!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

СДСМ ги обвини Груевски и ВМРО-ДПМНЕ за провокациите со дронот во Чаир


Скопје, 24 април, 2017 - 17:05 (META) 

Ги осудуваме сите провокации што имаат цел да поттикнат меѓуетнички тензии, од кого и да доаѓаат, за какви било интереси и да се направени, вклучително и инцидентот со дрон на фудбалски натпревар во Чаир, соопштија денеска од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Од партијата ги повикуваат граѓаните да не потпаѓаат на насилните и потпалувачки сценарија на Никола Груевски и на тесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кои во нив единствено гледаат обид за спас од одговорност за направениот криминал.

„Граѓаните на Република Македонија на 11 декември покажаа дека се за единство и за заеднички живот и дека ги отфрлаат насилството и конфликтите што ги поттикнува Груевски. Граѓаните и декларираното парламентарно мнозинство нема да дозволат никоj да си игра со мирот и со стабилноста на Република Македонија. Македонија ќе добие нов собраниски претседател и нова реформска влада, а сите што работеле спротивно на законот, ќе одговараат“, стои во соопштението на СДСМ.


Габриел: Ердоган бара непријател за да ја прикаже Турција понижена, а Западот – арогантен


Берлин, 18 март, 2017 - 13:18 (META) 

Шефот на германската дипломатија, Зигмар Габриел, денеска им порача на турските функционери дека Германија ќе им забрани да учествуваат на собири за поддршка на турскиот референдум на нејзина територија.

„Тој што ја преминува границата во однесувањето не смее да мисли дека може да ги шири своите ставови и кај нас“, вели Габриел за германскиот неделеник „Шпигел“.

Тој вели дека нема само Турција право да биде почитувана, туку дека истото право го има и Германија, додавајќи дека постојат и ограничувања, одредени од германските закони.

Тензиите помеѓу Турција и неколку европски земји почнаа пред неколку недели, откако Германија, во која живеат голем број Турци, забрани три собири за промоција на референдумот во Турција за јакнење на власта на претседателот на земјата, Реџеп Таип Ердоган.

Турскиот претседател оттогаш изразува незадоволство и упатува тешки вербални обвинувања на сметка на европските земји, а за Германија изјави дека продолжува со „нацистичката практика“.

Габриел вели дека Германија нема намера да одговори на турските провокации, бидејќи тоа би било во интерес на Ердоган.

„Нему му е потребен непријател за време на кампањата, за да ја прикаже Турција како понижена земја, а Западот како арогантен“, вели министерот за надворешни работи на Германија.

Референдумот за воведување на претседателски систем во Турција, со кој се зголемуваат овластувањата на Ердоган, е закажан за 16 април оваа година.


СДСМ: Груевски да престане со провокациите и со поттикнувањето насилство


Скопје, 8 март, 2017 - 11:39 (META) 

„Раководството на ВМРО-ДПМНЕ доцни два месеца со денешното соопштение. За Никола Груевски, сè беше прифатливо додека молеше да го состави парламентарното мнозинство“, се вели во реакцијата на СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за седницата на централниот комитет.

„Сега, кога мора да се помири со тоа дека тој е ’дефакторизиран’, дека ја загуби власта затоа што околу 700.000 граѓани се изјаснија против неговите деструктивни, штетни, себични, криминални политики, наоѓа изговори за продлабочување на кризата. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ нема морално право да зборува што е добро за граѓаните и за државата, кои ги осиромаши, изолираше и ги уништи за лични цели. Мнозинската волја на граѓаните е за промени. Груевски и неговите соработници мора да престанат со провокациите и со насилството што го поттикнуваат и да дозволат мирен трансфер на власта“, велат од СДСМ.

Според партијата, само концептот на едно општество за сите може да ја сочува унитарноста на државата, со која „се коцка несериозното раководство на ВМРО-ДПМНЕ“,

Оттаму велат дека следен чекор е Ѓорге Иванов да го даде мандатот на Зоран Заев за тој да ја формира новата влада.


Јужна Кореја: Нема да прекинеме со емитувањето пропагандни пораки


Сеул, 24 август, 2015 - 10:13 (META) 

Парк Гуен Хје, претседателката на Јужна Кореjа изјави дека Сеул нема да го прекине емитувањето на пропагандните пораки на границата на Јужна и Северна Кореја, ако Северна Кореја не се извини за провокациите кон Сеул.

–Северна Кореја треба да упати јасно извинување и да гарантира дека нема да има натамошни провокации-рече Гуен Хје, префрлувајќи ја вината на Пјонгјанг за предизвикување на моменталната воена криза.