Медицинските техничари и сестри трчаа во чест на колегите што ја загубија битката со пандемијата

Претставници на здружението „За нас“ на Скопскиот маратон. Фото: „За нас“, 3 октомври 2021

Членовите на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ беа дел од Скопскиот маратон и трчаа во чест на нивните колеги и колешки кои борејќи се против пандемијата го загубија својот живот, но и за оние кои сѐ уште се таму, во првите борбени редови.

Здружението „За нас“ порача дека медицинските сестри се секогаш во кондиција, но и дека тие се најважната алка во здравствениот систем. Побараа посебен закон за унапредување на професијата.

„Иницијативата за учество на овогодинешниот маратон е поттикната од потребата повторно да го подигнеме нашиот глас, но преку една убава спортска манифестација, како што и прилега на нашата племенита професија. Нашите членови трчаа во маички со слогани кои говорат за важноста на сестринската професија но, и за оние работи кои недостасуваат. Еден од нашите слогани вели дека медицинските сестри се секогаш во кондиција, и тоа е навистина така. Да се биде медицинска сестра значи голема пожртвуваност и подготвеност во секој момент. Ние сме најважната алка во здравствениот систем и потребни се промени, потребен е закон со кој ќе се унапреди и заштити нашата професија. „Не правете нѐ невидливи. Ние денес трчаме за нас!” – мотото со кое оваа година за првпат земавме учество на Скопскиот маратон, но со надеж дека оваа инцијатива ќе прерасне во традиција и ќе не има во многу поголем број“, порачаа од здружението на медицински, стоматолошки сестри и техничари и акушерки.