Могерини и Хан го потврдија приемот на известувањето за новото име на Македонија


Брисел, 15 февруари, 2019 - 16:13 (META) 

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини, и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан соопштија дека го примиле известувањето од Република Северна Македонија за новото име и упатија честитки и до Скопје и Атина за постигнатиот напредок.

„Денеска Европската Унија беше формално известена од Република Северна Македонија за нејзиното ново име, по стапувањето на сила на Преспанскиот договор. Срдечно го поздравуваме овој историски чекор, којшто поставува пример за помирување во регионот на Западен Балкан и пошироко. Им честитаме на Хеленска Република и на Република Северна Македонија за ова значајно постигнување, со коешто се отвора нова страница во нашата заедничка иднина во ЕУ“, порачаа Могерини и Хан.


Кацин: Компромисот на Македонија и Грција во регионот треба внимателно да се проучува


Скопје, 14 февруари, 2019 - 10:46 (META) 

Без разрешување на сите билатерални спорови нема да има понатамошно проширување во Западниот Балкан, во изјава за „Јуропиан Вестерн Балканс“ порачува Јелко Кацин, постојан претставник на Словенија во НАТО и поранешен известувач во Европскиот парламент за Србија и Црна Гора.

Одлуката Република Северна Македонија да го смени името е резултат на историски политички договор, нагласува тој.

– Тоа е политички компромис што треба внимателно да се проучува од другите земји во регионот што се уште не ги разрешиле сите билатерални проблеми со соседите што избија по распаѓањето на поранешна Југославија  – вели Кацин.


Сите рокови за Република Северна Македонија: Што и до кога треба да се промени (инфографик)


Скопје, 14 февруари, 2019 - 8:32 (META) 

Промената на таблата на граничниот премин со Република Грција е првиот чекор што го направи државата кон целосна промена на уставното име во Република Северна Македонија.

Според меѓуресорската група задолжена за извршување на обврските од Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција, роковите за целосна промена на името се движат од 3 дена па до се до пет години од отворањето на релевантното ЕУ поглавје.


Уставните измени стапија на сила, од вчера сме Република Северна Македонија


Скопје, 13 февруари, 2019 - 9:17 (META) 

Преспанскиот договор од вчера и официјално е на сила и почнува остварувањето на неговите одредби, со што и Македонија го смени своето име во Северна Македонија. Владата исто така го промени нејзиното име во Влада на Република Северна Македонија.

Како што објасни Владата, вчера во „Службен весник“ е објавен Преспанскиот договор, а на сила се и уставните амандмани, од 33. до 36. како и Уставниот закон за нивното спроведувaње. Уставните амандмани беa изгласани пред повеќе од еден месец, на 11 јануари.

Една од првите работи што ќе се направат е поставување табла со името „Република Северна Македонија“ на граничниот премин „Богородица“. Церемонијата ќе почне во 14 часот.


Владината зграда утрово без натписот „Влада на Република Македонија“


Скопје, 11 февруари, 2019 - 10:32 (META) 

Владината зграда осамна без натписот „Влада на Република Македонија“. Тој е отстранет од објектот на владат, најверојатно вчера.

На местото на главната зграда каде што беа буквите „Влада на Република Македонија“ сега е само фасадата премачкана со бела боја таму каде што претходно беа буквите, но јасно се чита дека до сега таму стоел натпис.

Пред главната зграда сега течат подготовки за церемонија за кревање на НАТО знамето, откако Македонија во средата го потпиша Пристапниот протокол.

Се очекува денеска да почне промената на натписите и таблите на државните органи и Собранието.

Денеска треба да бидат поставени и првите табли со „Северна Македонија“ на граничните премини, а првиот ќе биде граничниот премин „Богородица“, главниот премин на границата со Грција.


Денеска се поставува првиот натпис со „Северна Македонија“, отстранети буквите на Владата


Скопје, 11 февруари, 2019 - 9:31 (META) 

Натписот „Влада на Република Македонија“ веќе е отстранет од фасадата на владината зграда, и се очекува наскоро на неговото место да се постави натпис „Влада на Република Северна Македонија“.

Се очекува денеска да почне промената на натписите и таблите на државните органи, и Собранието.

Денеска треба да бидат поставени и првите табли со „Северна Македонија“ на граничните премини, а првиот ќе биде граничниот премин „Богородица“, главниот премин на границата со Грција.


„Северна Македонија“, во употреба, најверојатно, од 15 февруари


Скопје, 30 јануари, 2019 - 15:38 (META) 

Новото име на државата, „Република Северна Македонија“, во официјална употреба најверојатно ќе влезе на 15 февруари. Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски за „Мета“ потврди дека одлуките кои произлегуваат од Преспанскиот договор ќе стапат во сила 7 дена откако Грција ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО, а Грција, пак, најверојатно ќе го ратификува протоколот на 8 февруари.

„Во симболичен гест, грчката влада најверојатно ќе биде првата земја која ќе го ратификува Протоколот за пристап на Северна Македонија во НАТО, бидејќи цели тоа да го стори до 8 февруари, тврдат извори блиски до темата“, објави вчера „Еурактив“.

Владата на вчерашната седница формирала меѓуресорско тело за имплементација на обврските од Преспанскиот договор.

„Со одлуките поврзани со имплементацијата на одредбите од Преспанскиот Договор се предвидува сет од мерки и активности што треба да ги преземе Владата на РМ, како и сите други органи на државната управа и сите државни институции, а кои произлегуваат од усвоените амандмани на Уставот на Република Македонија и кои ќе стапат на сила 7 дена по влегувањето во сила, односно веднаш после ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО од страна на Република Грција, и кои ја регулираат употребата на новото уставно име согласно амандманите“, соопшти Владата.

Според Владата, во предвидениот рок ќе треба да се изврши промена на таблите на граничните премини, на дипломатско-конзуларните претставништва и на влезовите на сите државни институции, јавни претпријатија и претпријатија во државна сопственост

– Се разбира, тоа нема да се случи преку ноќ, но ќе почне да се спроведува во предвидениот рок – појаснува Бошњаковски.

Истата постапка Владата ќе им препорача да ја спроведат и единиците на локална самоуправа, а секторите и службите за односи со јавноста на државните и јавните институции „добиваат насоки за употреба на уставното име согласно усвоените амандмани“.

Од 8 февруари, односно од грчката ратификација на Протоколот за пристап во НАТО, почнува да течат и петгодишните рокови за впишување на „Северна Македонија“ во сите официјални документи, вклучувајќи ги и пасошите и личните карти. Документи со новото име, според Преспанскиот договор, ќе се издаваат при редовна замена на важечките, но најдоцна во рок од пет години од стапување на сила на спогодбата.


Јункер, Могерини и Хан го поздравија ратификувањето на Преспанскиот договор


Брисел, 25 јануари, 2019 - 15:03 (META) 

Со заедничка изјава, претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, високата претставничка за заедничка надворешна политика Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ја поздравија ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент.

„Со радост го поздравуваме најновиот клучен чекор во ратификацијата на Преспанскиот договор, со денешното гласање во грчкиот парламент.

Од самиот почеток Европската Унија силно го поддржуваше историскиот договор потпишан од премиерите Ципрас и Заев, по преговорите под покровителство на ОН. Беа потребни политичка храброст, лидерство и одговорност од сите страни за да се разреши еден од најдлабоките спорови во регионот. Двете земји ја искористија оваа уникатна можност која поставува пример за помирување во Европа како целина и ќе даде дополнителен поттик на Европската перспектива на регионот.

Додека со радост ги исчекуваме следните процедурални чекори што ќе доведат до целосно спроведување на договорот, можеме со сигурност да кажеме дека Атина и Скопје заедно испишаа нова страница на нашата заедничка иднина во ЕУ“, гласи изјавата на Јункер, Могерини и Хан.


Во Солун се делат „некролози“ за Македонија


Солун, 25 јануари, 2019 - 12:35 (META) 

Малубројни противници на Договорот од Преспа денеска во Солун, пред Министерството за Македонија и Тракија, на минувачите им делеа „некролози“ со името „Македонија“, изразувајќи го на тој начин својот протест против, како што велат „предавството кон грчка Македонија“.

„Денеска ја погребуваме Македонија“ стои во текстот, а како потписници се „Мајка Грција, децата Македонки и Македонци“.

Во 14.30 часот денеска грчкиот парламент треба да гласа за ратификација на Договорот од Преспа, со што тој официјално ќе стапи на сила, а Македонија со направените уставни измени ќе добие ново официално име за севкупна употреба – Северна Македонија.

Инаку, исто како и во Солун денеска, и на протестите против ратификцијата на Преспанскиот договор и уставните измени во македонското собрание се делеа „некролози“ за Македонија, во кои се обвинуваа македонските политичари и пратеници дека ја предале Македонија.

Во Македонија и претходно се правеа „некролози“ – по жестокиот говор на тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски пред Државната изборна комисија (ДИК), кога остро нападна некои амбасадори дека премногу се мешаат во внатрешните работи на Македонија, на интернет се појавија некролози на тогашните два дена откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, одржа говор пред Државната изборна комисија, во кој истакна дека некои амбасадори почнале премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата. На тоа реагираа САД и ЕУ, како и македонските дипломати.


Бугарски и српски медиуми предвреме ѝ го сменија името на Македонија


Скопје, 14 јануари, 2019 - 14:20 (META) 

Известувајќи во саботата и вчера за гласањето во македонското Собрание со кое се прифатија четирите уставни амандммани, со што, меѓудругото, македонските пратеници ја прифатија промената на името на Република Македонија, голем број медиуми и некои новински агенции во соседните Бугарија и Србија, пишуваа во насловите и во дел од текстовите дека Македонија од петокот вечерта и официјално е преименувана, односно го носи името – Северна Македонија. Истите констатации – дека Македонија веќе носи ново име – се среќаваат и во голем дел од текстовите што се однесуваат на реакциите на водечките фигури од Македонија, Грција, ЕУ и НАТО.

Но, како што е познато од Уставниот закон, кој исто така беше изгласан, како и од Преспанскиот договор, амандманите ќе стапат на сила и новото име на Македонија ќе стане официјално име на државата откако во грчкиот парламент ќе биде ратификуван Договорот од Преспа, со што тој ќе стане официјален, а потоа за тоа ќе биде известена Организацијата на обединетите нации (ООН).

Српскиот и бугарскиот медиумски пазар во деновите на викендот изобилуваа со наслови од типот „Од вчера Северна Македонија“ или „Нашиот сосед стана Северна Македонија“. Еден српски медиум дури направи невидена рокада во насловот, па новото име го напиша како „Северна Република Македонија“.

Дел од медиумите во Србија и Бугарија и во насловите и во текстовите соодветно информираа уште од изгласувањето на уставните промени и напоменуваа дека македонскиот парламент го прифатил новото име или дека се изгласани уставните амандмани со кои ќе сеќе смени името, и објаснуваа дека името на земјата ќе биде сменето откако Грција, односно тамошниот парламент ќе го ратификува договорот од Преспа и тој ќе стапи на сила.