Обвинителство ќе продолжи да го истражува случајот за поткуп за посвојување


Скопје, 27 јули, 2018 - 15:30 (META) 

Oсновното јавно обвинителство Скопје соопшти дека ја продолжува постапката за обвинувањата за поткуп при посвојување деца, која ја почна по допрен глас. Станува збор за случајот за кој беше направен телевизиски прилог, во кој оштетената објави дека и бил побаран поткуп за да посвои дете, а откако одбила да го направи тоа, била експресно обвинета и осудена за семејно насилство.

Обвинител при истрагата ја прибрал целокупната документација од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Скопје, како и релевантна документација од Геронтолошкиот завод „13 Ноември“ – Скопје. Како сведоци биле сослушани 11 лица, меѓу кои и претставници на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, Геронтолошкиот завод, поранешен министер за труд и социјална политика, како и вработена од детска градинка во која престојувало детето.

„По повеќемесечното интензивно постапување во предметот и прибирање на материјалните и вербални докази, како и нивно разгледување и анализа, надлежниот обвинител цени дека во моментов не се создадени услови за финално донесување на јавно обвинителска одлука“, соопштија од обвинителството, напоменувајќи дека поради сериозноста на наводите, истрагата ќе продолжи.


Истополови парови во Израел ќе можат да посвојуваат деца


Еурсалим, 30 август, 2017 - 11:07 (META) 

Израелското Министерство за социјални прашања веќе не се противи двојки од исти пол да посвојуваат деца, јавуваат израелските медиуми.

Министерството го информиралo Врховниот суд дека не постои проблем со таквото посвојување, откако беше потпишана петиција против Министерството и Обвинителството што ја поднесе Здружението на родители хомосексуалци.

Промената на ставот, наводно, дошла на барање на министерот Хаим Каца, кој барал професионално мислење, наведува Израелската телеграфска агенција.

Посвојувањето деца од парови од исти пол е легално во Израел од 2008 година, но во практика било речиси невозможно затоа што на двојките од различен пол им се давал приоритет.

Од 2008 година досега само три двојки од ист пол посвоиле деца од вкупно 550 подносители на барање. Спротивно на тоа, повеќе од 1.000 хетеросексуални парови посвоиле деца во последните девет години.


Колумбија дозволи хомосексуалните двојки да посвојуваат деца


Богота, 5 ноември, 2015 - 11:46 (META) 

Уставниот суд на Колумбија доцна синоќа ја усвои одлуката со која на хомосексуалните двојки им се одобрува посвојување деца.

Во февруари годинава, Уставниот суд им го призна правото на хомосексуалните двојки да посвојуваат деца, но под услов децата да имаат биолошка врска со нив.

„Врз основа на Уставот и на меѓународното право за заштита на човековите права, сексуалната ориентација на едно лице не претставува морална или ментална пречка за посвојување деца“, се наведува во соопштението.

Венчавањето на хомосексуалните двојки и понатаму е забрането во Колумбија, но е одобрен облик на граѓанска заедница, која подразбира право за заедничко социјално осигурување или право на наследство во случај на смрт.