас верувам дека ако водиме грижа за јужниот сосед, и тие водат грижа за нас, и може да се дојде до решение, притоа почитувајќи го идентитетот – рече Заев и потенцираше дека со премиерот Ципрас станале лични пријатели и се надева дека тоа ќе прерасне во пријателство на народите на двете земји.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, порача оти  Европската комисија гледа напредок во Македонија во изминатите неколку месеци и се подготвува да даде препорака за почеток на преговори за пристапување кон ЕУ.

– За ЕУ добрососедските односи се вредност и во Стратегијата за регионот тоа во повеќе точки е кажано. Во стратегијата се вели дека пред некоја земја да се приклучи, мора да ги реши односите со соседите и границите. Ние ги охрабруваме потезите на оваа влада. Првин беше договорот со Бугарија, а сега се работи на отворените прашања со Грција, Во минатите месеци се создаде подобра атмосфера и прва средба меѓу двајцата премиери. Ние гледаме со интерес и се надеваме дека двете земји ќе најдат решение што ќе го отвори патот кон ЕУ, но и ќе ги смени односите во овој дел од светот – рече евроамбасадорот.

Според Заев, Стратегијата е заеднички успех на сите политички партии и на сите граѓани.

– За граѓаните на Република Македонија ова е потврда за нашите напори и реформски процеси што ги започнавме. Ова е заеднички успех на сите заедници, политички партии, сите граѓани. Ова е истовремено поттик за удвојување на напорите во сите клучни области опфатени во стратегијата. Уште еднаш ги повикувам и пратениците во Собранието и претседателот и опозицијата и сите институции на системот активно да се вложиме во реформите. Ова е вистинска причина да продолжиме по патот по кој тргнавме како држава – рече Заев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...