Мое лично, непартиско мислење е дека треба да се врати стариот изглед на објектот на зградата, изјави Петре Шилегов, портпаролот на СДСМ, одговарајќи на новинарско прашање дали СДСМ планира да го врати стариот изглед на Владата на Македонија.

Шилегов рече и дека нема да се избега од изборот на специјален јавен обвинител.

– Бегање од изборот на специјален јавен обвинител нема, 15 септември е за неколку дена. Ако размислите добро, единствениот кому не му одговара избор на специјален јавен обвинител со вистински реални овластувања е токму Никола Груевски и криминалната клика околу него – рече Шилегов.

На прашањето дали СДСМ се залага за расчистување на евентуална одговорност на функционери или поранешни лидери на СДСМ во врска со аферата „Маѓар телеком“, Шилегов рече дека опозицијата се залага пред законот сите граѓани да бидат исти.

– Она што го промовираме ние цело време во нашето политичко дејствување, тоа значи дека секој граѓанин на нашата држава, без оглед на моменталната политичка, државна или поранешна политичка или државна функција, треба да носи одговорност за своите дела или недела пред законите. Пред законот треба во оваа држава конечно сите да станеме исти, без оглед на тоа дали некогаш сме биле или сме или кој било ќе биде носител на каква било државна или политичка функција – рече Шилегов.