!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Полицијата спречи самоубиство на жена која сакала да скокне од зграда во Охрид


Охрид, 11 октомври, 2017 - 13:17 (META) 

Екипа на охридската полиција утрово спречила самоубиство на 41-годишна жена, која сакала да скокне од петтиот кат на зграда во Охрид.

Како што соопшти СВР Охрид, полициската акција траела околу еден час, во зграда во изградба на крстосницата од улиците Туристичка и Абас Амин, по што жената безбедно била спуштена до приземјето на зградата и предадена на екипа на итната медицинска помош.

Случајот бил пријавен околу 10.55 часот, од жител на Охрид кој ја забележал жената.

Во акцијата учествувале четворица полицајци. Двајца од нив почнале разговор со охриѓанката, додека, во меѓувреме, двајцата нивни колеги внимателно дошле до жената и ја оттргнале од работ на неоградената тераса на петтиот кат од зградата.

За случајот и за полициската интервенција бил известен и јавен обвинител.


Австрија: Уапсено едно лице осомничено за планирање на терористички напад во Виена


Виена, 21 јануари, 2017 - 10:33 (META) 

Австриската полиција вчера уапсила едно лице, осомничено дека подготвувало терористички напад во главниот град на земјата, Виена, соопшти полицијата, јавуваат светските медиуми.

Министерот за внатрешни работи на Австрија, Волфганг Соботка, изјави дека станува збор за 18-годишен мигрант, кој имал австриско државјанство. Тој додал дека има индиции дека осомничениот планирал да го изврши нападот од радикално-исламистички мотиви.

Осомничениот бил уапсен, откако специјалните полициски сили извршиле претрес во стан во Виена, а по добиени информации од странски разузнавачки служби.

Соботка изјавил дека момчето било надгледувано неколку дена.

„Нашите полициски сили успеаја за кратко време да го уапсат осомничениот и да превенираат потенцијален терористички напад во главниот град Виена“, изјавил Соботка, пренесува „Би-би-си“.

Во тек е истрага која треба да утврди дали осомничениот е поврзан со некоја исламистичка група.

Полицијата издала предупредување до граѓаните да бидат внимателни на јавните места.