!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Денеска се одржува 31. Охридски пливачки маратон


Охрид, 19 август, 2017 - 12:57 (META) 

Денеска се одржува 31. Охридски пливачки маратон, на кој, за титулите во машка и во женска конкуренција се борат 15 пливачи и седум пливачки.

Патеката „Климе Савин“ на охридскиот маратон e долга 30 километри, започнува од манастирот „Свети Наум“ и завршува на градското пристаниште во Охрид.

Неприкосновен шампион во машка конкуренција со години беше Петар Стојчев од Бугарија со дури 11 победи. Минатата година златото го освои македонскиот пливач, Томи Стефановски.

Главен покровител на охридскиот пливачки маратон е претседателот на Република Македонија, а организатори се Меѓународната пливачка федерација (ФИНА) и Пливачката федерација на Република Македонија. Годинава како координатор се вклучува и Општина Охрид.


В сабота на 31-от Охридски пливачки маратон 22 пливачи ќе се борат за титулите


Охрид, 14 август, 2017 - 14:58 (META) 

На Охридското Езеро в сабота ќе се одржи 31-то издание на Охридски пливачки маратон, на кој за титулите во машка и во женска конкуренција ќе се борат 15 пливачи и седум пливачки.

Патеката „Климе Савин“ на охридскиот маратон, долга 30 километри, започнува од манастирот „Свети Наум“ и завршува на градското пристаниште во Охрид. Маратонот во сегашниот формат се одржува од 1962 година, а првата маратонска трка се одржала во 1954 година во должина од 2,5 километри.

Поради долгата традиција овој маратон од 1998 година стана дел и од Гран при серијата на Меѓународната пливачка федерација (ФИНА) која заедно со пливачката федерација на Република Македонија со години го организира овој прекрасен спортски настан.

Неприкосновен шампион во машка конкуренција со години беше легендарниот Петар Стојчев од Бугарија со  дури 11 победи. Минатата година златото го освои македонскиот пливач Томи Стефановски.

Женските трки во овој маратон се одржуваат уште од самите зачетоци кога Атина Бојаџи беше првата жена да победи на трката во 1962 година. Мината година златото го зеде Олга Кузудуб од Русија.

Главен покровител на охридскиот пливачки маратон е претседателот на Република Македонија, а организатори се Меѓународната пливачка федерација (ФИНА) и Пливачката федерација на Република Македонија. Годинава како координатор се вклучува и Општина Охрид.


Се урна хеликоптер во Грција, загинаа две лица


Атина, 23 јуни, 2017 - 12:08 (META) 

Цивилен хеликоптер се урнал северно од Атина, при што загинале две од трите лица што биле во него, јавија грчките медиуми.

Пожарникарите кои интервенирале на местото на несреќата, близу Маратон, на 40 километри северно од Атина, велат дека по падот на леталото во мочуришното подрачје, едно од лицата излегло од урнатиот хеликоптер, а другите двајца биле пронајдени во леталото во несвесна состојба и подоцна биле прогласени за мртви од екипите на брза помош.

Причините за несреќата се засега нејасни. Хеликоптерот бил најмен од локалните власти.


8.500 учесници од 51 држава денеска трчаа на „Виз ер скопски маратон“


Скопје, 7 мај, 2017 - 15:22 (META) 

На „Виз ер скопски маратон 2017“, кој денеска се одржа низ скопските улици, трчаа 8.500 учесници од 51 држава, што е рекорден број, информираа организаторите.

Промоторки на маратонот годинава беа близначките од Естонија, Леила, Лина и Лили, кои трчаа и на маратонската трка на Олимписките игри во Рио. На маратонот денеска беа победнички на трката од 21 километар.

„Секоја година ги следевме искуствата на другите метрополи во кои се организира ваков спортски настан и затоа секоја година воведувавме иновативни решенија кои нè доближуваат до поголемите маратони во светот“, истакна директорот на „Виз ер скопски маратон“, Кире Синадиновски.


Томи Стефановски триумфираше на Охридскиот пливачки маратон


Охрид, 21 август, 2016 - 10:13 (META) 

Македонецот Томи Стефановски е победник на јубилејниот, триесети Охридски пливачки маратон, кој се пливаше на триесет километарската патека „Климе Савин“, од Свети Наум до Охрид.

Стефановски во фото-финиш стигна прв заедно со минатогодишниот победник, исто така од Македонија, Евгениј Поп Ацев, но тој непрописно влезе со мало промашување на целта што го чинеше губење на второто место. Тоа му припадна на Едуардо Стокино од Италија, а трет беше Матеус Евангелиста од Бразил.

Во женска конкуренција, прва на целта стигна Олга Козудуб од Украина.

На маратонот беа пријавени 18 наптреварувачки од повеќе држави во светот. Маратонот се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, додека негови организатори, покрај ФИНА, беа Пливачката федерација на Македонија (ПФМ), градот Охрид, охридскиот Сојуз на спортови и Агенцијата за спорт и млади, која го финасираше со 400 000 денари.

Охридскиот пливачки маратон е еден трите годинава кои се одржуваат во „Гран-при“ серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА).


МВР поднесе прекршочна пријава за лицето што физички нападна граѓанин на маратонот


Скопје, 10 мај, 2016 - 14:34 (META) 

Министерството за внатрешни работи поднесе прекршочна пријава за лицето С.С., кое физички нападна граѓанин на Скопскиот маратон.

Како што велат од МВР, С.С. во неделата, на 8 мај, за време на одржувањето на Скопскиот маратон, нападнал граѓанин кој држел транспарент „Трчај како да ја носиш веста дека Грујо е во затвор!“.

Од Mинистерството информираат дека е извршен разговор со С.С. во присуство на адвокат.


Меѓународен ултрапланински маратон „По стапките на Крали Марко“


Прилеп, 26 септември, 2015 - 15:28 (META) 

Меѓународен ултрапланински маратон „По стапките на Крали Марко“ се одржува денеска и утре во Прилеп.

Маратонот опфаќа три трки, од кои две денеска и една утре, а ќе учествуваат околу 170 луѓе од седум држави.

Учесниците во двете денешни подолги трки ќе трчаат на 65 и на 31 километар, а утре е трката од 16 километри за младите учесници. За сите трки тргнувањето е од амфитеатарот во населбата Варош. Се трча кон Трескавец, потоа се оди кон селото Дабница, па кон Прилепско Езеро.

Потоа натпреварувачите се упатуваат кон селото Плетвар, од каде се искачуваат на врвот Козјак. Оттука, учесниците слегуваат кон селото Крстец, па кон манастирот „Св. Ѓорѓија“ и потоа повторно се оди на Трескавец од каде се слегува во Прилеп.

На маратонот ќе има учесници од Бугарија, Србија, Хрватска, Турција, САД, Британија и од Македонија.

Според Трајче Панковски, директор на планинскиот маратон „По стапките на Крали Марко“, ова е најдолгиот планински маратон во Македонија и трката е влезена во светските листи на планински трки.
Победниците на овие трки ќе добијат медали, плакета и спортска опрема.


Повеќе од 3.000 учесници на ревијалната трка на „Виз ер Скопје“


Скопје, 20 септември, 2015 - 13:18 (META) 

Повеќе од 3.000 учесници учествуваа на ревијалната трка на „Виз ер Скопје“ на 5 километри.

Трката почна во 9 часот на улицата Димитрија Чуповски, кај „Рекорд“, а се трчаше низ булеварот Климент Охридски, Илинденска, Франклин Рузвелт, па долж булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов учесниците се упатија кон финишот.

– Сакам да им се заблагодарам на сите љубители на спортот и на трчањето, на сите аматери и професионалци кои утрово заедно создадоа неверојатна позитивна атмосфера токму во центарот на Скопје – изјави директорот на Скопскиот маратон, Кире Синадиновски.

Трката „Виз ер Скопје“ е дел од Европската недела на спортот која е поддржана и организирана од Европската комисија.


Кенијците Абел Кибет и Ребека Џепчирчир триумфираа на маратонот во Охрид


Охрид, 8 септември, 2015 - 14:50 (META) 

Абел Кибет, атлетичар од Кенија, е победник на 29. Меѓународен охридски атлетски маратон, што се одржа денеска во чест на Денот на независноста на Република Македонија.

Тој ја истрча патеката долга 30 километри од Свети Наум до Охрид за време од 1.43.10.

– Трката беше одлична, но неизвесна. Со мојот конкурент држевме исто темпо речиси цело време. Првпат доаѓам во Охрид и многу ми е мило што победив – рече Кибет.

Во женска конкуренција, прва на целта пристигна неговата сонародничка Ребека Џепчирчир, која патеката ја помина за време од 1.48.12. и го сруши досегашниот рекорд што го држеше атлетичарката Ана Суботиќ.

– За време на трката ги следев машките атлетичари кои имаат заслуга за мојот денешен резултат – истакна Џепчирчир.

Во машка конкуренција, втор на целта пристигна Тамаш Наги од Унгарија (1.43.39), а зад него се најде и српскиот атлетичар Саша Столиќ (1.48.11).

Кај жените, досегашната рекордерка Ана Суботиќ беше втора на годинешната атлетска трка, а на трето место се најде Благица Јованова од Кочани.


Прв веслачки маратон во Охрид, на 19 септември


Охрид, 7 септември, 2015 - 10:03 (META) 

Веслачки маратон ќе се одржи на 19 септември во Охридското Езеро. Маратонот, кој се случува првпат, ќе почне во Струга, а целта е Канео во Охрид.

Се очекува дека оваа манифестација ќе го зголеми интересот на младите за веслањето, спорт кој последнава деценија сè помалку е актуелен во Македонија. Веслачите од Струга и од Охрид имаат значајни остварувања на балканските веслачки првенства.

Постои интенција трката да стане традиционална.