Ќе се подобрува инфраструктурата за собирање на отпадните води во Скопје


Скопје, 13 јуни, 2018 - 15:44 (META) 

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов заедно со министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки, евроамбасадорот Самуел Жбогар и францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, денеска присуствувааа на почетокот на проектот за подобрување на инфраструктурата за собирање на отпадните води во Скопје, во населбата Ново Лисиче.

-Испуштањето отпадни води во Вардар, влијае на квалитетот на водата и на живиот свет во неа. Со реализација на овој проект ќе овозможиме заштита на реката од загадување преку затворање на неколку испусти на отпадни води што директно се излеваат во Вардар. Со изградбата на колекторите на двете страни на реката Вардар до 2020 година, ќе се создадат и главните предуслови за изградба на централна пречистителна станица за градот Скопје. Граѓаните на Скопје по завршување на изградбата конечно ќе добијат пречистителна станица во согласност со европските директиви, а воедно и контрола и третман на водата што се испушта во реката Вардар. Целта на проектот е да се намалат ризиците од загадување и да се подобри севкупната чистота на градот – рече Шилегов.

Тој додаде дека ќе се подигне квалитетот на водата во реката Вардар и дополнително ќе се придонесе за заштита на подземните води во Скопската котлина, што се користат за наводнување и за пиење.


Владата ќе расправа за Денот на дрвото и за субвенции за соларни колектори


Скопје, 7 ноември, 2017 - 10:46 (META) 

Владата на Република Македонија на својата 36. седница денеска ќе разгледува повеќе точки, меѓу кои и доделување концесии за геолошки испитувања заради суровини, како и предлог за Ден на дрвото и информација за измена на програмата за субвенционирање соларни колектори и замена на прозорците.

Ќе се расправа и за ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“ Скопје, a на иницијатива на „Македонски шуми“, ќе биде разгледана информацијата за спроведување на пошумувањето на површините предвидени за акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ за есенскиот дел во 2017 година.

Управата за извршување санкции на денешната седница ќе ја презентира информацијата за напредокот на проектот за реконструкција на казнено-поправните установи во Република Македонија, како и информацијата за изградба на притворско одделение со придружни објекти и судница во Казнено-поправната установа „Идризово“.

Министерството за животна средина и просторно планирање на седницата ќе ја презентира информацијата за напредокот во спроведување на ЕУ-ИПА проектот „Изградба на пречистителна станица за отпадни води Прилеп“.