Нов случај на птичји грип е детектиран во населеното место Градец, Виница, каде што како миленици се одгледувале фазани, пауни, лебеди и потполошки, информира Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), врз основа на направен лабораториски наод од Ветеринарниот институт при Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје. Oваа болест се пренесува од птиците на луѓето со близок контакт со заразени птици.
Поради големиот потенцијал за инфекција кај луѓето, се препорачува лицата кои работат со или се во контакт со живина за која постои сомневање дека е заразена со оваа болест да носат лична заштитна облека која вклучува и маски за лице, заштитни очила, ракавици и чизми.
„Болеста е потврдена по угинување на неколку фазани и пауни, по што заради сузбивање и спречување на ширење на болеста, под надзор на официјален ветеринар, убиени и нештетно отстранети се 55 птици. На одгледувалиштето спроведени се и мерки за чистење, дезинфекција. Земени се и примероци за дополнителни лабораториски тестирања“, информираат во АХВ.
Авијарната инфлуенца е зооноза и од неа првенствено заболуваат птиците, но, можат да заболат и луѓето. Во населените места Градец, Лески и Виница во општина Виница околу одгледувалиштето каде е потврдена болеста, ветеринарните друштва спроведуваат попис на сите одгледувалишта на живина, вклучувајќи ги одгледувалиштата на водни птици и гулабарници. Овде на сила е забрана на движење на живината и други птици во и од одгледувалиштата, освен ако се движат кон кланица по претходно одобрение од официјален ветеринар.
„Наредени се мерки за затворање на живината и другите птици во одгледувалишта/живеалишта, за да бидат изолирани од контакт со други птици и живина или диви птици. Наложени се и мерки за следење на движењето на живината и другите птици, месо, јајца, мрши, храна, отпадоци и луѓе кои биле во контакт со заразените птици, или на возилата кои се поврзани со живинарската индустрија и кои може да го рашират вирусот на авијарна инфлуенца“, додаваат во АХВ.
Во Агенцијата апелираат секоја промена во здравствената состојба на живината и дивите птици, зголемена смртност, или клинички знаци кои укажуваат на болеста авијарна инфлуенца, задолжително да се пријават до надлежниот официјален ветеринар, или надлежно ветеринарно друштво.
Инаку, засега не постојат докази со кои би се потврдило дека консумирањето на термички третирано месо од живина или јајца можат да го пренесат вирусот на авијарна инфлуенца на луѓето.
Последен случај на појава на птичји грип во земјава е евидентиран во февруари годинава.