Ѕанакопулос: Во соседната земја беше направен историски чекор


Атина, 22 октомври, 2018 - 15:45 (META) 

Двотретински изгласаниот предлог во македонското Собрание за почеток на уставните промени е историски чекор што ги носи двете страни поблиску до финалното- стапување во сила на Договорот од Преспа, смета портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос.

-Она што се случи во соседната земја, во ПЈРМ, е историски чекор за почеток на процесите за уставна ревизија и нѐ носи еден чекор поблиску до финалното – стапување во сила на Договорот од Преспа, нешто што создава целосно различни позитивни перспективи и во нашите билатерални односи со соседната земја, но и во регионот, на целиот Балкан. Веќе влегуваме во нова историска фаза. Ги оставаме зад нас конфликтите од минатото и мислам дека оваа нова фаза ќе се покаже како исклучително позитивна за просперитет и соработка на полуостровот – рече Ѕанакопулос во интервју за грчкото радио „Реал фм“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на предвидените временски рокови, портпаролот на грчката Влада објаснува дека штом ќе се финализираат уставните измени, кои, според него, не е предвидено да завршат пред крајот на јануари, грчкиот Парламент ќе расправа за Договорот од Преспа, а потоа ќе биде ратификуван со предвиденото парламентарно мнозинство.

-Моето мислење е дека сѐ ова ќе се случи, бидејќи постои парламентарен и политички сооднос за ратификација и стапување во сила на Договорот, без да бидат предизвикани било какви политички разврски, кои не се директно поврзани со самиот овој договор – вели портпаролот на грчката Влада и министер без ресор.


МВР: Чекаме точни информации дали има загинати на Кајмакчалан


Скопје, 11 февруари, 2018 - 10:36 (META) 

Медиумите објавуваат на своја одговорност, она што можам сега да го кажам е дека наскоро ќе ве контактирам со проверени информации, изјави за „Мета“ Ивица Илиевски, од МВР за случајот за кој медиумите известијата претпладнево.

Според неофицијалните информации што некои медиуми ги пласираат, двајца македонски државјани загиналe на планината Кајмакчалан.


Изјавите на Димитров не помагаат, вели портпаролот на грчката влада


Атина, 2 февруари, 2018 - 13:52 (META) 

Изјавите на Димитров не помагаат, изјавил портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос за грчката државна телевизија „ЕРТ“, коментирајќи ги ставовите што вчера ги изнесе шефот на македонската дипломатија по средбата со медијаторот на Обединетите нации во спорот за името, Метју Нимиц, пренесува МИА.

– Изјавите на господинот Димитров, за време на преговорите, не помагаат, бидејќи тој знае многу добро, а за овие теми разговараа и двајцата лидери господинот Заев и господинот Ципрас, дека постојат конкретни барања, политички барања за да можеме да стигнеме до заемно прифатлив договор – изјави Ѕанакопулос.

Портпаролот на грчката влада изјавил дека во преговорите Атина смета дека постојат „три основни столба на грчките позиции“.

– Првото е сложено име. Второто е она што го нарекуваме „ерга омнес“ односно сложено име за севкупна употреба, што го вклучува и соседот, што значи дека е неопходна промена во уставот, за да може ова „ерга омнес“ да се реализира. И третото е она што се однесува на иредентизмот, што исто така се поврзува со промени во уставот. И мислам дека добро ќе биде да не го предвидуваат резултатот и да не поставуваат црвени линии – изјави Ѕанакопулос.

Инаку, Димитров на вчерашната прес-конференција рече дека „не може никој, па ни нашиот сосед Грција, да го сопре нашето право, правото на моите сограѓани да бидат Македонци и да зборуваат македонски јазик кој е од групата на словенските јазици.


Јована Аврамовска е новa портпаролка на Министерството за финансии


Скопје, 21 јули, 2017 - 11:59 (META) 

Новинарката Јована Аврамовска е нова портпаролка на Министерството за финансии. Аврамовска била новинар во телевизија „Сител“, а на јавноста ѝ е позната по емисијата „Фчерашни новости“.

Таа дипломирала на Економски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде што професор ѝ бил актуелниот министер за финансии, Драган Тевдовски.

Транспарентноста и отчетноста за трошењето на јавните пари е една од целите што ги најави Министерството за финансии, а во таа насока беше и редизајнот на веб-страницата.


СНС Македониум: Тодор Петров е портпарол и активист во сенка на ВМРО-ДПМНЕ


Мелбурн, 22 јануари, 2017 - 11:11 (META) 

Претседателот на Светскиот македонски конгрес (СМК), Тодор Петров, наместо да ги застапува националните интереси, стана портпарол и активист во сенка на ВМРО-ДПМНЕ, вели за „Мета“ заменик-претседателот на новоформираниот Семакедонски национален совет – Македониум, Никола Ставрески.

Тој вели дека Семакедонскиот национален совет – Македониум е национална и непартиска организација, а разликата меѓу нив и СМК е што тие работат тимски и координирано, додека Светскиот македонски конгрес е „човек организација“.

– Ние, Македонците од целата дијаспора, најдовме заеднички јазик по прашањето дека е потребно да се обединиме во една таква организација, преку која, во една позитивна насока, ќе ги штитиме интересите на македонскиот народ. Ние сме национална, непартиска организација и нашата комуникација, засега, се одвива само по електронски пат, затоа што технологијата тоа го овозможува. Што се однесува до прашањето за Светскиот македонски конгрес, за нас тоа е човек – организација и разликата, меѓу нас и т.н. СМК, е во тоа што ние работиме тимски и координирано. Тимот од СМК е во нашите редови и свесно се дистанцираа од Тодор Петров, затоа што тој наместо да ги застапува националните интереси стана потпарол и активист во сенка на ВМРО-ДПМНЕ – вели Ставрески.

Семакедонскиот национален совет – Македониум, како што беше наведено во нивниот проглас, е формиран на 19 јануари оваа година, на Богојавление – Водици, од страна на истакнати Македонци од Австралија, Америка, Канада, Словенија, Швајцарија, Италија и од други земји на дијаспората, како и од Република Македонија.

Целта на организацијата е, како што се наведува во прогласот, одбрана на македонските национални интерси.

За претседател е избран Страшко Олумчев, додека заменици претседатели се Нестор Огинар, Никола Ставрески, Ристо Поповски-Лавот, Виолета Матијевиќ и Ицо Најдовски-Перин.


ОЈО Велес: Обвинетата за измама нè лажела дека е портпарол во Министерството за култура


Велес, 29 ноември, 2016 - 16:03 (META) 

Вработената во Министерството за култура против која велешкото основно јавно обвинителство поднесе обвинение за измама, лажела дека работи како портпарол во кабинетот на заменик-министерот за култура, Драган Недељковиќ.

Јавното обвинителство, кратко по соопштението за поднесеното обвинение, информираше дека попладнево добиле известување од Министерството за култура од каде биле информирани дека „обвинетата Д.Н.К. е вработена во Министерството за култура, но не е ниту портпарол, ниту воопшто е распределена на работно место во кабинетот на заменик-министерот за култура“.

„Обвинетата во текот на целата постапка пред надлежен јавен обвинител се претставува како вработена на работно место портпарол во кабинетот на заменикот-министер за култура“, стои во исправката на Обвинителството.

Како што соопшти денеска јавното обивнителство, обвинетата Д.Н.К. во текот на август и на почетокот од септември им ветила на татко и на ќерка дека за одреден паричен надомест може да го вработи нивниот син, односно брат во МВР, преку огласот за прием на полицајци, кој бил во тек.

„Притоа таа се повикувала на блиски пријателски односи со влијателни луѓе од актуелната власт и од МВР, со што ги навела оштетените да ѝ исплатат вкупен паричен износ од 183.500 денари (околу 3.000 евра н.з.) и тоа етапно, како што течеле активностите околу конкурсот за вработување“, стои во соопштението од Обвинителството.

Три дена по последната уплата на парите, се додава во соопштението, таткото и ќерката, откако биле известени по телефон од портпаролката, отишле во Центарот за обуки на МВР во Идризово за да потпишат договор за вработување, но оттаму им било кажано дека не е организирано потпишување договори и дека нивниот син, односно брат, воопшто не е примен на огласот за обука на полицијаци.


Шилегов: Нема бегање од изборот на специјален јавен обвинител


Скопје, 10 септември, 2015 - 15:30 (META) 

Мое лично, непартиско мислење е дека треба да се врати стариот изглед на објектот на зградата, изјави Петре Шилегов, портпаролот на СДСМ, одговарајќи на новинарско прашање дали СДСМ планира да го врати стариот изглед на Владата на Македонија.

Шилегов рече и дека нема да се избега од изборот на специјален јавен обвинител.

– Бегање од изборот на специјален јавен обвинител нема, 15 септември е за неколку дена. Ако размислите добро, единствениот кому не му одговара избор на специјален јавен обвинител со вистински реални овластувања е токму Никола Груевски и криминалната клика околу него – рече Шилегов.

На прашањето дали СДСМ се залага за расчистување на евентуална одговорност на функционери или поранешни лидери на СДСМ во врска со аферата „Маѓар телеком“, Шилегов рече дека опозицијата се залага пред законот сите граѓани да бидат исти.

– Она што го промовираме ние цело време во нашето политичко дејствување, тоа значи дека секој граѓанин на нашата држава, без оглед на моменталната политичка, државна или поранешна политичка или државна функција, треба да носи одговорност за своите дела или недела пред законите. Пред законот треба во оваа држава конечно сите да станеме исти, без оглед на тоа дали некогаш сме биле или сме или кој било ќе биде носител на каква било државна или политичка функција – рече Шилегов.


СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ се плаши од откривањето на нивниот криминал


Скопје, 20 јануари, 2015 - 16:53 (META) 

Обелоденувањето на криминалите во врвот на власта многу ја вознемири ВМРО-ДПМНЕ. Затоа нагазија во медиумите под нивна контрола со конструкции и со манипулации за портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, реагираат од опозицијата на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

– Во име на вистината и на правото на граѓаните да бидат реално и објективно информирани, портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, уште еднаш јавно ги повикува Никола Груевски, Зоран Ставрески, Миле Јанакиески, поединечно или доколку сакаат сите заедно, да одберат време, место и медиум и јавно да се соочат – пишува во соопштението на СДСМ.

 


„Полицијата и јавноста“ – книга на полицискиот портпарол Стефан Димоски


Скопје, 25 декември, 2014 - 10:02 (META) 

В сабота напладне, во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, пред јавноста ќе биде претставена книгата „Полицијата и јавноста“ на м-р Стефан Димоски, новинар, актуелен портпарол на СВР од Охрид.

Промотори на авторскиот труд на Димоски ќе бидат Томе Груевски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, и Стефан Буџакоски, професор на првиот приватен универзитет ФОН.

Стефан Димоски, пред да ја преземе должноста полициски портпарол, долги години работеше како новинар, главно во електронски медиуми.

Магистрираше на приватниот универзитет ФОН во Скопје.