!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Владата финансиски ќе ја помогне „Колска“


Скопје, 12 септември, 2017 - 20:07 (META) 

Владата на денешната седница одлучи финансиски да ја поддржи фабриката за шински возила „Колска“ за да се воспостави редовен тек на работите во фабриката и грижата за работниците, соопшти владината прес-служба.

„За оваа цел на седницата е донесена одлука за измена на распоредот на средствата во посебниот дел утврден со буџетот на Република Македонија за 2017 година, најдоцна до 15 септември“, стои во соопштението.

Одлуката на Владата следи по вчерашната средба на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, со претставниците на „Колска“, каде на вработените со месеци им доцни платата.


Анѓушев: Проблемите во „Колска“ се влечат со години, треба трајно решение


Велес, 11 септември, 2017 - 11:16 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, се сретна со претставниците на синдикатот на вработените во фабриката за шински возила „Колска“ од Велес, кои подолг период не зеле плати.

„Проблемите се со подолг рок и се влечат веќе со години. Владата ќе го реши проблемот и вработените ќе добијат плата. Но, во исто време, целта е да се најде трајно и системско решение, со кое фабриката ќе има работа, а вработените навремено ќе ги добиваат своите примања, како и социјално и здравствено осигурување“, нагласи вицепремиерот.


Вработените во „Колска“ блокираа возови во Велес


Велес, 5 јули, 2017 - 11:59 (META) 

Вработените во фабриката за шински возила „Колска“ во Велес изутринава го блокираа железничкиот сообраќај. На железничката станица во Велес, утрово штрајкувачите блокираа четири патнички возови, три домашни и еден меѓународен, кои од 7 до 9 часот стоеја на станицата во Велес.

Вработените тврдат дека блокадата на сообраќајот е единствениот начин да извршат притисок врз „МЖ – Транспорт“ и врз Министерството за транспорт и врски за исплата на заостанатите плати.

– Остваривме средба со премиерот Зоран Заев, добивме ветување дека ќе ни се исплатат заостанатите плати, се сретнавме и со министерот Сугаревски и со директорот на „МЖ – Транспорт“, но решение нема. Денеска е десетти ден, пари нема, тоа ни го кажа и директорот на „МЖ – Транспорт“. Ние си ги бараме парите што ни се одработени, 6,5 милиони денари имаме одработено, тоа е доволно за една и пол плата – вели синдикалецот Слободан Димитриев.

Од синдикатот велат дека доколку во текот на денешниот ден не им бидат исплатени бараните плати, блокадата на железничкиот сообраќај ке продолжи и утре, но тогаш ќе трае 60 минути подолго, односно од 7 до 10 часот.


Заев вети дека ќе се реши проблемот со платите во „Колска“


Скопје, 27 јуни, 2017 - 13:47 (META) 

Премиерот Зоран Заев презел обврска уште денеска да почне решавањето на проблемот на вработените во фабриката „Колска“ во Велес, кои шест месеци немаат земено плата, а ќе се најде и трајно решение за статусот на компанијата, соопшти Владата.

На средбата со синдикатот на фабриката за шински возила „Колска“ од Велес, Заев ветил дека проблемот финансиски ќе биде решен, со што 125 вработени во најкус можен рок ќе можат да си ги земат одработените плати.

„Претставниците на синдикатот се пожалија дека досега се соочувале со несериозен однос од страна на државата, поради што освен што е загрозена егзистенцијата на вработените, тие немаат ни здравствено осигурување и поради тоа, дел од нивните колеги се соочуваат со сериозни здравствени последици. Претставниците на синдикатот на фабриката за шински возила „Колска“ велат дека проблеми со платите имаат со години поради несигурниот работен статус и проблемите поврзани со опстанокот на фабриката. Тие посочуваат дека фабриката ѝ е потребна на државата, но, според нив, од необјасниви причини не се користела, додека биле распишувани тендери со странски фирми за одржување на патнички и товарни вагони, што е нивна дејност. Тие како решение предложија враќање на фабриката „Колска“ во рамки на ЈП „Македонски железници“, соопшти Владата.