!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Како „копи-пејст“, „препишани“ и „излишни“, не поминаа 95 амандмани за буџетот


Скопје, 7 декември, 2017 - 15:03 (META) 

„Не се прифаќа“. „За побараното со овој амандман веќе се предвидени пари во буџетот за 2018 година“. „Општините треба да аплицираат во соодветното министерство и ќе добијат пари од буџетот“. Така денеска гласеше постојано одговорот што го даваше Ширет Елези, заменик-министер за финансии, како претставник на Владата, на сите прашања од претседавачот на седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Васко Ковачевски, како се изјаснува Владата за одреден амандман.

До попладневната пауза беа разгледани 95 амандани за буџетот за 2018 година, а од нив, освен трите што Беса ги повлече, сите беа отфрлени со само еден глас „за“ или без гласови за поддршка. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и денеска не учествуваа во работата на комисијата. За разлика од нив, на седницата беа пратениците од Беса, кои ги образлагаа своите предлози.

Пратениците Жаклина Лазаревска, Диме Велковски, Ивана Туфегџиќ, Горан Милевски прашува како е можно најголемиот дел од амандманите да бидат буквално истите, со истата побарана сума и со истото образложение, „а да се смени само „старски дом“ со „училиште“ или да се смени името на местото.

– Од една ставка ги барат сите пари од Филхармонија. И што ќе се случеше ако министерството ги прифатеше барањата? Кога ги пишувале амандманите брзале, не виделе дека во сите бараат по 20 милиони од Филхармонија. Па, помножете со бројот на амандмани и ќе видите дека така Македонска филхармонија не само што ќе остане без пари, туку ќе ѝ се создаде и долг од 7 милијарди денари. Овие амандмани немаат врска со реалноста. Седнале во еден ден, само градовите ги смениле, сè друго е исто – рече Милевски.

Независната пратеничка Ивана Туфегџиќ, пак, амандманите од ВМРО-ДПМНЕ ги оквалификува како „чист популизам“, само за да се каже дека се поднесени амандмани, а тие се или непотребни или технички неуредни.


Второ продолжение на комисиската расправа за буџетот во 11 часот


Скопје, 6 декември, 2017 - 9:52 (META) 

Собранието денеска во 11 часот го закажа второто продолжение на седницата на Комисијата за финансирање и буџет. Седницата на која се разгледува предлог-буџетот за 2018 година, почна на 27 ноември, и оттогаш нејзиното одржување се одложуваше една недела.

Вчера се одржа првото продолжение на седницата, на која не присуствуваа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Со комисијата претседава пратеникот на СДСМ, Васко Ковачевски, кој на почетокот рече дека бил овластен од претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ја води седницата.

Пратеникот на СДСМ, Јован Митрeвски, ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се вратат на седницата за да имаат, како што рече, „суштинска дебата за овој значаен документ“.

Kомисија денеска треба да почне да ги разгледува 279 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и од Беса. За буџетот, исто така, ќе се расправа и на седница на Законодавно-правната комисија. Предлог-буџетот за 2018 година се очекува да се најде пред пратениците на гласање до 18 декември годинава.


Расправата за буџетот продлжува утре – ќе се разгледуваат предложените амандмани


Скопје, 5 декември, 2017 - 18:19 (META) 

Комисијата за финансирање и буџет ја прекина денешната седница и го закажа нејзино продолжение за утре во 11 часот. По една недела пауза, комисијата денеска продолжи да работи без присуство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која засега сè уште нема одлучено дали целосно ќе го напушти Собранието.

Претседателката на Комисијата, Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ, минатата недела на неопределено ја одложи работата на собраниската комисија по приведувањето на 36 лица за насилствата во Собранието од 27 април годинава, меѓу кои и шест пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Собранискиот спикер Талат Џафери ја деблокираше работата на комисијата, назначувајќи го Васко Ковачевски од СДСМ за претседавач на ова собраниско тело. Пред почетокот на комисиската седница, новиот претседавач Ковачевски ја повика опозицијата да се врати на расправите за предлог-буџетот за 2018 година.

– Ние како владејачко парламентарно мнозинство сме должни да обезбедиме општа амандманска расправа за буџет. Верувам дека и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе учествуваат на седницата и ќе дадат свој придонес во подготвоката на буџетот, со оглед дека имаат поднесено голем број амандмани. Доколку решат да се вклучат во работата на комисијата, претседателката Лилјана Кузамновска може да продолжи да претседава – рече Ковачевски.

Пратениците од владејачкото мнозинство во своите излагања го фалеа предложениот буџет, но и изразија жалење што претставниците од ВМРО-ДПМНЕ не се присутни за да дебатираат за клучни прашања, како и за да ги бранат амандманите што ги предложиле.

– Очекував дека тука ќе бидат и колегите од опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и да ги спротивставиме нашите ставови, затоа што имавме различни гледања за ребалансот на буџетот – изјави Панче Иванов од СДСМ.

Пратеничката Лидија Тасевска од СДСМ рече дека предлог-буџетот за 2018 година ќе обезбеди стабилизација на економијата и граѓаните бргу ќе ги почувствуваат придобивките од него.

– Со предлог-буџетот за 2018 година е предвидена значителна отплата на долговите на домашниот и на странскиот пазар. Сегашната реформска влада мора да обезбеди средства за исплаќање на долгот на поранешната влада – рече Тасевска.

Kомисија утре треба да почне да ги разгледува 279 амандмани поднесени од опозицијата и од Беса. За буџетот исто така ќе се расправа и на законодавно-правната комисија. Предлог-буџетот за 2018 година се очекува да се најде пред пратениците за гласање до 18 декември годинава.


Повторно одложена седницата на Комисијата за финансирање и буџет


Скопје, 1 декември, 2017 - 12:11 (META) 

Собранието извести дека и денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, која требаше да почне во 11 часот, е одложена.

Денеска беше четвртиот обид да почне првото продолжение на 20. седница на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на која на дневен ред е расправата за предлог-буџетот за 2018 година, но таа повторно се одложи без дополнително објаснување.

Еден од членовите на Комисијата за финансирање и буџет е и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, кој во вторникот беше уапсен заедно со уште дваесетина лица поради основано сомневање за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста, од член 313 од Кривичниот законик.

Денеска на пленарна седница во Собранието, пратениците треба да одлучат по барањето на Основниот суд Скопје 1 да им се одземе имунитетот на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска, поради учество во насилството на 27 април годинава во Собранието.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, преку соопштение, најави дека нема да учествува на седницата.


Комисиската расправа за буџетот за 2018 година ќе продолжи утре


Скопје, 29 ноември, 2017 - 17:24 (META) 

По дводневна пауза, утре во 11 часот ќе продолжи седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет, на која ќе се расправа за буџетот за 2018 година. Првото продолжение на оваа седница се одржа во понеделникот, а претседателката на Комисијата, Лилјана Кузмановска, за вчера и за денеска не закажа термин.

Овој потег на Кузмановска беше критикуван и од политичарите и од јавноста, а пратениците на СДСМ претпладнево побараа од претседателот на Собранието, Талат Џафери, да назначи нов претседател на ова парламентарно тело за да продолжи расправата за новата државна каса.

ВМРО-ДПМНЕ и Беса имаат поднесено 270 амандмани за предлог-законот за буџетот.


Одложена седницата на Комисијата за финансирање и буџет


Скопје, 28 ноември, 2017 - 11:37 (META) 

Седницата на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието, која беше закажана за денеска во 11 часот, се одложи на неодредено, информираат од собраниските служби.

На седницата треба да се расправа за предлог-буџетот за 2018 година.

Еден од членовите на Комисијата за финансирање и буџет е и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, кој утринава беше уапсен заедно со уште дваесетина лица поради основано сомневање за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, од член 313 од Кривичниот законик.

Комисиската расправа за буџетот на Република Македонија за 2018 година почна вчера и денеска требаше да се одржи првото продолжение од расправата.

Додека се расправа за буџетот, во Собранието сите други активности запираат.


Расправата за буџетот попладнево само за проблемите на Албанците


Скопје, 27 ноември, 2017 - 17:03 (META) 

Во попладневното продолжение на општата расправа за предлог-буџетот за 2018 година се зборуваше за проблемите на подрачјата населени со Албанци, за проблемите на албанската култура и на високото образование на албански јазик. Во дискусија полна со реплики, Неџбедин Каремани од Беса и Реџаиљ Исмаили од ДУИ изнесуваа бројки и наведуваа реализирани и нереализирани проекти.

Каремани рече дека буџетот, како што е предложен од Министерството за финансии, прави дискриминација на Албанците оти не предвидува пари или дава многу малку за автопатот кон Приштина, за Државниот универзитет во Тетово, за инфраструктурата во општините населени со Албанци. Забележа и дека кога станува збор за туризмот, се планираат пари за Берово, Маврово, Дојран, Охрид, а нема пари за Попова Шапка и нови плажи во Струга.

Според Каремани, новиот буџет прави грешка и со тоа што предвидува повеќе приходи од зголемување на акцизата за нафтата, наместо да се намали прагот на фирмите според кој ќе станат обврзници на ДДВ.

Исмаили реагираше со бројки, велејќи дека станува збор за правилна распределба во рамки на можностите на државата. На забелешките дека нема пари за локални проекти, тој рече дека е така оти општините не подготвиле проекти. Ја пофали Владата дека првпат предвидува можност ако некоја општина нема готов проект, да аплицира повторно, а потоа преку министерствата ќе може да се пренаменат пари.

– Не еден, туку и повеќе ребаланси ќе се направат ако треба – рече Исмаили.


Со општата комисиска расправа за буџетот, почнаа и општите партиски препирки


Скопје, 27 ноември, 2017 - 15:58 (META) 

Дали буџетот за 2018 година е развоен или не, зошто новата власт нема доволно странски инвестиции и не ги зголемува пензиите и платите, кој за што се задолжувал и колку пари сега треба да се враќаат, беше содржината на дискусиите во општата расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска до паузата.

Откако министерот за финансии, Драган Тевдовски, го изложи предлог-буџетот, прва за збор се јави претседателката на комисијата, Лилјана Кузмановска, која рече дека во него нема ниту една нова инвестиција или договор со нов инвеститор, туку само продолжување на проекти почнати од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Таа забележа и дека нема пари за зголемувањето на пензиите од 5 отсто, како и за тоа што нема да има зголемување на плати во јавните институции, освен за образованието, здравството и за одбраната.

Пратеникот Васко Ковачевски од СДСМ рече дека буџетот за следната година е и „граѓански и развоен“, за разлика од трошењето на претходната власт која, како што рече, оставила многу долгови.

– Почнува економска стабилизација на државата, повеќе пари се насочуваат кон граѓаните, се создаваат напори за поголеми плати. Педантно и одговорно ќе се трошат парите на граѓаните, оти ова се пари на граѓаните и со него ќе се остваруваат основните функции на државата. Граѓаните ќе кажат на следните избори дали се исправни политиките – рече тој.

На ова реплицираше Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека е нормално да не се очекуваат спектакуларни резултати, но дека новата власт давала токму такви изјави.

Општата расправа на комисијата треба да продолжи во 15.30 часот.


Буџетот за 2018 година во собраниска процедура ќе влезе на 27 ноември


Скопје, 15 ноември, 2017 - 14:46 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, очекува Буџетот за 2018 година да биде усвоен од пратениците до 20 декември. Џафери во изјава за „Алсат-М“ најави дека матичната Комисија за финансирање и буџет првата седница ќе ја закаже на 27 ноември, по што ќе почнат да течат строго утврдените рокови во Деловникот за усвојување на Буџетот.

Додека трае комисиската расправа за буџетот Собранието нема да одржува пленарни седница.

Џафери смета дека не се можни опструкции од страна на опозицијата околу усвојувањето на Буџетот за наредната година.

Владата до Собранието на 10 ноември го достави Буџетот за 2018 година кој ќе биде до сега најголем во историјата на државата и ќе изнесува над 3 милијарди и 400 милиони евра и буџетски дефицит од 296 милиони евра или 2,7 отсто од БДП.


ВМРО-ДПМНЕ обвинува за злоупотреба на деловникот, СДСМ велат опозицијата блокира


Скопје, 28 јули, 2017 - 15:29 (META) 

Собранието ќе ја продолжи осмата седница по паузата за ручек, откако претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прекина петтата седница за извештајот на Агенцијата за администрација.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ велат дека претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Лилјана Кузмановска, не го потпишала извештајот од расправата за ребалансот на буџетот и побараа пауза и информација за тоа кој, како што тврдат, неовластено го потпишал извештајот.

Џафери претходно даде уште една пауза, откако не ѝ дозволи на Кузмановска да зборува од говорницата. Кузмановска побара време за процедурално обраќање за да ја објасни ситуацијата во која се најде, но Џафери упорно тврдеше дека таа треба да оди на своето место и да бара збор, бидејќи нема право на процедурална забелешка.

Истовремено, Џафери му го исклучи микрофонот на пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ кој дофрлаше од место, додека Џафери ѝ објаснуваше на Кузмановска, која беше на говорница, дека нема право на збор.

Собранискиот спикер го прифати барањето за пауза, но нагласи дека ребалансот на буџетот не е на дневен ред на оваа седница и оти пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараната информација ќе ја добијат кога ќе се расправа по таа точка.

Петре Шилегов од СДСМ на денешната прес-конференција во Собранието рече дека јавноста е сведок на обидите за блокада што ги врши ВМРО-ДПМНЕ иако претходно на координација со претседателот Џафери било договорено денеска да завршат со изборот на замениците на генералниот секретар на Собранието, измените на Кривичниот законик во делот на Суперкупот и да го усвојат извештајот за работата на Агенцијата за администрација.

– Вчера ги спречивме да опструираат да не се донесе извештајот на Комисијата за финансирање и буџет. Претседателката на Комисијата одби да го потпише извештајот произлезен од неа. Во таков случај мнозинството членови на комисијата, според деловникот, го потпишаа извештајот – тврди Шилегов.