Физички одвоена траса за движење на БРТ возилата во Буенос Аирес; Фото: Gobierno de la Ciudad Autónoma de Buenos Aires, CC BY 2.5 ar, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=40121880

По речиси четири месеци лутање низ собраниските лавиринти, низ филтерот на Комисијата за финансирање и буџет денеска помина владиниот предлог-закон за задолжување на земјава кај Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за изградба на две линии од „трамвајот на тркала“ во Скопје. Владата го утврди текстот на предлог-законот за брзиот автобуски превоз-БРТ уште кон средината на ноември минатата година, но тој допрва ќе треба да се изгласа од пратениците на една од наредните собраниски седници.

На денешната расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет пратениците од опозицијата се изјаснија против задолжување на државата за финансирање на „трамвајот на тркала“ во Скопје. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Македонија има други приоритети кои треба да се покријат со задолжување на целата земја во сред економска криза.

„Брз автобуски превоз е само за повеќемилионски градови, не е за Скопје. Дали скопските булевари се доволни за ваков превоз? Како што реков, пет до шест од булеварите и улиците коишто ќе бидат зафатени со овој проект веќе се реновираа од страна на Шилегов и за тоа се потрошија милионски суми. Значи, сето ова било за џабе. Повторно Скопје ќе има раскопани улици и зголемено загадување“, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска.

За разлика од опозиционерите, пратеничката од СДСМ Даниела Маркоска го поддржа задолжувањето на државата за изградба на двете БРТ-линии во главниот град. За разлика од задолжувањето за споменици во минатото, пратеничката Маркоска рече дека од овој проект бенефит ќе имаат граѓаните. За неа, нејасно е зошто опозиционерите блокираат и се против изградбата на „трамвајот на тркала“ во Скопје.

Бидејќи предложениот закон се наоѓа во второ читање, неговото финално донесување од Собранието на РСМ треба допрва да се случи. Засега е непознато на која собраниска седница ќе се постави овој закон пред пратениците, но и кога истиот ќе се усвои поради тенкото парламентарно мнозинство на власта и противењето на опозицијата за „трамвајот на тркала“.

За да почне било што да се прави во однос на изградбата на првата БРТ-линија од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, најпрво предложениот закон за задолжување треба да помине во Собранието на РСМ, потоа да се потпише договорот за заемот со ЕБОР. „Мета.мк“ веќе пишуваше дека со заемот треба да се покрие и изработката на основниот проект со пропратната документација за „трамвајот на тркала“, којшто треба да го распише ЕБОР. Дури откога ќе се изработи целокупната проектна документација, ќе може да се пристапи кон распишување на тендерот за избор на изведувач што ќе ја гради првата БРТ-линија и на додатниот тендер за избор на компанија од каде ќе се набави возниот парк.