!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ААВМУ: Вечерва на полноќ почнува изборниот молк


Скопје, 13 октомври, 2017 - 10:35 (META) 

Денеска на полноќ завршува изборната кампања во првиот круг од локалните избори, по што почнува изборниот молк, кој трае до 19 часот в недела, кога завршува гласањето на избирачките места, соопшти Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ).

За време на изборниот молк се известува за изборите и за текот на гласањето, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување.

„Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк ќе се смета емитување на какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати во изборниот процес, од учесниците во изборна кампања, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта“, стои во соопштението на ААВМУ.

Агенцијата ги потсетува радиодифузерите дека треба да ја прилагодат својата програма веднаш по почнувањето на изборниот молк за да избегнат какво било прекршување на изборниот молк бидејќи, во согласност со Изборниот законик, единствена мерка е поведување прекршочна постапка пред надлежен суд.


Изборен молк пред прегласувањето во Теарце, „Мост“ и „Цивил“ ќе го набљудуваат процесот


Скопје, 24 декември, 2016 - 10:47 (META) 

Ноќеска на полноќ почна изборниот молк во пресрет на утрешното повторувањето на гласањето во избирачкото место 2011 во општина Теарце за предвремените парламентарни избори.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги извести радиодифузерите дека врз основа на решението од ДИК за повторување на гласањето на гласачкото место 2011, во општина Теарце, заклучно со 19 часот на 25 декември важат правилата за изборен молк.

За време на изборниот молк, престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборната кампања.

Граѓанската асоцијација „Мост“ и невладината „Цивил“ ќе го набљудуваат утрешното прегласување. „Мост“ веќе има распоредени свои набљудувачки тимови во Теарце, од каде што ќе го следат утрешниот изборен процес, ќе известуваат за одзивот, текот на гласањето и за можните неправилности од прегласувањето во Теарце.

„Цивил“, освен што ќе го набљудува прегласувањето, постави и два штанда за да ги информира жителите на ова место за нивното гласачко право.