!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Десетици загинати во поплавите и лизгање на земјиштето во Непал


Катманду, 13 август, 2017 - 13:05 (META) 

Најмалку 40 лица загинале во лизгање на земјиштето и поплавите предизвикани од монсунските дождови во Непал, соопштија властите на оваа земја, јавуваат светските агенции.

Во националниот парк Читван поради поплавите хотелите ги преместиле гостите на повисоките катови, а туристите сместени во еден од нив со слонови биле однесени до блискиот пат за да можат да стигнат до главниот град на земјата – Катманду.

На истокот на Непал бил затворен аеродромот во Биратнагару, кој бил еден метар под вода.

Оваа година во Непал како последица на монсунските дождови загинаа повеќе од 100 лица.


Иницијатива за бесплатно сместување за обожавателите што ќе дојдат за Суперкупот


Скопје, 25 јули, 2017 - 10:26 (META) 

Поради огромниот пораст на цените за сместување во хотелите во Скопје и кај некои станоиздавачи поради претстојниот Суперкуп на УЕФА, неколку млади луѓе почнаа акција да го обелат образот на Скопје пред фудбалските обожаватели. Со нивниот проект „Суперкуп Скопје“ SuperCupSkopje, членовите на заедницата WeTalkIT ги поврзуваат фудбалските обожаватели на кои им треба сместување со луѓе од Македонија кои имаат желба да им понудат бесплатен престој.

Целта на овој проект е што поголем број граѓани да бидат домаќини на еден или двајца гости во својот дом, за да им овозможат место за преноќување на обожавателите кои ќе дојдат да го следат натпреварот помеѓу „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“.

За да му овозможите сместување на некој од обожавателите, сè што треба да направите е да се логирате на специјалната веб-страница и да наведете каков тип сместување може да понудите. Гостите заинтересирани за сместувањето преку е-маил директно ги контактираат оние тие што објавиле сместување, а домаќинот потоа самиот одлучува кој гостин или гости сака бесплатно да ги прими во својот дом.


Грција годинава ќе биде поскапа, но останува најпосетена дестинација


Скопје, 25 мај, 2017 - 15:48 (META) 

Туристичко-угостителската комора на Македонија (ТУК) пред почетокот на летната сезона оцени дека дел од аранжманите за летување се продадени, поради попустот за предвремена резервација. Сепак, поголем дел од аранжманите се очекува да се продадат во претстојниот период.

Како резултат на случувањата и неизвесноста поголем дел од граѓаните се уште не се одлучиле каде ќе летуваат годинава и термините за одмор ги добиваат подоцна во текот на сезоната. Туристичката понуда за оваа летна сезона е различна, од вообичаените аранжмани за Грција, Турција, па се до понуди за Азурниот брег, Шпанија, Малдиви, Сејшели, Маурициус, Бали, Куба и останати поегзотични и нетрадиционални дестинации. Најбарани се аранжманите за Грција и Турција,“ вели Аркан Керим, претседател на Туристичко – угостителската комора при Сојузот на стопански комори (ССК).

Од ТУК очекуваат дека поради близината и атрактивноста, Грција и годинава да биде најпосетена дестинација за македонските туристи, но велат дека има мало зголемување на цените.

Посебно оваа година, заради цената, атрактивни се понудите за одмор во Египет и Тунис и за младите, дестинации како Крит и Родос.

Според ТУК, годинешната летна туристичка сезона, согласно првичните проценки кои се направени и покрај влијанието на политичката криза и воздржаноста на граѓаните како резултат на неизвеснота, очекуваат да биде успешна со стабилизацијата на пазарот.

Од таму порачуваат, граѓаните да патуваат со етаблирани туристички агенции добро да се разгледаат аранжманите за да не се најдат во ситуација кога се изманипулирани и не ги добиле услугите кои претходно им биле ветени.


Голем интерес за Охрид за велигденските празници


Охрид, 6 април, 2017 - 13:21 (META) 

На десетина дена пред Велигден, повеќе од 60 отсто од хотелските капацитети во Охрид се резервирани, а не е помал интересот ни за сместување кај малите станоиздавачи. Охрид, традиционално, токму за Велигден го има првото големо „туристичко крштевање“ за таа година, а така ќе биде и годинава.

Најголемиот број од најавените туристи се од Србија, Грција и од Бугарија. Од Албанија, исто така, се очекуваат посетители, особено затоа што годинава и православен и католички Велигден се слават во ист ден. Покрај туристи од соседството, евидентно е зголемен интересот за сместувачките капацитети на брегот на Охридското Езеро и од туристи од подалечните дестинации, како, на пример, Израел, Италија, Русија, Турција, Полска, Романија, но и од земјите на Далечниот Исток.

Туристичките агенции и бироа од Бугарија веќе најавија дека 280.000 Бугари ќе патуваат за викендите околу Велигден, а голем број ќе ги посетат Охрид и Македонија.

Од хотел „Аквалина“ од Охрид се задоволни од резервациите за претстојните велигденски празници.

– Најмногу гости за Велигден ќе имаме од Грција, потоа од Србија. Годинава ќе има и доста домашни туристи од повеќе градови. Капацитетите се пополнети – вели Марјан Николески, директор за храна и за пијалоци во хотел „Аквалина“.

Во соседна Струга, исто така, најголем број од туристите ќе бидат од соседните земји.

Секако, ќе патуваат и самите охриѓани.

– Охриѓани претпразнично пројавуваат интерес, главно, за еднодневни тури – вели Драгана Ристеска, директор на туристичката агенција „Венус травел“ од Охрид.


„Да ја спасиме Попова Шапка“: Со ски-центарот да менаџира инвеститор кој има искуство


Тетово, 3 февруари, 2017 - 10:36 (META) 

„ЕЛЕМ турс“ која го менаџира туристичкиот центар Попова Шапка од 1999 година, не успеа да го исполни очекуваното и ветените инвестиции во овој зимски центар, се вели во денешното соопштение на граѓанската иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“.

– Компанијата „ЕЛЕМ турс“ вети дека во рекреативниот туристички центар Попова Шапка ќе инвестира 80 милиони евра до 2015 година и тоа со реконструкција на хотелите „Славија“ и „Попова Шапка“, изградба на катна гаража, на вештачко езеро за вештачки снег, реновирани скијачки патеки, изградба на нова жичница, шестосед и реконструкција на жичницата Тетово-Лисец-Попова Шапка – велат од оваа граѓанска иницијатива.

Тие ги повикаа надлежните институции да ја разгледаат можноста, на компанијата „ЕЛЕМ Турс“ да ѝ се одземе правото на менаџирање со овој ски-центар и да се отвори јавен повик за привлекување инвеститори кои имаат искуство околу развој и менаџирање на ски-центри на различни места низ светот.

Тие најавија дека ако не се испочитуваат нивните барања, ќе протестираат сопствениците на викенд-куќите, на угостителски локали и посебно жителите кои живееат околу Попова Шапка, кои овој туристички центар го гледаат како шанса за економски развој не само за ски-центарот, туку и за градот Тетово.


Нападите не го намалија бројот на чартер-летови од Скопје за Турција


Скопје, 4 јули, 2016 - 14:03 (META) 

И покрај влошената безбедносна состојба и зачестените терористички напади во Турција, граѓаните не се откажуваат од летувањето во најбараната туристичка дестинација, Анталија, информираат од туристичките агенции во Македонија.

– Во Анталија немало терористички напади, туристите не се плашат и не ги откажуваат аранжамните. Секој ден има чартер-летови кои се полни. Граѓаните ги користат намалените цени во хотелите бидејќи ги нема туристите од Русија, поради што цената на аранжманите е намалена – вели сопственикот на туристичката агенција „Фибула“, Асим Меџедовиќ.

Во најпосетуваната туристичка дестинација, Грција, зголемувањето на данокот на додадена вредност (ДДВ) не повлече поскапување на закупот на апартмани и на хотелските услуги.

– Кога се склучуваа договорите за закуп на апартмани и на хотели во Грција, данокот не беше зголемен, така што цените останаа фиксни и по зголемувањето на ДДВ. Поскапувањата во Грција туристите можеби ги почувствуваа во ресторани и во кафулиња – изјави заменик -претседателот на Здружението на угостители и туризам при Стопанска комора, Славе Сирачевски.

Од безбедносни причини, агенциите не нудат аранжамни за Тунис, Хургада, Шарм ел Шеик, како и за Сицилија и за Сардинија, кои, поради навалата од руски туристи, се прескапи за наши услови.


Ќе се унапредува гастрономската култура во Македонија


Охрид, 23 март, 2016 - 11:09 (META) 

Во пресрет на главната туристичка сезона, Асоцијацијата на готвачи на Република Македонија „Гастромак“, ќе почне со нови обуки за традиционални готвачи.

Обуката ќе тргне од Охрид, како најрепрезентативен туристички центар во земјата, а ќе продолжи во сите градови, особено во делот на хотелиерството и на ресторанската услуга.

– Институционално сакаме да направиме курсеви за обука за старата традиционална кујна што ја имаме, но и за модерната. Тука спаѓа и вегетаријанската храна, во последно време и веганската кујна, која е сè попопуларна. Наша интенција ќе биде да основаме школа за готвачи, која ќе биде отворена за сите граѓани на Република Македонија. На прагот на туристичката сезона во Охрид, се надеваме дека ќе излеземе со првите резултати – најави Кристина Бетинска, секретар и одговорна за односи со јавноста на „Гастромак“.

„Гастромак“ е асоцијација на готвачи на Македонија, регистрирана пред неколку месеци. Здружението е во фаза на согледување на потребите на гастрономијата во Македонија.

Здружението во својата мисија соработува со асоцијацијата на хотелитерите на Македонија, ХОТАМ.

– Тие најдобро можат да ги детектираат проблемите и да се изработи стратегија, а со програми да помогнеме меѓусебно. Културата кон храната треба да ја подигнеме на едно повисоко ниво. Тоа се учи од мали нозе, од седењето на маса, собирањето на семејството, од значењето на предјадењето, кое има поврзаност и потекнува токму од нашата стара традиција, гостинот прво да се пречека со лепче и со сол, па слатко, па потоа доаѓа главното јадење – појаснува Бетинска.


Намалувањето на ДДВ од 18 на 5 отсто ќе ја поевтини храната во рестораните


Скопје, 15 февруари, 2016 - 13:02 (META) 

Министерството за економија сè уште не одговорило на барањето на хотелските и на угостителски работници за намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) на храната од 18 на 5 проценти. Тие својата иницијатива ја доставиле пред повеќе од шест месеци.

– Ова намалување на ДДВ за храна би значело зајакнување на хотелските и на угостителски капацитети и нивен опстанок. Трошоците сега се големи и не одвојуваме средства за понатамошно работење – изјави заменик-претседателот на Здружението за угостителство и за туризам при Стопанска комора, Славе Сирачевски.

Тој додаде дека намалувањето на данокот на додадена вредност од 18 на 5 проценти, исто така, би значело и можност за намалување на цената на храната во рестораните и во хотелите.

Во моментов, ДДВ што го плаќаат угостителите на храната што се служи во рестораните како влезна суровина, се оданочува со 5 проценти, а на крајот вкупната услуга, во која влегува и материјалниот трошок, се оданочува со 18 проценти.

 


Охрид и Струга полни за новогодишните празници


Охрид, 1 јануари, 2016 - 15:36 (META) 

Најмалку 10.000 гости во Охрид и уште 5.000 во Струга, ги исполнија сместувачките капацитети за продолжениот празничен новогодишен викенд.

Охрид одамна не памети ваков интерес за Нова година. Сите хотели се полни, а во централното градско подрачје и во крајбрежната зона се бара легло повеќе и во приватното сместување.

Најголемиот број од гостите се од земјата, но повеќе илјади допатуваа од соседните земји. Доминираат туристите од Бугарија, Србија, Црна Гора и од Албанија, како и неколку организирани групи од Полска и од Турција.

Во хотелите „Метропол“ и „Белви“, кои се најголемите сместувачки капацитети во земјата со близу 1.000 легла, нема слободни места. Доминираат Бугарите, а по нив следуваат Србите, како и домашни гости, главно од Скопје, Прилеп, Битола и од други места.

Хотелите „Дрим“ и „Белград“ во Струга, исто така, се исполнети до последно место. Повеќе од 80 проценти од капацитетите ги закупиле гости од Бугарија. Во градот има гости и од Албанија и од Косово. Сите хотели на ривиерата понудија тридневни и четири дневни аранжмани, со свечен дочек.

Свечен дочек организираше и локалната самоуправа од Охрид, со одлична празнична забава на отворено, на градскиот плоштад Св. Климент Охридски.

Плоштадот беше преполн со славеници, на кои им беше организиран и спектакуларен огномет. Настапија пејачите Викторија Лоба и Боби Мојсовски, ансамблот „Билјана јуниор“ и групата „Компас бенд“.

Првиот ден од новата година, Охрид оддаваше слика како во летна сезона. Старата чаршија, плоштадот, кејот беа полни со туристи. Место се чекаше на терасите од бројните охридските кафулиња, кои беа преполни со гости.


За Македонците, 20 проценти попуст за зимување на Златибор


Белград, 30 ноември, 2015 - 10:59 (META) 

Ски-центарот Златибор нуди попусти до 20 проценти за гостите од Балканот, информираат од туристичката организација „Златибор“.

Според директорот Арсен Ѓуриќ, одобрените попусти се движат од 5 до 20 проценти, во еден од 15 хотели што ја поддржуваат акцијата.

– Македонија, БИХ, Црна Гора, Романија се перспективни пазари од каде ни доаѓаат од 15 до 20 отсто од вкупниот број гости, односно преку 80 отсто од странските туристи – вели Ѓуриќ.

Со повеќе од 1,2 милиони досега остварени ноќевања, 2015 година е рекордна во историјата за туризам на Златибор.