Пречистителната станица за отпадни води во Скопје ќе почне да се гради во јуни 2022 година

Фото: Архива на Мета.мк

Со неколку месеци одложување во однос на првичниот рок, наместо на крајот од 2021 година, пречистителната станица за отпадни води во Скопје би почнала да се гради во јуни 2022 година. До тогаш треба да се заврши изборот на најповолен изведувач на работите и надзорна компанија, информираат за „Мета.мк“ од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Тендерската постапка која што започна минататото лето во моментов е дојдена до завршување на изборот на компании за кратката листа, при што до Европската инвестициона банка (ЕИБ) се доставени евалуациони извештаи и се чека на нивното одобрување за компаниите за градба. ЕИБ веќе го има одобрено Извештајот за кратката листа на компании за надзор над работите.

„Во моментов се финализира тендерската документација. Се планира достава на покана за доставување на понуди од страна на компаниите кои ќе бидат избрани на кратката листа во април 2021 година“, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

По доставувањето на понудите од компаниите, во јуни 2022 година ќе се избере најповолниот понудувач што ќе ја гради пречистителната станица за отпадни води во Скопје. Во фазата на претквалификација од објавената тендерска постапка, минатата есен ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информираше дека биле поднесени 12 апликации од компании или конзорциуми заинтересирани за изградба на станицата.

Освен до Министерството за животна средина и просторно планирање, прашања за изградбата на овој капитален објект за главниот град испративме и до ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, кои се јавуваат во својство на инвеститор. По речиси еден месец испраќање на мејлови и телефонски повици до компанијата, сепак до денешен ден „Мета.мк“ не доби одговори на поставените прашања.

Клучен дел што треба да го заврши ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје е изградбата на двата колектора од левата и од десната страна на реката Вардар, кои треба да ги одведуваат отпадните води од Скопје до идната пречистителна станица што ќе се наоѓа во близина на населеното место Трубарево. Изведбата на двата колектора веќе доцни со реализација и пробиени се претходно зададените рокови за изведба. Нивната изградба почна во јуни 2018 година, а требаше да се завршат до 2020 година.

Инаку, пречистителната станица за отпадни води во Скопје е со проценета вредност од 136 милиони евра. Предвидено е во овој капитален објект да се третираат отпадните води на над 500.000 жители од главниот град, со што ќе се надмине моменталната состојба на директно испуштање на овие непречистени води во реката Вардар.

„Мета.мк“ веќе подолг период пишува дека водите на реката Вардар бактериолошки се класифицираат во најлошата четврта категорија на загадување, додека хемиски се меѓу четврта и петта категорија на загадување. Поради ова, забрането е капење во водите на Вардар, наводнувањето на земјоделските површини, ловењето на риба за исхрана и користењето на бунарите за вода за пиење што се наоѓаат до самата река.