!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Нема загинати и повредени македонски државјани во нападот во Манчестер


Манчестер, 23 мај, 2017 - 13:00 (META) 

Министерството за надворешни работи на Република Македонија го осуди синоќешниот терористички напад во Манчестер, во кој загинаа 22 лица, а 59 се повредени.

Од МНР информираат дека меѓу загинатите и повредените, досега не се евидентирани македонски државјани.

Министерот во заминување Никола Попоски, упати писмо со сочувство до Државниот секретар на Комонвелтот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Борис Џонсон.

„Со длабок шок и огорченост ја примив веста за ужасниот терористички напад во Манчестер во кој настрадаа поголем број деца и млади луѓе. Република Македонија стои, рамо до рамо, во одлучна солидарност со Обединетото Кралство, неуморна во борбата за заедничката одбрана на безбедноста и слободите на нашите граѓани. Само со заедништво и меѓусебна соработка нашите нации никогаш нема да потклекнат пред ова зло.“


Светските лидери го осудија терористичкиот напад во Манчестер


Манчестер, 23 мај, 2017 - 12:22 (META) 

Европските и светските лидери го осудија терористичкиот напад во Манчестер и изразија солидарност со Велика Британија по синоќешната експлозија на концертот на американската поп ѕвезда Ариана Гранде при што загинаа 22 лица, а 59 беа повредени.

Францускиот претседател Емануел Макрон разговарал телефонски со британската премиерка Тереза Меј и и изразил сочуство, солидарност и уверување дека француските и британските сили ќе продолжат со борбата против тероризмот.

Германската канцеларка Ангела Меркел изрази шокираност и тага поради нападот и вети дека ќе се бори против оние кои прават такви незамисливи злосторства.

– Овој напад само ќе ја зајакне нашата решеност да продолжиме да делуваме заедно со нашите британски пријатели против оние кои планираат и изведуваат такви нечовечки дела – порача Меркел.

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер рече дека денеска сите тагуваат со Британија, а дека од утре со нив ќе работат на борба против оние кои се обидуваат да ги уништат нивните животи.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск порача дека неговото срце е со Манчестер и дека мислите се со семејствата на жртвите.

Австралискиот премиер Малком Турнбул изјави дека нападот во Манчестер е „брутален, подол и страшен напад на млади луѓе“.

Портпаролот на јапонската влада Јошихид Суга го осуди нападот и изрази сочувство за семејството на жртвите и додаде дека тој терористички напад не може да биде оправдан на кој било начин.


Путин и Трамп го осудија терористичкиот напад во Манчестер


Манчестер, 23 мај, 2017 - 11:18 (META) 

Рускиот претседател Владимир Путин го осуди терористичкиот напад во Манчестер во кој загинаа 22 лица, а 59 се повредени и изрази сочувство на семејствата на загинатите.

Тој порача дека Русија е подготвена за уште поблиска антитерористичка соработка со Велика Британија.

„Одлучно го осудуваме тој циничен, нечовечен злостор. Веруваме дека организаторите нема да останат неказнети“, се вели во телеграмата на Путин испратена до британската премиерка Тереза Меј.

Сочувство до семејствата на загинатите изрази и претседателот на САД, Доналд Трамп.

– Го изразувам моето најдлабоко сочувство до оние кои се тешко повредени и до семејствата на жртвите. Апсолутно се солидаризираме со луѓето на Велика Британија. Млади, убави и невини животи одземени од злобни губитници – рече Трамп на прес-конференција за време на неговата посета на Израел и ја повика меѓународната заедница на единство за да се зачуваат невини животи од тероризмот.


Заев – Бејли: Очекуваме Иванов да постапи според Уставот и да го даде мандатот


Скопје, 5 мај, 2017 - 13:24 (META) 

Демократските процеси е неопходно да продолжат со формирање на новата влада, кој ќе обезбеди стабилност во државата и перспективи на Македонија кон НАТО и Европската Унија. Ова денеска на средба заеднички го констатирале лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли, соопштуваат од СДСМ.

– Парламентарното мнозинство по изборот на новиот претседател на Собранието, ги презема следните чекори во согласност со деловникот, Уставот и со законите во процесот за формирање на новата реформска влада. Очекуваме Ѓорге Иванов да постапи според уставните задолженија и да го даде мандатот – рекол Заев на средбата.

Лидерот на СДСМ додал дека партијата е посветена да ги реализира сите обврски кон граѓаните за економска стабилност и за развој на земјата.

– Новата влада ќе ги спроведе потребните реформи и ќе обезбеди, за сите граѓани, без разлика на политичката, етничката или каква било друга припадност, сигурна иднина, во праведна и унитарна Република Македонија. Иднината на Македонија се НАТО и Европската Унија и одлучни сме да работиме на вредностите што водат кон тие интеграции – нагласил Заев.

На средбата Заев и Бејли уште еднаш го осудиле насилството во Собранието и посочиле дека сите политички субјекти мора да бидат на ниво на одговорноста и да овозможат мирен трансфер на власта и заштита на граѓанските и на државните интереси.


Европскиот центар за медиумски слободи и ССНМ бараат гонење на насилниците


Скопје, 28 април, 2017 - 16:19 (META) 

Самостојниот синдикат на новинарите и на медиумските работници (ССНМ) ја пофали храброста на новинарите кои вчера известуваа и го документираа насилството и побара органите на прогонот веднаш да излезат со обвинителни акти. Истовремено, упати силна осуда за беснеењето и за пасивноста на полицијата.

„Политиката на етикетирање, говор на омраза, вербално насилство кон новинарите која синоќа кулминираше во Собранието со напад врз десетици новинари и медиумски работници е поразена. Поразена е со храброста на колегите кои и покрај опасноста, го регистрираа беснеењето на насилниците и пасивноста на полицијата. Затоа нема дилеми дека од денеска почнува процесот на, не само декларативно туку и реално повикување на одговорност не сите тие што инспирираа, дозволија и спроведоа акти кои се срам за едно цивилизирано општество. Полицијата, ЕБР и тие што со нив командуваат се директно одговорни, еднакво како и оние хулигани кои по ходници ловеа новинарски екипи, тепаа, навредуваа, уништија мобилни телефони и опрема – не случајно, свесни дека токму регистрирањето на нивното дивеење е доказ кој ќе ги донесе на суд. Бараме од органите на прогонот веднаш да излезат со обвинителни акти. Сè друго ќе значи соучесништво со насилниците“, се вели во соопштението од ССНМ.

Здружението на новинарите, пак, ја пренесува реакцијата на Европскиот центар за медиуми и медиумски слободи (ЕЦПМФ), чија мисија од вторникот до денеска е во Македонија, заради истражување на причините за зголеменото насилство врз новинарите во Македонија во последните години.

„Би сакале да ја изразиме нашата длабока загриженост по вчерашните физички напади на новинарите во Собранието на Република Македонија. Од почетокот на 2016 година, па сè до вчера, од страна на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) се регистрирани најмалку 21 напад на новинари. Овој број е само дел од неколкуте десетини напади во изминативе години. Ова е јасен показател за постојаниот пораст на нападите врз новинари“, се вели во реакцијата.

Од ЕЦПМФ велат дека властите мора итно да ги преземат сите мерки за казнување на виновниците и за спречување на понатамошно повторување на напади врз новинари.

„Сакаме недвосмислено и цврсто да ургираме кај политичките партии и сите релевантни тела и авторитети да ги спречат сите понатамошни напади и да обезбедат сигурно опкружување за новинарите и слободата за изразување. Ги повикуваме судските и сите други авторитети да престанат со сеприсутната практика на неказнивост“, стои во соопштението.

ЕЦПМФ ги повика сите новинари сериозно да ја извршуваат нивната улога на чувари.

„Ги охрабруваме да ги пријавуваат случаите на напади, закани и вознемирувања и да поднесуваат жалби по истите. Новинарите би требало солидарно да застанат со нивните колеги, да соработуваат и да се подржуваат меѓусебно“, порачува Европскиот центар за прес и медиумски слободи.


Заев: Насилството го направија бандити и полицајци поттикнати од Груевски, Иванов и од Чавков


Скопје, 28 април, 2017 - 15:08 (META) 

Насилството врз новинарите и врз пратениците е поттикнато од Никола Груевски, Ѓорге Иванов, Трајко Вељаноски, Митко Чавков и од група нивни соработници кои ги погодува трансферот на власт и се подготвени за своите интереси да ги жртвуваат државните интереси, рече на прес-конференција лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

– Насилството што се случи вчера не е демократска вредност. Насилството е резултат на режимот во распаѓање. Затоа вчерашниот ден во парламентот беше тест за Македонија и за сите граѓани. Во периодот што следува мора да покажеме колку сме зрели како граѓани и држава и да застанеме зад вистинските демократски вредности. Не смееме да потпаднеме под провокации, ве повикувам да останеме мирни и присебни – рече Заев.

Лидерот на СДСМ нагласи дека нападот вчера бил обид за убиство по план и со добра умисла и додаде дека тој лично ги познава сите што директно барале одземање на животите и, како што кажа, дел од нив биле полицајци, а дел бандити.

Заев како следен чекор рече дека очекува новоизбраниот претседател на Собранието, Талат Џафери, да испрати писмо до претседателот на држава, Ѓорге Иванов, и да го извести за новото парламентарно мнозинство и во следните два-три дена да има доделување мандат за влада.

На новинарско прашање дали ќе оди на лидерска средба кај претседателот Иванов, тој рече дека воопшто не ни размислува за лидерска средба.

– Каде? На клинички центар да ја правиме лидерската со Зијадин Села? Иванов е еден од директните виновници за тоа што се случи во Македонија и не дај Боже да се повтори. Тој е дел од кризата и не може да биде некакво решение на кризата – додаде Заев.


И МНР се изјасни: Имало повод граѓаните така да реагираат, потсетуваат на лидерската


Скопје, 28 април, 2017 - 11:47 (META) 

Министерството за надворешни работи на Република Македонија преку соопштение силно го осуди секој акт на насилство, вклучително и вчерашниот насилен инцидент во Собранието на Република Македонија и порача дека тоа никако не смее да биде начин за справување со предизвиците.

„Обидот за избор на претседател на Собранието, надвор од процедурите пропишани со Уставот и со законите на Република Македонија, како и на деловникот во Собранието, беа повод револтирана група граѓани насилно да влезе во просториите на законодавниот дом. Тоа резултираше со неколку повредени лица, меѓу кои и членови на парламентот. Со интервенција на органите на редот, сите пратеници се безбедно евакуирани, а ситуацијата е смирена“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.

Од МНР потсетуваат дека претседателот Ѓорге Иванов повика за итно одржување лидерска средба на челниците на политичките партии за наоѓање решение за политичката криза и за смирување на тензиите.

Министерството за надворешни работи на Република Македонија апелира за поддршка на дијалогот меѓу политичките чинители во рамките на институциите, со целосно почитување на уставниот поредок.


Албанско МНР: Политичарите да покажат умереност и да избегнат запалива реторика


Тирана, 28 април, 2017 - 10:57 (META) 

Албанското Министерство за надворешни работи преку соопштение до јавноста изрази загриженост за насилствата во македонското собрание.

„Таквите судири и сцени на насилство против претставници избрани од граѓаните на Македонија се неприфатливи и не се достојни за парламентарна демократија. Насилството воопшто не помага во решавање на настаната ситуација. Ги повикуваме силите за безбедност да се вклучат во зачувување на јавниот ред и безбедноста на граѓаните и на нивните претставници“, се вели во соопштението.

МНР на Албанија ги повикува политичарите да покажат умереност и да избегнат реторика што би можеле да додаде гориво во напнатата ситуација.

„Македонските граѓани очекуваат дека на кризата ќе ѝ дојде крајот што е можно поскоро и институциите ќе продолжат со нивното нормално функционирање, за соживот и за меѓуетничка хармонија, како и за евро-атлантски напредок на земјата“, велат од МНР на Албанија.


Курц и Заниер најостро ги осудија упадот во Собранието и нападот на пратениците


Виена, 28 април, 2017 - 10:09 (META) 

Претседавачот на ОБСЕ и австриски министер за надворешни работи, Себастијан Курц, и генералниот секретар на ОБСЕ, Лaмберто Заниер, најостро го осудуваат вчерашниот упад во Собранието на Македонија во Скопје.

Тие сметаат дека насилството не може да биде замена за политичките решенија и дека таквите решенија треба да се бараат во рамките на демократските процеси на одговорен начин.

„Нападите на неколку членови на Собранието, упадот во зградата на парламентот – срцето на демократијата на земјата, се шокантни. Ова е акт на заплашување, напад на претставниците на народот, кој јас категорично го осудувам. Смиреноста и редот мора веднаш повторно да се воспостават. Ги повикувам сите страни да се воздржат од понатамошна ескалација на тензии или насилство“, рече Курц.

Генералниот секретар Заниер рече дека за насилството нема место во политичкиот процес.

„Насилството мора веднаш да престане. Органите за спроведување на законот мора да обезбедат безбедност на пратениците и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата“, изјави Заниер.

Претседавачот на ОБСЕ и генералниот секретар ги повикуваат политичките чинители повторно да го воспостават дијалогот во Собранието и да ги почитуваат демократските принципи, како и резултатите од декемвриските избори.


Беса: МВР им дозволи на хулиганите на ВМРО-ДПМНЕ да го нападнат Собранието


Скопје, 28 април, 2017 - 1:21 (META) 

Движењето Беса најостро ги осуди инцидентите и нападот во Собранието и ги повика државните органи што се надлежни за обезбедување на јавниот ред и мир да застанат во одбрана на државните институции и на безбедноста на граѓаните.

„Констатираме дека тоа што Министерството за внатрешни работи им дозволи на хулиганите на ВМРО-ДПМНЕ да ја нападнат највисоката законодавна институција, е знак дека Македонија веќе не доликува на демократска држава и тука никој веќе не е сигурен за својот живот. Го осудуваме насилството и ги повикуваме сите граѓани на земјата, особено Албанците, да бидат внимателни, да не излегуваат на јавни плоштади и на фреквентни улици во Скопје и да не бидат жртви на разните провокации, кои се прават со сега познато сценарио. Убедени дека насилството не е начин за решавање на несогласувањата, ги повикуваме сите страни да бидат разумни, бидејќи една мала грешка денеска може да нè чини скапо утре“, велат од Беса.