Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) најостро го осудија физичкиот напад врз новинарот Љупче Златев што се случил вчеравечер во еден скопски локал.

Според Златев, тој бил физички нападнат од лице, подоцна идентификувано од нападнатиот, кое се обидело да го исфрли од локалот при што му биле нанесени повеќе лесни телесни повреди.

„Нападот е пријавен во полиција и ССНМ очекува брзо откривање на сторителите и нивно изведување пред лицето на правдата. Слободата на говор и плурализмот во медиумите се основи на секоја демократија и без основна безбедност на новинарите и медиумските работници, не е можно практикување на оваа професија. Ги повикуваме институциите, МВР и Основното јавно обвинителство итно да постапуваат во ваквите случаи и тие да не се оставаат нерешени, бидејќи неказнивоста значи и еден вид охрабрување на идните престапници. Уште еднаш потсетуваме дека е потребна итна измена на Кривичниот акон, при што нападот врз новинари и медиумски работници ќе се третира како напад врз службено лице, односно институциите ќе мора по службена должност да преземаат дејствија за расчистување на ваквите напади,“ велат од ССНМ.

Од ААВМУ исто така сметаат дека „нападите врз новинарите претставуваат загрозување на слободата на медиумите и на слободата на информирање.“

„Секој вид на притисок води кон уназадување на демократските процеси и е спротивно на европските вредности, кон кои се стремиме. Агенцијата во повеќе наврати апелираше дека безбедноста на медиумските работници мора да биде загарантирана, затоа што само така ќе можат непречено да ја вршат нивната општествено одговорна професија,“ се додава во соопштението на ААВМУ.

ЗНМ бараат од Министерството за внатрешни работи итно да ги истражи мотивите за нападот како и лицата кои биле вклучени во инцидентот.

„Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство само преку брза постапка ќе покажат дека постои волја за расчистување на случаи во кои има напади врз новинари. Со тоа ќе се придонесе кон обесхрабрување на идни напади, а и ќе се подобри степенот на безбедност на новинарите и медиумските работници,“ додаваат од ЗНМ.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.