Саем на книгата на „Македоника Литера“ во Струмица


Струмица, 4 јуни, 2018 - 11:12 (META) 

Во Струмица од утре до четврток, на платото пред Центарот за култура „Антон Панов“ ќе се одржи саем на книгата организиран од издаваштвото „Македоника литера“.

На оваа изложбено-продажна манифестација, од 10 до 20 часот во секој од трите дена ќе се продаваат изданијата на „Македоника литера“ од повеќе области и жанрови.

Утре со почеток во 12.30 часот, во фоајето на Центарот за култура „Антон Панов“, ќе биде промовирана најновата книга на истакнатиот македонски писател за деца Киро Донев „Било и се скрило“. Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на четириесетина книги за деца, од кои осум се во издание на „Македоника литера“. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици.


Триесетото издание на Саемот на книгата почнува утре во „Борис Трајковски“


Скопје, 2 мај, 2018 - 13:43 (META) 

Од утре до 9 мај во ВИП Арена „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи 30. јубилејно издание на Саемот на книгата 2018, на кое ќе се претстават 70-тина издавачки куќи од Македонија и од регионот, односно Србија, Црна Гора, Косово, Албанија.

Саемот се организира под покровителство на Министерството за култура.

Во Промотивниот центар на саемот секој ден од утре до затворањето, ќе се одвиваат различни настани, промоции, дружби со автори, семинари.

Во рамките на Саемот издавачките куќи ќе нудат свои изданија со попусти до 70 отсто.

На барање на Скопски Саем, ЈСП Скопје воведе две нови автобуски линии во периодот на одржување на саемот од различни краеви на Скопје со број 100/1 и 200/1 кои ќе водат до “Борис Трајковски”.

Работното време на Саемот е од 10 до 20 часот, а цената на билетите за влез е 30 денари.