Словенечка „Левица“ дозволи истополови парови да посвојуваат деца

Photo by daniel james on Unsplash

Во Словенија од вчера на сила стапија измените на Семејниот законик, според кои бракот повеќе не е животна заедница на маж и жена, туку животна заедница на две лица, а на истополовите парови сега им се овозможува да посвојуваат деца, јави Радио-телевизија Словенија.

Според објаснувањето на словенечкото Министерство за труд, брачните другари или обичните партнери можат заеднички да посвојат дете, или еден од нив може да го посвои детето на својот брачен другар или обичен партнер.

Претставници на владеjачката партија Левица и на Министерството за труд, семејство, социјални прашања и еднакви можности вчерашниот ден го нарекоа посебен и ја поздравија промената која пред 30 години ја започна граѓанското општество.

„Од денес сите истополови бракови можат да ги уживаат истите права како и сите други. Со ова никој не губи, туку добива малцинство кое било угнетено низ историјата. Мислам дека како држава направивме еден голем чекор напред“, рече министерот за труд на Словенија и координатор на Левица, Лука Месец, а пренесе словенечкиот сервис на „Н1“.

Важната пресвртница во Словенија беше поздравена и од невладината организација „Легебитра“.

„Промените ќе донесат многу придобивки и за ЛГБТ заедницата и за словенечкото општество. Амандманот на истополовите двојки ќе им обезбеди правна заштита и истовремено ќе им овозможи пристап до истите права и должности кои досега ги уживаа само хетеросексуалните парови, а едно од нив е и посвојувањето деца“, изјави Себастјан Ситар од Легебитра.

Пратеничката од левицата Татјана Греиф рече дека со амандманот се елиминира децениската дискриминација и според неа, нема целосна рамноправност во општеството, туку тоа е само голема историска пресвртница во државата.

„На 25 мај 1997 година во име на здружението Шкуц поднесов иницијатива до Владата за промена на бракот и легализирање на статусот на истополовите двојки. Тогаш не замислував дека тоа ќе трае 26 години, до 2023 година“, рече Греиф.

Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон на Твитер напиша дека Словенија стана првата земја во Источна Европа и на Балканот која им овозможила на истополовите бракови исти права како и на хетеросексуалните. Вчерашниот ден го опиша како историски за еднаквоста, диверзитетот и инклузијата.

„Само преку препознавањето на сите индивидуи, без разлика на нивните лични околности, можеме да напредуваме како демократско општество. Задоволна сум што Словенија го направи првиот чекор во оваа насока преку изедначување на сите права на сите индивидуи кои влегуваат во брак“, напиша Фајон на Твитер.

Изменетиот семеен законик го одредува и начинот на трансформирање на сегашните партнерства во бракови. Според него, партнерството се претвора во брак доколку партнерите во рок од шест месеци од стапувањето на сила на овој закон, се изјаснат кај матичарот дека сакаат таква промена.

Уставниот суд во Словенија во јуни минатата година донесе одлука дека законското уредување во делот на Семејниот законик, според кој бракот е животна заедница на мажот и жената, не е во согласност со уставот. Истовремено, беше одлучено дека не е во согласност со уставот да се регулира можноста за заедничко посвојување дете. Уставниот суд му наложи на Народното собрание во рок од шест месеци да ја отстрани констатираната неуставност, која Собранието ја усвои во октомври.