На крајот од COP26, лидерите од Западен Балкан мора целосно да се посветат на нивните меѓународни обврски за ублажување на климатската криза, предупредуваат експертите за животна средина од Западен Балкан.
„Регионалните лидери треба да ги спроведат своите политички ветувања и да се посветат на силна зелена агенда за Западен Балкан. Деструктивните ефекти на климатските промени, заедно со целото присутно токсично загадување на воздухот, се почувствувани низ целиот регион, а луѓето ја сносат цената на неефективните и бавни владини активности“, порачуваат 7 влијателни еколошки организации.
Минатата недела повеќе од 40 земји ширум светот се обврзаа постепено да ја укинат употребата на јаглен како дел од клучните преговори за COP26. Од Западен Балкан, само Северна Македонија е на оваа листа, и покрај повеќекратните политички обврски преземени од сите регионални лидери за ограничување на емисиите.
„Она што е итно потребно е јасна политичка амбиција и акција за да се постигне долгорочната заложба за декарбонизација до 2050 година. Еколошките организации од целиот регион ги повикуваат сите земји да постават амбициозни цели за исфрлање на јагленот до 2030 година, што вклучува создавање храбри национални планови за енергија и клима како прашање на итност“, се вели во повикот од Центар за животна средина од Босна и Херцеговина; Еко-свест од Северна Македонија; Green Home и Eco-team од Црна Гора; RERI и БОШ од Србија и CAN Europe.