fbpx

ВМРО-ДПМНЕ бара Македонија повеќе да не биде мултиетничка држава

ВМРО-ДПМНЕ ја прифаќа тезата на власта Уставот да се промени според примерот на Хрватска и да се додадат Бугарите, но под услов да се промени мултиетничкиот карактер на државата

-

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ од утринава на два пати испрати јавна порака дека тие се за промена на Уставот по моделот на Хрватска со што ќе се додадат Бугарите како предуслов за напредување во евро-интеграциските процеси. Но, оттаму бараат притоа македонскиот Устав да претрпи и подлабоки промени, па по моделот на Хрватска, земјата наместо мултиетничка да стане еднонационална, или како што тие велат „унитарна“.

Портпаролката и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, на прес-конференција посочи дека тие ги прифаќаат тезите на власта за промена на Уставот по моделот на Хрватска.

„Оваа држава, Република Хрватска, е земја членка на ЕУ па оттука и промената на Уставот по т.н хрватски модел за ВМРО-ДПМНЕ е сериозно применлив и прифатлив. Затоа, испраќаме јавна понуда до власта при промена на нашиот устав да го примениме хрватскиот модел во целост во однос на преамбулата“, рече Митева.

Според неа, со тоа земјата ќе го промени мултиетничкиот карактер на државата и ќе е држава на македонскиот народ во која припаѓаат националните малцинства.

Според ВМРО-ДПМНЕ, преамбулата треба да изгледа вака:

Република Македонија се воспоставува како национална држава на македонскиот народ и држава на припадниците на националните малцинствата: Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и др., кои се нејзини државјани, на кои им се гарантираат исти права со тие на македонскиот народ и остварување на националните права, во согласност со демократските норми на Организацијата на Обединети Нации.

Понатаму Митева цитира само дел од преамбулата на сегашниот Устав на Република Северна Македонија, кој е изваден од контекст:

Граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите

Всушност, во целосниот текст на преамбулата на Уставот има многу повеќе содржина:

Тргнувајќи од историското културно, духовно и државно наследство на македонскиот народ и од неговата вековна борба за национална и социјална слобода и за создавање својадржава, а посебно од државно-правните традиции на Крушевската република и историските одлуки на АСНОМ и уставно-правниот континуитет на македонската држава како суверена република во Федеративна Југославија, од слободно изразената волја на граѓаните на Република Македонија на референдумот од 8 септември 1991 година, како и од историскиот факт дека Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија, а со цел:

– Република Македонија да се конституира како суверена и самостојна и како граѓанска идемократска држава;

да се воспостави и изгради владеењето на правото како темелен систем на власта;

– а се гарантираат човековите права, граѓанските слободи и националнатарамноправност;

– да се обезбеди мир и сожителство на македонскиот народ со националностите оиживеат во Република Македонија и

– да се обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот изаедничкиот живот.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека се подготвени да разговараат „сите националности кои се забележани во последниот попис да бидат дел од националните малцинства“, но како што велат, бараат Македонија да биде унитарна држава без да образложат повеќе детали што тоа точно значи.

„Ваков модел, во оваа форма ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија е подготвена веднаш да поддржи, без никакви условувања“, велат оттаму.

Утринава, опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение до јавноста ги испрати истите пораки, велејќи дека со ваквата промена на уставот, Македонија ќе била држава на еден народ и на малцинствата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...