СДСМ: Мицкоски ја потврдува поврзаноста на ВМРО-ДПМНЕ со насилството од 27 април


Скопје, 10 декември, 2018 - 10:36 (META) 

За владејачката СДСМ е неприфатливо барање на Христијан Мицкоски да се формира независно тело кое ќе ги преслуша снимките на судиите и обвинителите во изминатите две години.

„Мицкоски ги потврдува сведоштвата за сериозна поврзаност на насилниците со ВМРО-ДПМНЕ во организацијата и координацијата на насилството од 27 април. Преку нелогични, несериозни и неосновани барања, интерпелации, измислици, Мицкоски се обидува да ги закочи реформите, да ги блокира процесите за интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ. Не му беа доволни 11 години прислушување на Мицкоски па бара нови снимки да преслушувале „експертите“ од ВМРО-ДПМНЕ, одговори вчера СДСМ.

Мицкоски своите вкупно шест барања ги упати вчера од Кочани, каде ВМРО-ДПМНЕ одржа протест.

„Веднаш да се формира независно тело предводено човек предложен од опозицијата, коешто ќе ги преслуша, анализира, систематизира сите материјали коишто се собрани  изминативе две години како резултат на црниот Вотергејт на Заев, односно прислушувањето на сите судии и обвинители. Да ги видиме нарачаните пресуди  за поткуп, да ја видиме нарачаната пресуда за „Глобал“ , да видиме како нарачувате обвиненија за луѓето од 27 Април, да видиме како нарачувате обвиненија за ВМРО-ДПМНЕ, побара претседателот на ВМРО-ДПМНЕ од Кочани.

Тој рече дека после секој протест ќе има нови барања и побара оставки од министрите Спасовски и Димитров.

– Итна и неотповиклива оставка на министерот којшто својата нација ја нарече искомплексирана нација. Министерот кој благодарение на ова нација која го полни буџетот зема плата, ужива во привилегиите да се школува неговото семејство надвор од Република Македонија со стипендиите кој овој народ ги обезбедил. Итна и неотповиклива оставка на министерот за терор и прогон т.е. полиција, Оливер Спасовски затоа што откако е министер само порази шпиунски акции, претреси и омаловажувања на нашите браќа и сестри, граѓани на Република Македонија – рече Мицкоски.

Тој побара веднаш да сопре иницијативата од Владата за покачување на даноците „и да престане осиромашувањето на бизнисот и на граѓаните.“ Побара и соодветни мерки за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот.

– Ги лажевте граѓаните испентарени на падините на преубавото Водно и велевте само да падне режимот и ќе започне да дува алпски воздух. Овде во Кочани им велевте на луѓето најзагаден град сте, многу скара вртите па затоа ви е загаден градот – рече Мицкоски, кој исто така побара „почитувања на јасно изразената волја на народот на референдум“.


Мицкоски: Нема ниту датум за преговори со ЕУ, ниту безусловна покана за НАТО


Скопје, 12 јули, 2018 - 12:44 (META) 

Нема ниту датум за преговори со ЕУ, ниту безусловна покана за НАТО затоа што имаме неспособна влада, повикувам на протест во Кавадарци, в недела во 13 часот, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во видео обраќање.

Тој ја обвини актуелната власт дека посеала опасен отров, молчи за неправдите и не се грижи за граѓаните.

– Дојдоа на власт со ветување за подобар живот и повисоки плати. Кога доаѓаа на власт пак беа најгласни дека додека немало правда немало мир, не се колебаа да ги злоупотребат семејните и другите лични трагедии. И не им беше тешко да уриваат, да уништуваат. Да деградираат цел еден систем. Отровот кој се посеа во општеството предизвика омраза, завист и нетрпеливост. Ветуваа чуда. А сега кога се на власт молчат за неправдите, ладнокрвните убиства ги третираат како статистичка евиденција во црните билтени, за владата тоа се обични насилства а не свирепи убиства – вели Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека од животот што го ветувала власта, сега има само умирања во ходниците на болниците, скапотија и постојани престрелки.

-Животот, личните трагедии, зацрнетите семејства не им се така атрактивни  и важни како порано, нема да чуете анализа за тоа дека луѓе умираат во ходниците во болниците, додека пак здравството се уште е недопрено од животот кој толку многу го ветуваа. Нема да чуете ниту за тоа дека  има недостиг на инкубатори за бебиња во Гинеколошко акушерската клиника, за тоа дека плаќаме највисока цена на бензин, дека од сиромаштија умираат луѓе, за тоа дека над 800 криминалци ослободија, дека престрелките и физичките насилства се болното секојдневие кое што го мачат секој родител, секој еден човек – вели Мицкоски.
Тој своите политички противници ги обвинува дека немаат образ, чест и достоинство.

-За власта зборот, не е збор, ниту делата реалност. Нема ниту датум за преговори со ЕУ, ниту безусловна покана за НАТО. А нема затоа што имаме неспособна влада. Мора да престанат поразите, а одговорот за тоа е секој еден од вас – рече тој.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика сите граѓани на голем протест против власта, кој со почеток во 13 часот в недела ќе се одржи во Кавадарци. Протестниот марш ќе почне од кружниот тек „Сашко Гешковски“ до спомен плочата и паметникот во Кавадарци посветен на формирањето на првиот комитет на ВМРО.


Мицкоски повикува на протестен марш в недела во Струмица


Скопје, 3 јули, 2018 - 13:41 (META) 

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски преку видео обраќање повика на протестен марш во Струмица во недела со почетокот од 13 часот од паркот во Струмица до општината.

– Јас како и многумина од ВМРО-ДПМНЕ сме одлучни дека ќе одиме до крај и нема назад се до конечната победа која ќе и донесе победа на Македонија. Време е да се чуе нашиот заеднички глас. Да ја победиме неправдата и да се чуе тој пркосен глас кој силно вриска во вашите срца и да кажеме да, мора подобро – вели Мицкоски.

Тој во обраќањето кој го почнува со „драг сограѓанин“ вели дека живееме живот во кој поразите стануваат секојдневие, а победите ги нема.

– Во општеството сеат поделба, владата и министрите кои те убедуваат во сосема спротивна розова и разубавена слика од она која реално ја гледаш и чија суровост ја живееш секој ден те прави пасивен. Дополнително ти вели премиерот името Македонија морало да се избрише, ама пустото боли, пече, затоа што тоа е името под чиј бајрак и име растеле и умирале твоите предци, и под чиј код се родени твоите деца. Името кое го изговараш со чест, достоинство и трепет во душата и сега ти велат морало да се откажеш затоа што само така ќе било подобро, а ти знаеш дека тоа не е така – вели Мицкоски.

На прашањето дали може поинаку тој одговора дека може доколку „се крене и чуе твојот глас, гласот на твоите блиски, роднини и пријатели“. На крајот тој вели дека влегол во политиката со чиста мисла и со надеж дека ќе остави зад себе нешто добро за иднината на државата.


Неколку стотици граѓани на протестот на „Тврдокорни“ во Скопје


Скопје, 24 февруари, 2017 - 19:46 (META) 

Неколку стотици граѓани, претежно млади, вечерва беа дел од протестниот марш организиран од „Тврдокорни“, иницијатива што се заложи против, како што рекоа, „обидот на политичарите да ја поделат Македонија и да воведат уште еден јазик“.

Маршот почна од Соборниот храм, од каде поворката тргна со извици „Македонија, Македонија“, а заврши во паркот Жена-борец, каде учесниците извикуваа „Еден јазик сакам ја, нејќам три, нејќам два“.

На крајот на маршот, од иницијативата порачаа дека тука се поради „молкот на оние што се сметаат дека се најголеми, молкот по една отворена агресија напишана во Тирана и Приштина, агресија што нашите две партии ја премолчеа“.

Маршот заврши со положување цвеќе пред споменикот на бранителите и со едноминутен молк за загинатите во конфликтот во 2001 година.


Заев: На 11 Октомври ќе испратиме порака дека си ја враќаме слободата


Скопје, 7 октомври, 2016 - 13:44 (META) 

„Борбата продолжува, гласот победува“, ова мото нè обедини нас, иницијаторите на граѓанскиот марш, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференцијата како најава на маршот што ќе се одржи на 11 Октомври од 14 часот, на раскрсницата меѓу булеварот Партизански одреди и улицата Френклин Рузвелт.

– Ве повикуваме на 11 Октомври сите заедно да се огласиме со силна слободарска порака. Граѓанската акција продолжува. Ние граѓаните склучивме сојуз, си го враќаме животот, ја враќаме слободата. 11 Октомври е симбол на борбата за слобода, на граѓански пркос, на народно востание, на слобода. Затоа и маршот се случува на тој датум. Ќе маршираме за борба против сиромаштијата, за повисоки плати, за работни места, за млади кои сакаат да останат да живеат во родната земја. Да застанеме рамо до рамо сите заедно, еднакво важни, независно од каква било различност. Ова е мојот мотив да ве повикам на маршот на 11 Октомври, што ги најавува промените во Македонија, за граѓански глас – рече Заев.

Според членката на Сојузот на борците на Македонија, Вера Бунтеска, граѓаните на Македонија сакаат да живеат во држава во која ќе има правда за сите, држава во која демократијата ќе се развива во позитивна смисла.

– Граѓаните сакаат и очекуваат таква Македонија, а не држава заглавена во минатото. Минатото го почитуваме, на него сме горди, од него влечеме поуки. Што се однесува на нашата борба, ние, членовите на сојузот, ќе се бориме за една изградена иднина и тоа за општество во кое граѓаните ќе бидат почитувани. Ќе бидеме горди доколку граѓаните со сопствени сили ги решат проблемите кои се пред нив – рече Бутнеска.

Новинарот Томислав Кежаровски рече дека секогаш ќе биде на страната на правдата и на слободата. Тој рече дека должноста на медиумите е да го штитат јавниот интерес, но денеска новинарството е само запчаник во политиката.

– Новинарството во Македонија може да се поистовети со именката хаос. Во Македонија немаме слобода на говор, имаме слобода на омраза. Секој обид да се крикне против наметнатото едноумие, актуелната власт вешто го задушува. Медиумите станаа плен на политичкиот и на економскиот интерес, занемарувајќи го интересот на граѓаните. Јас сум подготвен да се борам за битката која се смета за изгубена. Без оглед на сè што ми сторија и што сè уште ми прават, и понатаму ќе бидам на страна на вистината, никој нема да биде господар на мојот ум – рече Кежаровски.

Атанас Костовски, спортски новинар во пензија, рече дека неговата генерација има кондиција да протестира и да се бори за правдата.

Музичарите Златко Ориѓански и Бени Шакири рекоа дека го иницирале овој марш затоа што сакаат Македонија да оди напред, а не да се враќа наназад.

Актерката Ирена Ристиќ рече дека 11 Октомври не треба да го прославиме протоколарно, како што се прославуваат другите празници во Република Македонија, туку со масовност „затоа што е крајно време по овие мачни десет години да покажеме подготвеност да ги преземеме во свои раце окупираните институции“.


Политичари, новинари и уметници ќе маршираат заедно на 11 Октомври


Скопје, 7 октомври, 2016 - 10:18 (META) 

Денеска на пладне во Кино Култура граѓански активисти, уметници и новинари ќе ги презентираат деталите за протесниот марш што ќе го организираат на 11 октомври.

Како главни иницијатори на настанот се наведуваат Зоран Заев, Вера Бунтеска, Златко Ориѓански, Ирена Ристиќ, Томислав Кежаровски, Бени Шаќири, Атанас Костовски и Влатко Васиљ.

Настанот ќе се одвива под мотото „Борбата продолжува, гласот победува“.


Блокади и масовен протестен марш во Тетово против аерозагадувањето


Тетово, 17 декември, 2015 - 16:02 (META) 

Неколку илјади граѓани денеска со блокади на трите главни влеза во градот и со протестен марш по тетовските улици, изразија незадоволство од екстремното аерозагадување во градот.

Побараа властите да преземат итни мерки против екстремно загадениот воздух, кој секојденевно ги труе тетовци, предизвикувајќи разни болести со смртни последици.

– Има пораст на спонтани абортуси и затоа, како мајки, ние излеговме на протест. Секоја имала некое негативно искуство и затоа ние сакаме да го искажеме нашиот револт. Не може за нашиот организам веќе да одлучуваат некои лоши политики. Бараме добри политики за зачувување на природата. Ние сме под Шара и тоа треба да се знае. Треба да ни се обезбеди да имаме чист воздух – изјави Игбале Ферати Прешова, од Здружението „Мајки и деца“, кое беше главен организатор на блокадите и на протестниот марш.

Прешова додаде дека сите што ги трујат граѓаните треба да се затворат, а не училиштата.

– Отровот веќе ни влезе и во куќите и во училиштата и во нашиот организам – рече таа.

Учесниците на протестот сметаат дека Општината треба да преземе, како што рекоа, порадикални мерки против аерозагадувањето.

– Општината презема некои мерки, но со години не го решава проблемот со дивата депонија која се пали и ги труе тетовци – вели жител на Тетово.

По блокадите, демонстрантите се упатија кон градскиот плоштад, каде протестот заврши мирно и без инциденти.