Отпадните води од хотели во Маврово директно се испуштаат во Мавровско езеро и река Радика

Фото: Архива на Мета.мк

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) по претставка на граѓани изврши интензивен надзор врз правни субјекти на територијата на Националниот парк Маврово. Досега биле инспектирани 18 објекти и утврдено е дека 9 не поседуваат Елаборат за заштита на животната средина, информираат од ДИЖС.

„Голем број инспектирани угостителски објекти директно ги испуштаат отпадните води во Мавровско Езеро или реката Радика, како на пример хотелите “Радика”, “Бистра”, “Спорт”, “Лодге” и “Алпине”. Помали погони, како на пример “ЕуроЕдил”, “Новитет” и “Техно Блок”, сите лоцирани во село Скудриње, исто така немаат Елаборати за заштита на животната средина и испуштаат отпадни води во реципиент без пречистување“, информираат од Државниот инспекторат.

Сите субјекти кај кои се најдени неправилности се задолжени, согласно закон, најпрво да ја обезбедат потребната документација (одобрени Елаборати за заштита на животната средина, дозволи за испуштање на вода во реципиент, проекти за изведба на пречистителни станици и слично), а потоа ќе добијат соодветни рокови за да ги применат сите неопходни мерки за спречување на загадувањето, велат од ДИЖС.

Тие до крајот на март ќе извршат надзор врз сите правни субјекти и ќе се преземат мерки за корекција на сите неправилности.

„Ќе продолжиме со активности што ќе овозможат вистинска заштита на природното богатство во Националните паркови“, велат од ДИЖС.

Инаку, процентот на прочистување на отпадните води во земјава е минимален, а на Македонија ќе ѝ бидат потребни 1,2 милијарди евра за изградба на пречистителни станици за отпадни води низ сите општини, заедно со реконструкција, проширување, надградба и одржување на канализационата мрежа. Низ целата земја треба да се изградат 87 пречистителни станици за отпадни води, кои треба да зафатат 98 отсто од сите урбани отпадни води што се создаваат.

Дополнително, индустријата и другите економски капацитети треба да се погрижат да изградат свои пречистителни станици за индустриските отпадни води што ги произведуваат, а со кои ги загадуваат подземните води, реките и езерата во земјава.