Екологистите најавуваат блокада на патот кон Бугарија поради рудникот Иловица


Скопје, 30 октомври, 2018 - 20:03 (META) 

Под мотото „Сите против рудникот на смртта“ струмичката еколошка иницијатива „Здрава котлина“, која се спротивставува на отворањето на рудникот Иловица, за 10 ноември со почеток во 11,30 часот најави двочасовна предупредувачка блокада на сообраќајот на кружниот тек на излезот од Струмица кон Бугарија како и на транзитниот пат, во сите насоки.

Повикувајќи ги граѓаните да им се придружат, за самите да се заштитат од опасноста, струмичките еко-активисти бараат владата под итно да и ја одземе концесијата на канадската компанија „Еуромакс Рисорсис“ за отворање на рудникот за бакар и злато, кој треба да биде лоциран во непосредна близина на селата Штука и Иловица, како и изгласување на измените во Законот за металични и минерални суровини од страна на Собранието.

Најавата за блокада дојде по истекот на рокот кој Здрава Котлина и го даде на Владата до 16 октомври да изнајде решение за рудникот Иловица, со оглед дека Владата и Собранието не презеле ништо во врска со ова нивно барање. Концесионерот, „Еуромакс Рисорсис“, тврдат од „Здрава котлина“, веќе две години дејствува незаконски, но и ја лаже и манипулира јавноста за наводната безопасност на рудникот, што, според струмичките екологисти, претставува доволна основа за одземање на концесијата.


Растат тензиите околу Иловица: Екологистите со ултиматум, Владата повикува на дијалог


Струмица, 9 октомври, 2018 - 16:25 (META) 

Целта на Владата, но и на сите засегнати страни е да се отстранат ризиците и стравовите поврзани со животната средина и здравјето на граѓаните. Потенцираме дека Владата на Република Македонија и натаму ќе се води и ќе работи врз основа на принципот владеење на правото и дека сите политики на Владата се во насока, пред се, на заштита на здравјето на граѓаните. Ова е ставот на Владата во врска со отвореното писмо што и го упатија вчера струмичките екологисти собрани околу иницијативата за забрана за отворање на рудникот за бакар и злато Иловица.

Писмото содржи ултиматум според кој, доколку Владата до својата наредна седница, закажана за 16 октомври не донесе одлука за одземање на лиценцата за работа на рудникот на концесионерот „Еуромакс Рисорсис“, тие ќе го повикаат народот сам да се заштити и сам да го реши проблемот.

„Повеќе не прифаќаме никакви одложувања или оправдувања“, истакнуваат во своето обраќање до јавноста и до Владата на премиерот Заев организациите „Здрава котлина“, „Еко долина“ и „Спас за Струмичка котлина – стоп за рудникот на смртта“.

Повикувајќи повторно на дијалог, од Владата потенцираат дека само преку искрен и отворен разговор на сите засегнати страни „ќе може да се стигне до решенија кои се конструктивни и ќе го унапредат регионот“.

Истовремено, од концесионерот „Еуромакс Рисорсис“ пристигна реакција на писмото на струмичките еколошки друштва во која се вели дека сите обвинувања изнесени кон проектот се паушални и не се поткрепени со факти бидејќи проектот за бакар „Иловица-Штука“ е целосно безбеден и се развива според највисоките стандарди за животна средина и во согласност со домашната регулатива.

„Проектот „Иловица-Штука“ ќе биде модерен рудник кој ќе отвори многу можности за вработување, поддршка на земјоделството и развој на локалната и националната економија“, се вели во реакцијата на компанијата.


„Го сакам Водно“ и власта не се договорија околу гасоводот


Скопје, 18 септември, 2018 - 17:22 (META) 

Претставниците на граѓанската иницијатива „Го сакам Водно и на власта – заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и директорот на МЕР, Бајрам Реџепи, не успеаја да најдат заеднички јазик околу спорната траса на гасоводната делница 5, Скопје-Тетово-Гостивар, преку Водно. Тие ги вкрстија аргументите на јавната дебата  на тема „Гасовод преку Водно“ што, поради симболика, се одржа денес во хотелот Средно Водно.

– Во овој момент не постои механизам кој може да ги отповика градежните дозволи дадени за проектот на гасоводната траса 5. Процесот е отиден предалеку за да го вратиме на почеток и да бараме траса која нема да оди преку Водно. Мораме да се носиме со фактите онакви какви што се – беше дециден скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој состојбата во која сега се наоѓа проблемот со гасоводот преку Водно го поистовети со поодмината бременост на жена во која абортирањето е опасно и за мајката и за детето.

Одговарајќи на обвинувањата на еко-активистите дека не држат оправдувањата дека не може да ја стопира изградбата на сегашната траса на гасоводот, Шилегов истакна дека сегашната владеачка гарнитура не ги носи своите одлуки според принципот „Миле ми текна“ туку дека, поради затекнатите состојби, морала на крајот да се определи да ја реализира оваа траса сосе делницата преку Водно, но дека сериозно е заангажирана да ги реализира еколошките подобрувања во градот како што се зелените коридори, зазеленувањето на булеварите, законското уредување на статусот на Водно и на Матка, а пред се завршувањето на секундарната гасификација на главниот град, за која најави дека работите, по повеќегодишната блокада, ќе стартуваат уште оваа есен.

– Да ја погледнеме пошироката слика – повика Бајрам Реџепи, директорот на државната компанија за гасификација, МЕР, кој ги повтори и претходно дадените аргументи дека евентуалната измена на трасата, во оваа фаза, со напуштање на веќе изградените објекти и со новото проектирање би значела конкретна загуба од 20 милиони евра од буџетот, но и дека и доколку гасоводот оди по друга траса, повторно би имало дури многу поголеми штети врз животната средина и сечење на многу повеќе шума.

– Тешко е да се биде еко-активист во еколошки девастирана држава каква што е Македонија – се пожали долгогодишниот еколошки активист Игор Смилев од „Го сакам Водно“. Тој посочува дека, поучен од сопственото дводецениско искуство во борбата против штетните еколошки проекти во земјава, ревитализацијата на веќе уништените подрачја, кои државата ги прави дури откако нивното уништување ќе достигне критично ниво, секогаш било премногу задоцнето, исклучително скапо и без никаков ефект.

Со тоа алудираше на ветувањата дадени од заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, дека, паралелно со конечната законска заштита на Водно која тие ќе ја спровеле откако ќе биде завршена изградбата на гасоводот, ќе се случи обемен зафат за ревитализација на подрачјето опфатено со градењето на гасоводот и повеќекратен надомест на исечените дрва.

Еко-активистите потсетија и на недоследностите во постапките на власта околу гасоводната траса преку Водно, како што е сечењето на вегетацијата без дозвола, што де факто се случувало пред еколозите да ја предупредат јавноста што се случува на Водно и изразија отворено сомневање дека властите ќе покажеа макар и најмала грижа за Водно доколку тие не го кренаа својот глас во заштита.

Не беше разјаснета ниту дилемата дали е Водно сепак заштитено подрачје, како што тврдат тие или допрва треба да се заштитува, како што се изјаснија Макрадули и Шилегов. Директорот на МЕР, Реџепи самиот призна дека кај нив се уште постои дилема дали Водно навистина ужива некаков статус на заштита или не, но истакна дека тие уште од почеток имаат дозвола за сечење на вегетацијата за потребите на гасоводот, по утврдената траса, дека неа ја добиле од Македонски шуми и дека, поради ова, сечењето не се врши бесправно или со игнорирање на законските процедури.

„Го сакам Водно“ на крајот ги повикаа своите соговорници од власта да земат учество на јавна расправа која, овојпат, за разлика од досега, ќе ја организираат тие, под нивни услови.

foto brit emb foto uk gov Овој текст е подготвен во рамките  на проектот „Поддршка на демократските вредности и промени во општеството преку новинарството“ финансистан од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада/Британската Влада.


Кајакарење по бетонска река за подигнување на свеста за заштита на реките


Скопје, 14 септември, 2018 - 12:20 (META) 

Активистите утрово кајакареа по бетонската река пред Владата за да ја подигнат свеста кај јавноста за значењето на недопрената природа и прекрасните речни долини и кањони на Балканот.

Еко-свест заедно со ФРОНТ 21/42 покренаа петиција за стопирање на изградбата на хидроенергетски проекти во заштитените подрачја низ Македонија која се уште е отворена за потпишување.

„Во последните три дена Македонија беше дел од кампањата „Balkan Rivers Tour“, односно „Кајакарeње по балканските реки“. Со турнејата, тимот на „Balkan Rivers Tour“ дава поддршка на локални иницијативи што имаат заедничка цел – да ги заштитат последните слободни реки во Европа. Турнејата вклучува кајакарење по 23 реки низ 6 држави во 39 денови, почнувајќи од Тепелене, Албанија па се до Љубљана, Словенија, вклучувајќи ја и реката Радика во Националниот парк Маврово.

Екологистите велат дека „во Македонија, речиси сите реки се под големи директни и индиректни антропогени притисоци, во најголем дел од акумулации изградени на нив.“

„Планирани се повеќе од 400 хидроенергетски проекти само во нашата земја. Половина од нив во недопрена природа во најживописните речни долини. Пресушувањето на овие реки и уништувањето на нивното речно корито значи уништување на ретки и ендемични видови флора и фауна кои се дел од пошироки екосистеми дел од кои е и човекот. ООН уште во 2004 предупреди дека до 2025, 1.800 милиони луѓе ќе живеат во земји со недостиг на вода за пиење. Пресушувањето на реките ги доведува во опасност изворите на питка вода за жителите на многу локации во Македонија“, се вели во соопштението на „Еко-свест“.


Kој му ја укинал заштитата на Водно ако било заштитено во 1976 и во 1991 година?


Скопје, 14 септември, 2018 - 9:35 (META) 

„Водно е заштитено подрачје и како такво треба да се третира од страна на државата“, категорични се екологистите.

Освен Законот за заштита на природата од 2004 година, во чијшто член 184 децидно стои: „Заштитените подрачја заштитени пред денот на влегување во сила на овој закон, како природни реткости, продолжуваат да ја уживаат заштитата на заштитени подрачја согласно со одредбите на овој закон“, од кој што еден примерок понудија да му го подарат на заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули поради неговата изјава, дадена на јавната дебата за гасоводот преку Водно дека Водно за голема жал, не е заштитено, тие ги посочуваат и двата документа, од 1976 и 1991 година, на кои се однесува спомнатиот член, со кои планината Водно била прогласена за парк-шума и бил уреден начинот на нејзината заштита.

Во членот 1 од документот од 1976 година стои дека планината Водно се прогласува за градски парк-шума и се наведува во кои граници се заштитува: „Како градски парк-шума се става следново подрачје на планина Водно: од хидрицентралата Матка, по текот на реката Треска до устието во реката Вардар, јужната граница на град Скопје со населбите: Трнодол, Козле, Капиштец, Пржино и Кисела Вода по патот Сопиште-Пржино, потоа по кружниот пат кој ги поврзува населените места Св.Петка, Чифлик, Горно Соње, Долно Соње, Ракотинци и Сопиште“.

odluka

Во одлуката, пак од 1991 година на тогашното Собрание на Град Скопје, се попрецизно дадени границите на заштитеното подрачје парк-шума Водно, со детално наведените катастарски парцели каде таа граница се простира. И во двата документа се дадени главно истите забрани за постапување со Водно – се забранува сечење, кршење, откорнување, собирање и уништување на растителниот свет, потоа се забранува убивање, прогонување и вознемирување на животинските видови, како и подигање на објекти во границите на заштитеното подрачје, „освен јавни и општествени објекти кои нема да го нарушат интегритетот односно природниот изглед на планината“.

odluka 1

Според екологистите, со одлуката за изградба на гасоводот преку Водно и проектите кои беа почнати пред него, државните институции со години свесно ги игнорираат овие факти, а уништувањето на планината се толерира со образложение дека не е завршена ревалоризацијата на подрачјето на парк-шумата која треба да биде заштитено, што е обврска што произлегува од веќе спомнатиот Закон за заштита на природата.

„Се уште не сме добиле одговор од надлежните институции со кој акт, ако тој воопшто постои, е донесена одлука да престане заштитата на Водно“, вели Андреа Јанков од „Го сакам Водно“ и прашува: „Ако Водно е незаштитено, кој е за тоа виновен?“

Иако во повеќе наврати побаравме средба со заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули за да разговараме на темава, од неговиот кабинет се уште нема никаков одговор.

Откако беше најавено дека еко-активистите на „Го сакам Водно“ со жив ѕид ќе го бранат Водно од багерите кои ја градат гасоводната траса, Владата на својата седница од 22 август го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да изготви предлог закон за заштита на Водно во рок од 30 дена.


Екологисти бараат целосен мораториум за Охридското Езеро


Охрид, 21 јуни, 2018 - 14:09 (META) 

Активистите на Еколошко здружение на граѓани „Фронт 21/42“ по повод 21 јуни Денот на Охридското Езеро денеска до пратениците во Собранието повторно испратија отворено писмо во кое се бара доследна примена на мораториумот за инфраструктурни проекти на крајбрежјето.

Здружението „Фронт 21/42“ минатата година до пратениците и надлежните институции испратија такво барање, парафирано со потписи на повеќе од осум илјади граѓани за целосна забрана на инфраструктурни проекти во единственото Светско природно и културно наследство во Македонија и доследно спроведување на Законот за управување со Охридскиот регион.

„Денеска по една година Ви се обраќаме повторно – со истото барање и уште поголема загриженост. Тоа што најмногу не загрижува е евидентното избегнување на клучната мерка за спас на единственото УНЕСКО подрачје во нашата земја – итното стопирање на деструкцијата на исклучителните универзални вредности, односно спроведување на приоритетната препорака бр. 6 на Реактивната мониторинг мисија: прогласување на мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации, барем додека не се завршат и спроведат сите релевантни документи“, се наведува во писмото.

Активистите на „Фронт 21/42“ укажуваат дека спроведувањето на мерката ја налага националното законодавство, оти за истата не се потребни никакви финансиски средства, човечки ресурси, време, туку единствено политичка волја.

Истовремено тие посочуваат дека изминатата година од последната Одлука на Комитетот за светско наследство до денес единствено конкретно е делувано само со Одлуката за прекин на постапката за менување на Планот за управување на Националниот парк „Галичица“. За останатото како формирањето работна група за измени и дополнувања на Законот за управување со Охридскиот Регион, Одлуката за спроведување на Стратешка оцена за влијанието врз животната средина на Планот за управување со заштитеното подрачје, тие сметаат дека попусто ќе бидат потрошени финансии и изгубено драгоцено време доколку истите не бидат проследени со доследна конечна одлука за прогласување целосен мораториум.

„Во февруари 2018 Владата усвои информации кои јасно покажуваат планови за продолжување на дел од постоечките проекти како и за нови крајбрежни трансформации; – Во јуни 2018, на Италијанско – македонскиот бизнис форум, Премиерот покани италијански компании да инвестираат во постоечкиот проект за Коридор VIII, за кој Мисијата има дури три Препораки со кои се бараат суштински измени на трасите; – Во јуни 2018 Министерството за транспорт и врски објави Нацрт Стратегија за транспорт за период 2018 – 2030, во која не се инкорпорирани гореспоменатите Препораки 1, 2 и 3 за Коридорот VIII; – Општините Струга и Охрид и понатаму дозволуваат градежни зафати, како трансформации на струшкото крајбрежје, хотелот во Лагадин, итн“, се наведува во писмото.

Истовремено еколозите се повикуваат на изјавата на претставникот на регионалната канцеларија на УНЕСКО во Венеција Синиша Шешум, кој недвосмислено истакна дека доколку не се спроведе препораката останува опасноста Охрид да се најде на Листата на светски наследства во опасност.

Оттаму активистите на „Фронт 21/42“ во писмото до претседателот на Собранието, пратениците во неформалната група „Пријатели на УНЕСКО“ и собраниската Комисија за култура апелираат и бараат суштински заклучоци од надзорната расправа за Законот за управување со Охридскиот регион и спроведување на препораките од УНЕСКО, односно заклучоци кои недвосмислено ќе им наложат на сите засегнати институции итно спроведување на сите препораки, започнувајќи од приоритетните – мораториум за сите крајбрежни и урбани трансформации и справување со илегалните градби.


Вулгарен напад на бугарскиот вицепремиер врз европратеничката која протестираше за Пирин


Софија, 12 февруари, 2018 - 16:18 (META) 

Валери Симеонов, бугарскиот вицепремиер за економија и демографски политики и претседател на националистичката партија Национален фронт за спасување на Бугарија, со вулгарности се нафрли на германската „зелена“ европратеничка Ска Келер поради нејзиното учество на протестите во Бугарија за спасување на Националниот парк „Пирин“ од проширувањето на капацитетите на Банско на заштитената територија.

Во писмо потпишано од него и тројца негови сопартијци, а испратено до Европскиот парламент, Министерството за надворешни работи на Бугарија, Федералната влада на Германија и Коалицијата „Алијанса90/Зелена партија“, Симеонов го нарекува протестот на 8 февруари во Софија „шлаење со цел враќање на власт преку лаги“.

Притоа тој дава крајно невкусна оценка на физичкиот изглед на Келер критикувајќи ја што протестирала и барала оставка на бугарски министер, како и укинување на одлука на бугарската влада.

Вулгарно осврнувајќи се на нејзиното име – Ска – и на фактот дека дипломирала на истанбулскиот универзтет „Шабанџи“, Симеонов прашува „Од височината на кое минаре раздава правда во туѓа држава, со самобендисаност на доброплатен сунетчија со налог“.

Тој вели дека бугарското Министерство за надворешни работи треба да ја прогласи Келер за персона нон грата и да ја екстрадира со „марица“ на граничниот премин со Турција, Капикуле, оти „трошоците за авионски билет би биле неоправдани“. Дури  нуди и неговата партија да го организира транспортот.

Симеонов инаку во 2014 година бил осуден за говор на омраза кон Ромите во Бугарија.

Европратеникот Ангел Џамбазки исто така ја нападна својата колешка Келер, која е ко-претседавач на Групата на зелените/ЕФА во Европскиот парламент. Џамбазки нa својот Фејсбук-профил ја нападна Келер, велејќи дека е една од „екстремните левичарски зелени екстремисти што ја поддржуваат исламската инвазија на Европа“, пишува сајтот за истражувачко новинарство BulgarianPresidency.eu.

Екологистите во голем број градови низБугарија и низ целиот свет од почетокот на годината редовно протестираат против одлуката на бугарската влада од крајот на минатата година да дозволи градежни активности во 48% од територијата на Националниот парк „Пирин“.

Од владата велат дека тоа е во интерес на развојот на зимскиот центар Банско.


Екологистите повторно протестираа за Пирин, бугарскиот министер доби „туш“ во ЕП


Софија, 26 јануари, 2018 - 16:31 (META) 

Екологистите во Софија и во 16 други градови во Бугарија и во 11 градови на светот протестираа против одлуката на бугарската влада од крајот на минатата година да дозволи градежни активности во 48% од територијата на Националниот пак „Пирин“ и побараа оставка од бугарскиот министер за животна средина и води, Нено Димов.

Екологистите вчера покрај оставка на Димов, побараа и измена на законското решение.

Димов пак вели дека не станува збор за дозвола за пренаменување на 48 отсто од територијата на Националниот парк „Пирин“ во градежна зона, туку само на 2 отсто од неговата територија, а новиот ски лифт ќе бил само минорен дел од тие 2 отсто.

Бугарскиот министер за животна средина и води, Димов, утрово ги нарече демонстрантите неинформирани, а нивните протести против дозволата за проширување на зимскиот центар Банско политички.

– Протестите против втор ски лифт во Банско се политички – голем дел од луѓето веројатно немаат поим за што точно протестираат – рече Димов во емисијата „Здраво Бугаријо“ на бугарската телевизија Нова, пренесе агенцијата „Фокус Њус“.

Тој вели дека според новите законски одредби менувањето на легислативата за Националниот парк „Пирин“ дава само можност инвеститорите да изразат намера за градење, а потоа ќе мора да се направи специјализиран градежен план што ќе биде подложен на еколошка оценка.

Димов, како што посочи новинарот Дејв Китинг во рубриката за мислења на веб-сајтот на американскиот магазин „Форбс“, е негатор на теоријата за глобално затоплување, а до крајот на јуни годинава ќе раководи со Советот за животна средина на ЕУ. Тоа предизвикало згрозување завчера, кога давал отчет пред Европскиот парламент.

– Вие лично се прашувате дали има климатски промени и дали во прашање се активностите на човештвото, а дури и оспоривте дека има пораст на океаните и морињата – обвинил Гербен Јан Гербранди, либералниот европарламентарец од Холандија, по што неговите колеги побараа Димов јасно да ги искаже своите ставови.

Бугарскиот министер за животна средина и водите на тоа само кусо одговорил дека нема да го искаже својот став за климатските промени и наместо тоа напомена дека има политички консензус во ЕУ за климатските промени, а тој ќе го одржува „консензусот во живот“.

Од Лондон преку Софија до Сиднеј, на 4, 11, 18 јануари и вчера во голем број градови во Бугарија и во светски метрополи, илјадници луѓе маршираа на протести против најновите законски измени донесени во Бугарија со кој значително ќе се намали територијата на националниот парк „Пирин“ за сметка на зимскиот центар „Банско“, инаку многу популарна дестинација и меѓу македонските граѓани.

imgpsh_fullsize

Протестите за заштита на Националниот парк „Пирин“ се најголемата граѓанска мобилизација и протестна активност во Бугарија од антивладините протести во 2013 година.

За разлика од екологистите, жителите на Банско и на регионот се поддржувачи на идејата за проширување на зимскиот центар, бидејќи најголемиот извор на приходи за градот и блиската околина.


Бочварски: Имаме обврска да го чуваме Штип за идните генерации


Штип, 10 септември, 2017 - 17:04 (META) 

Благој Бочварски, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Штип, со неколку сопартијци денеска се вклучи во еколошка акција, чистејќи го локалитетот Мирјанина Црква.

– Имаме одговорност пред самите нас и пред идините генерации, да направиме добри дела за овој град, да работиме во интерес на граѓаните, да ја заштитиме животната средина и здравјето на нашите граѓани – рече Бочварски и вети дека ако победи, во Штип повеќе нема да има диви депонии.


„За нас се работи“ поднесе кривична пријава против директорите на ЕЛЕМ и на РЕК Битола


Битола, 16 мај, 2017 - 13:06 (META) 

Битолското здружението „За нас се работи“ денеска до Основното јавно обвинителство – Битола поднесе кривична пријава против седуммина директори и раководители на „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) и на РЕК Битола поради сторено кривично дело загадување на животната средина и на природата.

Битолските екологисти кривичната пријава ја поднесоа против генералниот директор на ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски, директорот на РЕК Битола, Иван Куковски, директорот за развој и за инвестиции во комбинатот, Тони Паспаловски, директорот на рудници, Панде Петковски, раководителот на отпепелување на РЕК Битола, Симо Атанасов, како и одговорното лице на ХТВ-лабараторија, Лидија Поповска.

Здружението ги сомничи директорите и раководителите дека во периодот од 2010 година до денес на сопствената депонија, која се наоѓа во непосредна близина на РЕК Битола, во село Новаци, при одложување на отпадот во вид на пепел и на згура, несовесно и со непреземање мерки за заштита на животната средина не го спречиле проширувањето на радиоактивниот отпад, при посилен ветер, низ Пелагониската Котлина и низ поблиските села. Со ова тие ги загадиле воздухот, водата и почвата и предизвикале опасност по животот и здравјето на луѓето, иако „знаеле дека одлагањето на пепелта се врши на несоодветен начин и дека при неповолни временски услови може да дојде до загадување на околината“.

– Предлагаме ОЈО Битола да спроведе истрага и да поднесе обвинение заради сторено кривично дело загадување на животната средина и на природата – рече Иван Чулаковски од здружението „За нас се работи“.

Воедно екологистите обвинуваат дека ЕЛЕМ како „наводно општествено одговорна компанија“ се однесува „неодговорно дрско и безобразно кон жителите од Пелагонискиот Регион, во кој спаѓа и градот Битола“.

– Кривичната пријва е само почеток на судски процес кој доколку е потребно, ќе стигне и до меѓународни судови, сè до целосно решавање на проблемот со кој се соочуваат жителите на Пелагонија – рече Илија Балтовски од „За нас се работи“.