Агенцијата за храна и ветеринарство го започна мониторингот за птичји грип


Скопје, 15 ноември, 2017 - 18:29 (META) 

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од денеска почнува со мониторинг на птичји грип преку земање крв од домашна живина и диви птици што е пракса секоја година.

По последниот случај на појава на болеста во февруари 2017, во Македонија досега не е регистриран нов случај на авијарна инфлуенца.

Од втори ноември годинава АХВ воведе забрана за увоз на живина, производи од живина и нус-производи од животинско потекло од регионот на Добрич, Бугарија, каде беше констатирана појава на птичји грип. Забраната на осми ноември беше проширена и за регионите на Кливен и Хасково.

Како што велат од АХВ, контролите на граничните премини се засилени, но досега нема вратени пратки од регионите за кои важи забраната.


Заразата со птичји грип во Струшко е потенцијална закана за луѓето, сметаат од „Еден“


Скопје, 7 февруари, 2017 - 12:51 (META) 

Наспроти информациите што кружат во јавноста дека птичјиот грип А(Х5Н8) кој го има во Струшко не е опасен по здравјето на луѓето, сепак заразата е потенцијална закана, информираат од здружението за заштита на животните и на животната средина „Еден“.

– Постојат ретки документирани случаи на пренесување на инфекција со сличен тип на птичји грип на човек во минатото и не може да се исклучи веројатноста од заразување на човекот со истиот овој вирус – се вели во соопштението на „Еден“.

Оттаму потсетуваат дека пред неколку години имаше пандемија од свински грип, а стапката на смртност надминува 50 проценти кај луѓето заразени со птичји грип.

Птичји грип е утврден во струшкото село Мороишта и досега се уништени најмалку 3.000 единки живина.


Птичји грип регистриран во Македонија, соопшти АХВ


Скопје, 30 јануари, 2017 - 16:11 (META) 

Агенцијата за храна и ветеринарство регистрирала присуство на високозаразната болест авијарна инфлуенца (птичји грип), тип АХ5Н8, кај живина во стуршкото село Мороишта, соопшти денеска на прес-конференција директорот на агенцијата, Зоран Поповски.

Според Поповски, вирусот е опасен за живината, но не се пренесува кај луѓето и во ниту еден случај не може да претставува закана за нивното здравје.

– Првиот случај е детектиран на 27 јануари, по активен надзор на живината спроведен на терен и е потврден со лабораториските анализи извршени на Факултетот за ветеринарна медицина. Веднаш пристапивме кон протоколот за справување со болеста птичји грип и тоа во самото жариште. Се уништи целокупната живина, нештетно се отстрани и се изврши комплетна дезинфекција – рече Поповски.

Тој соопшти дека на сила се неколку мерки и прогласени се две заштитни зони под надзор, каде на терен се уништува целата живина и производите од живина. На терен се активни 30 четиричлени тимови.

За сите животни што ќе бидат уништени, одгледувачите ќе добијат соодветна финансиска отштета од буџетот на Република Македонија. Угинатите животни нема да се исплаќаат, а непријавувањето на болеста од страна на одгледувачите е кривично дело и е казниво со закон.

– Апелираме за максимална кооперативност од локалното население бидејќи се работи за вирус што многу брзо се шири кај живината и може да направи големи економски штети – вели Поповски, кој како симптоми кај живината, ги посочи високата смртност и пад на несивоста.


Во Бугарија се шири птичји грип, заразени 55 фарми


Софија, 14 јануари, 2017 - 16:39 (META) 

Вирусот Х5Н8, попознат како птичји грип, се проширил на 55 живинарски фарми во Бугарија. Ова го соопшти министерката за земјоделство на Бугарија, Десислава Танева, и најави дека денеска ќе бидат уништени 130.000 птици.

Со тоа бројот на уништени птици во Бугарија ќе се зголеми на околу 430.000 откако вирусот првпат е регистриран во средината на декември.

Вирусот најмногу ја погоди областа околу Пловдив, соопшти Танева, која истакна дека досега се уништени околу 300.000 птици, најголемиот дел од нив патки.

– Во Бугарија птичјиот грип во последните години се забележуваше генерално кај дивите птици. Ова е првпат да имаме толкава епидемија на домашните фарми – рече Танева.

Бугарските власти воведоа зона на карантин околу заразените фарми. Исто така, воведена е и забрана за трговија со живина и за лов на дивеч, а потрошени се повеќе од половина милион долари во уништување на птиците за да се спречи ширење на заразата.


Во Словенија е регистриран прв случај на вирусот птичји грип


Марибор, 4 јануари, 2017 - 17:43 (META) 

Во местото Прагерско на североистокот на Словенија, потврден е прв случај на птичји грип во таа држава.

Во соопштението на словенечкото министерство за земјоделство се наведува дека со птичји грип биле заразени лебеди кои биле угинати и извлечени од езерото кај Прагерско, на 25 километри од Марибор.

Словенечките медиуми јавуваат дека се работи за прв случај на птичји грип по неколку години.


Птичји грип се појави на северот на Франција


Париз, 28 ноември, 2016 - 16:41 (META) 

Вирусот птичји грип H5N8, кој е пронајден во повеќе европски земји и беше причина за уништување на повеќе илјади птици, викендов е пронајден кај 20 диви патки на северот на Франција, соопшти француското министерство за земјоделство.

Вирусот годинава првпат е регистриран во ноември на фарма во Германија, а потоа во Данска и во Шведска.

Птичјиот грип, кој е забележан на југот на Франција на почетокот од годинава, доведе до застој во производството на живинарски производи и до воведување ограничувања во извозот. Засега вирусот не е регистриран кај луѓе.


АХВ ги засили мерките за борба против птичји грип


Скопје, 24 ноември, 2016 - 13:55 (META) 

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) го подигна нивото на внимателност по информациите дека во Германија, Данска, Холандија, Унгарија, Австрија, Хрватска и во други земји во регионот е регистрирано присуство на птичји грип.

АХВ испратила допис до ветеринарните друштва за пријавување евентуална зголемена смртност кај живината во одгледувалиштата или за угинати птици преселници.

„Птичјиот грип задолжително се пријавува и затоа апелираме во најкраток можен рок, до надлежното ветеринарно друштво или официјален ветеринар на Агенцијата, да се пријави секоја зголемена смртност на живината на одгледувалиштата“, се вели во соопштението на АХВ.

Имајќи предвид дека станува збор за болест која има специфичен начин на ширење, односно најчесто преку птиците преселници, од АХВ на одгледувачите на живина и на ветеринарните друштва им дале насоки кои биосигурносни мерки треба да се преземат на фармите и какви мерки за заштита треба да преземат категориите лица кои се изложени на ризик, зашто од болеста заболуваат птиците, но и луѓето.

 


Германија е четврта земја во Европа каде е регистриран птичји грип


Берлин, 24 ноември, 2016 - 10:31 (META) 

Птичји грип е потврден на една фарма во Долна Саксонија, каде што ќе бидат заклани 16.000 мисирки поради сомнеж дека се заразени, соопштија официјалните лица.

Вирусот е потврден во Клопенбург, Северна Германија и ова е прв случај во регионот кој е еден од најголемите производители на пердуви во Европа, соопшти министерството за земјоделство во Долна Саксонија.

Во последните неколку седмици, присуството на овој вирус е потврдено во уште неколку европски држави, но и во Израел.

Некои од тие држави издале наредби за држање на живината на затворено и подготвиле други санитарни мерки заради спречување за ширење на оваа болест.

Случаи на птичји грип забележани се на живинарските фарми во Германија, Унгарија, Австрија и во Данска.


Албанија го забрани увозот на живина од ЕУ поради птичји грип


Тирана, 23 ноември, 2016 - 20:22 (META) 

Албанија привремено го забрани увозот на живина од земјите на Европска Унија кои пријавиле случаи на птичји грип.

Министерството за земјоделство на Албанија денеска забрани увоз на пилешко месо од Австрија, Хрватска, Данска, Германија, Унгарија, Полска, Холандија и од Швајцарија, односно од земјите кои пријавиле слуачи на птици заразени со вирусот птичји грип.

Албанија, но и други европски земји, имаа епидемија на птичји грип пред десет години.