Нова субвенција за решавање на проблемот со откупот на сливите


Скопје, 13 август, 2018 - 13:28 (META) 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) соопшти дека поради проблемите со откупот на сливите ќе интервенира Владата, со тоа што ќе доделува субвенции на откупувачите и преработувачите на сливи.

Од министерството велат дека на утрешната седница на Владата на дневен ред ќе бидат и измените на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2018 година, односно воведувањето на нова мерка – субвенционирање од два денари за откупувачите и преработувачите на сливи.

Финансиската поддршка ќе стапи на сила со објавување на одлуката во Службен весник  и ќе важи  за откупени количини на сливи до 15 септември 2018 година, по откупна цена не пониска од пет денари за килограм за индустриски сливи. Оваа субвенција ќе важи и за откупувачите кои ќе откупат свежа слива.

Инаку, со Програмата за директни плаќања за 2018 година со мерката за одржување на насади од слива земјоделците имаат право на субвенција во висина од 33.000 денари за хектар и 39.600 денари за површини од еден до пет хектари, како и субвенција од три денари за килограм предадени сливи во преработувачки капацитети.


Помали акцизи за малите производители на алкохол


Скопје, 30 јули, 2018 - 16:06 (META) 

Со новиот Закон за акцизи, малите дестилерии ќе плаќаат 50% од полната акцизата по литар алкохол, а земјоделците-  мали производители 8,5% од полната акциза по литар алкохол. Кај големите производители на алкохол, акцизата останува иста. Станува збор за нов закон кој е усогласен со ЕУ директивите, известија од Министерството за финансии.

Дополнителна поволност која ја предвидува законот е тоа што отсега акцизата за тутунски производи и алкохолни пијалаци ќе се плаќа со пуштање во промет на производот. Досега акцизата се плаќаше однапред, односно со подигање на акцизните марки.

Исто така, ќе се намали акцизата за меѓупроизводите, како на пример ликер и вермут, за околу 50%.

Со новиот закон за акцизи се овозможува увоз и пуштање во промет на нови тутунски производи, кои досега граѓаните ги набавуваа од странство.

Поради следење на увозот и извозот на струјата, природниот гас, јаглен, кокс и лигнит, тие стануваат акцизно добро со овој закон, со тоа што акцизата се одредува на 0%. Ова значи дека увезувачите нема да имаат дополнителен трошок, односно нема да плаќаат акциза.


МЗШВ ќе го откупува вишокот на домати, отежнат пласманот на странски пазари


Скопје, 21 јуни, 2018 - 15:12 (META) 

Откупот на македонските домати е отежнат и затоа Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство договара вишокот на домати да го откупат домашните преработувачките капацитети, информираат од таму.

„Почетната откупна цена на доматите беше 25 до 30 денари за килограм, а сега е 10 до 15 денари за килограм. Точно е дека во моментов е отежнат откупот, заради тоа што расте понудата на нашите традиоционални пазари од тамошни домашни производители, што влијае врз отежнување на откупот на македонските домати“, се вели во соопштението на МЗШВ.

Од таму исто така велат дека доколку се увиди дека земјоделците остваруваат загуби од производната и продажната цена, министерството може да излезе со дополнителни мерки за производителите на раниот домат.


Тренов: Откупувачите на зелка купуваат само од тие што не протестираа


Скопје, 12 април, 2018 - 14:11 (META) 

Иако претставници на министерството и владата се фалат дека експресно го решиле проблемот со откупувачите и производителите на зелка, и договориле цената да се движи од 20-25 денари по килограм, состојбата е поинаква. Откупот е драстично намален, а воопшто не се откупува од производители што минатата седмица протестираа, обвини Ромео Тренов на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

– Забележано е драстично намалување на количините на откупената зелка, иако откупувачите до вчера декларативно ја држеа цената од 20 денари. Откупните пунктови ги држат повеќе затворени отколку отворени. Истите откупувачи имаат добиено целосни инструкции да не откупуваат зелка од лицата кои протестираа минатата недела заради ниските цени, така што се случува дискриминација на лице место, и производителите се делат на подобни и неподобни согласно правилата на неспособната влада – рече Тренов.

Тој вели дека одредени откупувачи се обидуваат да ја исплаќаат зелката со репроматеријали наместо со пари, и со тоа да ги намалат откупните цени.

– И покрај ветувањата на неспособната влада дека цената ќе се движи од 20-25 денари во моментот на ова обраќање цените на откупот изнесуваат 15 денари по килограм, со тенденција на понатамошен драстичен пад. Во одредени региони на полињата има и до 70 отсто од засеаната зелка, па производителите се соочени истите количини да презреат и да им пропаднат, заради слабиот откуп последниве денови – обвинува Тренов.


На Саем за органски производи во Германија учествуваат 20 македонски компании


Скопје, 15 февруари, 2018 - 10:11 (META) 

Дваесет македонски компании учествуваат на Саемот за органски производители и преработувачи „Биофах“, што се одржува од 14 до 17 февруари во Нирнберг, Германија.

Производителите, на штандот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се претстават со органски градинарски, житни, овошни, млечни и месни производи, производи од мед, диворастечки производи, органски ѓубрива и преработки на органски производи.

Дел од производителите на органски преработки, велат дека можноста да се биде дел од најголемиот Саем за органска храна овозможува да се остварат директни средби со потенцијални купувачи, но и да се следат трендовите и новините во органскиот сектор.

„Веќе втора година по ред изложуваме на македонскиот штанд на „Биофах“. Минатата година остваривме контакти со десетина заинтересирани купувачи, а успеавме и да извеземе производи во Италија. Сметам дека е одлична можноста да ги претставиме македонските органски производи на најголемиот Саем, но и да се информираме и да ги следиме најновите трендови и технологии во овој сектор“, вели Сашко Антовски од „Екстра фунги“.

На овогодинешното издание на „Биофах“ ќе се претстават 2.950 меѓународни изложувачи, а се очекува да присуствуваат над 50.000 трговци со органски производи и опрема за органско производство.


Костадиновски: Земјоделците летово ќе заработат четирипати помалку од откупот на лубеници отколку лани


Скопје, 19 јули, 2017 - 16:11 (META) 

Соочени со една од најтешките години, производителите на лубеници цел месец бараат поддршка од владата на СДС и од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, за решавање на огромниот проблем поврзан со откупот и со исклучително ниската откупна цена на лубениците, изјави денеска на прес-конференција Ванчо Костадиновски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека нема откуп, а дека власта на СДСМ донела мерка за поддршка поврзана со откуп.

„На Николовски и на Владата на СДС воопшто не им е грижа што и тие мали количества лубеници се откупуваат за понижувачка цена од два денари, која во споредба со цената лани, кога откупот беше по седум и осум денари, е за четирипати помала“, вели Костадиновски.

Тој додаде дека тие земјоделци што лани за својот труд заработиле 4.000 евра, оваа година ќе заработат само 1.000 евра.

„Бараме Владата да донесе одлука за дополнителна финансиска поддршка за производителите на лубеници во вредност од 10.000 денари за декар и таа да се однесува за сите производители на лубеници во земјава. Дополнително бараме сите производители на лубеници да бидат ослободени од закупнина на државно земјоделско земјиште и од надоместок за наводнување“, додаде Костадиновски.


Продажбата на земјоделски производи намалена за 14,2 отсто во однос на лани


Скопје, 16 мај, 2017 - 13:46 (META) 

Во првото тримесечје од 2017 година, откупот и продажбата на земјоделски производи се намалени за 14,2 проценти во однос на истиот период од претходната година, објави Државниот завод за статистика.

Кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е забележано намалување за 30 проценти, а кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство е забележано зголемување за 50, 6 проценти.

Зголемување на откупот и на продажбата на земјоделски производи е забележано кај житата, градинарските и фуражните растенија, овошјето, алкохолните пијалаци, добитокот и кај живината и јајцата.

Намалување е забележано кај индустриските растенија, млекото и млечните производи и кај рибата.

Месечната дистрибуција на вредноста на откупот и на продажбата на земјоделски производи покажува намалување во јануари и во февруари, додека во март е забележано зголемување.


Родот на 650 земјоделци од Пелагонија настрада од априлскиот студ


Битола, 15 мај, 2017 - 10:50 (META) 

Априлскиот студ и мраз годинава го уништи родот кај близу 650 земјоделци од Пелагонија. Според подрачниот раководител  на Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство во Битола, Илија Србиновски, денеска завршува увидот на стручните комисии за проценка на штети, по што извештаите ќе бидат пратени во министерството во Скопје за исплата на штетите.

– Три комисии, секоја со три члена, постапија по секоја пријава на оштетените земјоделци и заклучно е дека 648 индивидуални земјоделци, земјоделски фирми како и ЗК „Пелагонија“, „Лозар Битола“ претрпеле штети од 50 до 100 проценти од априлските мразеви и од студот. Најмногу се оштетени лозовите насади, јаболката, крушата, црешите – изјави Србиновски.

Според земјоделците, родот е преполовен не само од мразот, туку и од пролетната суша.

Во Битолско-пелагонискиот Регион под есенски култури се засеани 22.000 хектари, по што со преполовени приноси се соочуваат производителите на јачмен и на пченица.

– Ваква априлска суша, никогаш не сме имале на ова подрачје. На многу места комбајните нема што да работат, и пченицата и јачменот и другите култури се загрозени. Ни една машина не може да сработи на ваква суша – вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци на Македонија.

Земјоделците спасот од сушата го гледаат во копање бунари, како и во средствата за обесштетување од претрпени штети, кои не влегуваат во осигурителните полиси.


Се зголемува откупот и продажбата на земјоделски производи


Скопје, 16 февруари, 2017 - 14:05 (META) 

Откупот и продажбата на земјоделски производи во четвртото тримесечје од 2016 година се зголемени за 39,3 проценти во споредба со истиот период од претходната година, објави Државниот завод за статистика.

Кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители има зголемување за 65,4 проценти, а кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство намалување за 2,9 проценти.

Зголемување на откупот и продажбата на земјоделски производи има кај индустриските, градинарските и фуражните растенија, овошјето, добитокот, живината и јајцата и млечните производи, а намалување кај житата, грозјето, алкохолните пијалаци, млекото и рибата.


Производителите бараат укинување на увозните давачки за смрзнато месо


Скопје, 30 јануари, 2017 - 16:14 (META) 

Укинување на увозните царински давачки за смрзнато месо бараат од Групацијата на производители и на преработувачи на месо при Стопанската комора на Македонија.

Од групацијата велат дека во просек, домашните производители плаќаат 20 отсто повисока цена за суровината од увоз во однос на регионот.

Тие тврдат дека на производителите на месо и на преработки од месо им се заканува престанок на производството ако Владата не ги намали овие давачки.

– Тоа ги прави неконкурентни месните преработки и месото во земјава и влијае на неконтролиран увоз на производи и на месо од регионот, на кои не се плаќаат никакви давачки. Според податоците на Државниот завод за статистика, до ноември минатата година неколкукратно е зголемен увозот на месо и на преработки – изјави Васко Ристовски.