Самохраните мајки и еднородителските семејства на протест: „Не сакаме сожалување, сакаме права“

фото: Граѓанска организација „Една може“ / 13.02.2022 година

Дефинирање на термините „самохран родител“ и „еднородителско семејство“ во соодветните закони на соодветно инклузивен начин, решавање на станбеното прашање и квалитетно вработување на самохраните родители, како и зголемување на учеството на жените-самохрани мајки во општеството преку квоти, се дел од барањата кои беа упатени на првиот протестен марш во историјата на Северна Македонија посветен на самохраните родители.

Во организација на здружението „Една може“, чиј фокус е ставен на унапредување на правата на самохраните родители и еднородителските семејства, протестниот марш започна од Жена парк, а заврши пред Министерството за труд и социјална политика.

„Не сакаме сожалување, сакаме права“, порачаа присутните.

„Нашата борба е речиси децениска. После сите легални механизми кои ги употребивме, излегуваме на улица во име на секоја самохрана мајка и еднородителско семејство во државата и бараме поддршка од страна на државните институции. Игнорантноста мора да престане и бараме дефинирање на статусот на самохраност и третман врз основа на статус, а не врз основа на неможности“, рече Дороти Пачкова, претставничка на граѓанската организација „Една може“.

И додека членовите на „Една може“ со натприродни сили се трудат да ѝ помогнат на секоја една која бара помош, државните институции молчат. Присутните порачаа дека после долги години мачење, овде се дојдени за да ги побараат своите права и на момент да им доловат на институциите како е да се биде и мајка и татко истовремено.

„Овде сум да ги застапам сите мајки кои се разведени или кои се самохрани и се спречени да ги остварат своите веќе стекнати права како резултат на корумпираноста на институциите, на нивната нефункционалност, нестручен кадар и сѐ друго што ги спречува да ги гледаат своите деца и да бидат нивни старатели и покрај сите пресуди, решенија и други извештаи кои им се доделени со закон“, изјави Елена Цекова, која самата не е самохрана мајка, но е член на „Една може“.

На протестниот марш самохраните мајки го опишаа нивниот живот и ја раскажаа борбата која ја водат секојдневно за да им обезбедат посигурна иднина на своите деца, дополнително отежната од кризата настаната заради пандемијата.

„И покрај сите откажувања од наши лични потреби, не успеваме. И тогаш кога нема да може да му го обезбедиме на нашето дете она што му е потребно, само ние знаеме колку ни е тешко и колку боли кога на сопственото дете си приморан да му кажеш „немам“. Затоа што во денешно време, кога се соочуваме со големи покачувања на цените на производите, со една плата не може да се прехрани едно семејство, а камо ли да се преживее месецот. Како и секое дете, така и нашите заслужуваат да имаат спокојно место“, изјави една од самохраните мајки.

Освен дефинирање на термините „самохран родител“ и „еднородителско семејство“ во соодветните закони, самохраните мајки, од Министерството за труд и социјална политика побараа и државен архив на самохраност и еднородителство, како и финансиска поддршка за децата и родителите.

„На барање на самохраните мајки, бараме решавање на нивното станбено прашање, дали преку давање на социјални станови или преку давање на станбени кредити без камата и без учество; создавање на механизми за квалитетно вработување на самохраните мајки; приспособување на терминологијата што алудира на самохраното родителство како социјален ризик само по себе; приспособување и зголемување на учеството на жените-самохрани мајки во општеството преку квоти; добивање на прецизни статистички показатели за бројот и состојбата на самохрани родители на национално ниво; државен архив на самохраност и еднородителство; државен алиментационен фонд за децата или втори родители кои не плаќаат алиметнација и државен алиментационен фонд за деца кои немаат постоечки или жив родител“, порача Елена Божиновска од „Младите на Една може“.

Студентот Синиша Станковиќ, кој потекнува од еднородителско семејство и е дел од подмладокот на „Една може“ изјави дека е среќен што после три децении од создавањето на државата, во земјава се зборува за самохраните и еднородителски семејства. Тој побара бесплатна партиципација во високото образование за студентите од оваа категорија, како и покачување на стипендиите.

„Како дел од самохрано семејство и член на „Младите на Една може“ барам државата да ми обезбеди бесплатна партиципација во високото образование. Воедно, барам и покачување на стипендиите за самохрани и еднородителски семејства со цел ние безгрижно и со сигурна иднина да учиме и да создаваме во нашата држава. Да се дефинира кое дете е од самохрано семејство, кое од еднородителско семејство. Овие барања ќе ни олеснат и понатаму да зборуваме за нашите права и можности“, изјави Станковиќ.

Самохраните мајки истакнаа дека сите овие години си помагаат меѓуебно една на друга, па сега е ред и државните институции да им пружат помош и поддршка.