fbpx

Започна комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2021 година, опозицијата поднесе 528 амандмани

-

Собраниската расправа за Предлог-буџетот за наредната година започна денеска во матичната Комисија за финасирање и буџет. Образложувајќи го буџетот за 2021 година, министерот за финансии Фатмир Бесими посочи дека тој базира на четири столба: економско заздравување од ковид-19, забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и развој на човечките ресурси и еднакви можности. Преку нив ќе се спроведе Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст на македонската економија, како и преку политиките за фискална консолидација и среднорочниот план за јавни инвестиции ќе се дејствува во насока на одржување на здравјето на граѓаните, економијата и општеството.

„Новина на овој буџет е неговата петгодишна рамка, 2021-2025, и тој се заснова на  овие три среднорочни платформи: А-Фискална консолидација 2021-2025 година, Б- Попаметен раст 2021-2025 стратегија за закрепнување на економијата и одржлив раст и Ц- План за јавни инвестиции 2021-2025 година. Со ова, нашата главна цел е на среден рок да го забрзаме економскиот раст, од 2 до 2,5 отсто во последната деценија, на 4 до 5 отсто просечен годишен раст во следните пет години, притоа да постигнеме фискална консолидација за да обезбедиме одржлив и инклузивен раст“, рече Бесими.

Тој потсети дека ќе се врши и постепена фискална консолидација со која буџетскиот дефицит веќе следната година ќе се намали за 3,6 процентни поени, дека вкупните приходи за 2021 година се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари и се за 8,3 отсто повисоки во однос на вториот ребаланс во 2020 година, а расходите се планирани на ниво од 247,5 милијарди денари или за 2,1 отсто пониски во однос на вториот ребаланс за годинава. Така планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит на ниво од 4,9 отсто од планираниот БДП или во апсолутен износ од 34,9 милиони денари, за 3,6 процентни поени понизок во однос на проектираното со вториот ребаланс од 2020.

„Инвестициите во човечки капитал остануваат меѓу врвните приоритети и во Стратегијата за ревитализација и забрзан раст. Ќе се работи на развој на еднакви можности, развој на човечките ресурси преку инвестиции во образование, наука и здравство, поттикнување на поголема активност на работоспособното население и социјална заштита и социјално осигурување“, рече Бесими.

Расправата за Предлог-буџетот за 2021 година на првиот ден од разгледувањето на текстот наиде на забелешки од опозицијата која оцени дека станува збор за неразвоен буџет, без визија, нереален и строго партиски и дека со него нема да се поддржат реалниот сектор и граѓаните. Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека планираниот буџет дополнително ќе ја зголеми сиромаштијата во државата, бидејќи е неодржлив, креиран без концепт.

„ВМРО–ДПМНЕ ќе учествува во расправата за буџетот со цел да помогне. Поднесовме 390 амандмани, а заедно со другите опозициски парламентарни партии, има над 450. Во амандманите се водевме според три приоритети, заштита на здравјето на граѓаните, вистинско стимулирање на економијата преку капитални инвестиции и заштита на населението преку спречување на аерозагадувањето и загадувањето на животната средина“, рече Стојановски, според кој е поприоритетно да се набават 50 амбулатни возила и да се направат бесплатни ПЦР тестови, наместо да се наменат пари за вработување во министерствата.

Од Алијанса на Албанците оценија дека е можно буџетот да е тешко остварлив. Според Аднан Незири, треба да се направи намалување на непродуктивните расходи, а во проектираниот буџет има и расходи за договорни услуги за кои нема никакво објаснување.

Собраниската расправа по Предлог-буџетот за наредната година, согласно Деловникот на Собранието, во Комисијата за финансирање и буџет може да трае до 10 работни дена. Потоа, ако има прифатени амандмани, ќе се расправа на пленарна седница. На владиниот Предлог-буџет за 2021 се поднесени 528 амандмани, од кои најголемиот дел од ВМРО-ДПМНЕ, 390, а другиот дел се од Алијанса на Албанците и Алтернатива.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...