!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Шесте оставки ДИК ги доставила до Собранието, Срцев и Бонева ќе ги однесат сами


Скопје, 12 декември, 2017 - 15:43 (META) 

Шесте оставки на членовите на Државната изборна комисија (ДИК) поднесени вчера и денеска, односно тие на претседателот Александар Чичаковски, потпретседателот Реџеп Прекопуца, Атанас Урумов, Виолета Дума, Игор Милев и Субхи Јакупи се веќе доставени во архивата на Собранието, дознава „Мета“ од извори во ДИК.

Според информацијата што ја добивме, членовите на ДИК предложени од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева и Сашо Срцев, најавиле дека самите ќе ги достават оставките до Собранието, за разлика од нивните колеги .

Сè до моментот кога Собранието ќе ги констатира оставките, ДИК ќе продолжи да работи според своите ингеренции.


Прифатено обвинението за „Титаник 2“, на обвинителна клупа Мијалков и Тачи


Скопје, 7 декември, 2017 - 10:04 (META) 

Советот за оценка за обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1 го прифатил обвинението на СЈО за предметот „Титаник 2“, во врска со изборни нерегуларности.

Во случајот обвинети се поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, членот на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Срцев, како и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими и Анета Стефановска и Влатко Сајковски.

Советот не го прифатил предлогот за злоупотреба на службената положба да одговараат и петте судии од Управниот суд. Претходно судскиот совет им го одзеде имунитетот на управните судии Билјана Никодиновска-Петровска, Лидија Ивановска, Благородна Рангелова, Анета Џигерова и Газмент Фејзула, кој ги штитеше од кривична одговорност.

Предметот „Титаник 2“ се однесува на местење резултати на локалните избори во 2013 година. Според „бомбите“ што ги објави опозицијата, Мијалков и Тачи се договарале за гласање во однос на поднесени приговори до ДИК.

Апелацискиот суд одлучи прислушуваните разговори да бидат употребени како докази во постапката.


ДИК: Неправедно сме обвинети, ама ќе ги донираме парите од екстра платите


Скопје, 5 декември, 2017 - 16:20 (META) 

Државната изборна комисија на денешната седница донесе заклучок дека одлуката за исплата на надоместоци за членовите и за вработените во ДИК за локалните избори е донесена во согласност со Изборниот законик и со правилникот за работа.

ДИК исто така одлучи секој од вработените и членовите во ДИК индивидуално да одлучи за враќање во буџетот или донирање на добиениот надоместок. Претседателот Александар Чичаковски ја задолжи стручната служба сите донесени одлуки да ги објави на веб-стрницата.

Заклучокот беше донесен едногласно, со 9 гласа „за“ и ниту еден против или воздржан.

Речиси сите членови на Комисијата за време на расправата рекоа дека одлуката за надоместок била законска, но и оправдана со нивните обврски и прекувремените работни часови.

Виолета Дума од СДСМ рече дека од распишувањето на изборите до денеска Комисијата била во постојано заседание и за празници и за викенди.

– Одлуката за надомест е донесена исклучиво во согласност со законот, што значи дека е легална. Надоместот се добива врз основа на трудот, видот, стручноста и квалитетот на ангажираноста. Јас и колегата Игор Милев ќе ги донираме парите или ќе ги вратиме во буџетот за да им се најдат на тие што пожелеа да ни ги земат нам, но тоа не значи дека не ги заслужувам, ги заслужувам во целост – рече Дума.

Субхи Јакипи од ДУИ рече дека можеби надоместот бил висок, но дека не е фер тој воопшто да не добие надоместок затоа што тоа ќе значи дека неговиот труд не се цени. Тој додаде дека вработените во ДИК за време на изборите не знаат „кога е ден кога е ноќ“.

– Изразувам зачудување од покажувањето со прст кон ДИК како школски пример за корупција – рече Сашо Срцев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека за одлуката гласал затоа што била законски донесена.

– Дезинформација е ДИК дека зема дневници и други додатоци бидејќи тие не се предвидени во законот. Зар е нужна таква дискредитација кога се знае дека добро сме ја завршиле работата. Спремен сум и да ја дадам својата оставка ако е направен каков било чекор спротивен на Изборниот законик. Сум донирал повеќепати, сум донирал и цела плата за поплавите, сум донирал и за цркви и за болни и изнемоштени, ќе ги донирам и овие четири плати или ќе ги вратам во буџетот – рече Срцев.

Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, нагласи дека одлуката е целосно законита и оправдана. Тој рече дека не постои правна основаност да се отповика веќе донесената одлука и, како и неговите колеги, рече дека ќе ги врати парите во буџетот или ќе ги донира.


Апелација денеска ќе ја соопшти одлуката дали „бомбите“ за „Титаник 2“ ќе станат докази


Скопје, 22 ноември, 2017 - 10:30 (META) 

Апелацискиот суд Скопје денеска треба да ја соопшти одлуката дали „бомбите“ ќе се користат како докази во предметот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за изборни нерегуларности „Титаник 2“.

На јавна седница во скопскиот Апелациски суд, СЈО ги изнесуваше своите аргументи зошто снимките од прислушуваните разговори треба да бидат вклучени како докази во „Титаник 2“.

Станува збор за две снимки од разговори, од кои во едниот, кој се водел меѓу поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, и Мендух Тачи, се слуша како тие се договараат за гласање по однос на приговори на изборите во ДИК.

Одбраната на обвинетите и обвинетите Мијалков, Тачи, како и поранешниот член на ДИК, Бедредин Ибраими, сегашниот член на ДИК, Сашо Срцев, како и петтемина судии од Управниот суд, не дојдоа на вчерашната јавна седница.