Маркова река затрупана од изградбата на мали хидроцентрали, „Еко свест“ бара раскинување на концесиите

Фото: Еко свест

Маркова река е комплетно затрупана со камења, карпи и земја како последица од градежните активности за трите мали хидроелектрани што се градат во погорниот тек на оваа река, реагираат екологистите од „Еко свест“. Тие деновиве, по апелот од локалното население го посетиле локалитетот и констатирале дека реката и речното корито се целосно уништени. Цели сегменти од реката се затрупани со материјал од градежните активности, при што е оневозможено нормално течење на реката и е уништен целиот екосистем.

„Живиот свет во и околу реката е загрозен, видливи беа мртви речни ракови кои едноставно останале заглавени во странични вирчиња оставени да пресушат. Штетата која е направена не може да се надомести, станува збор за страшно уништување на природата и комплетно игнорирање на секој постоечки закон и правило. Повеќе години водиме борба со институциите да запре ваквата уништувачка изградба на мали хидроелектрани особено во подрачја богати со ретки, загрозени и ендемски видови. И покрај ветувањата од институциите сепак се дозволува вистинска еколошка катастрофа“, вели Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.

Фото: Еко Свест

Што е уште пострашно, нагласуваат екологистите, ова се случува во моменти кога земјата е соочена со продолжена суша и пожари кои ја опустошуваат територија на државата и се води борба да се стигне до капка вода повеќе. Велат дека ова е трагедија со долготрајни последици, будејќи ништо што е живо не може да преживее без вода, вклучително и човекот.

Од тие причини од „Еко свест“ бараат министерството за животна средина веднаш да започне постапка за раскинување на издадената концесија за хидроелектраните Маркова река 143, 144 и 145 на концесионерот Индиго Хидро Македонија, по основ на грубо прекршување на сите законски одредби за заштита на животната средина и за добра градежна пракса. Тие бараат и да се задолжи концесионерот да ја поправи состојбата на Маркова Река до степен до кој тоа е возможно. На долг рок, екологистите бараат од Владата да ги заштити своите граѓани и нивните извори на вода и ова да биде висок приоритет.

Фото:Еко свест

„Со жалење информираме дека и покрај сите апели, барања и предупредувања од граѓанските организации не се почитуваат мерките за заштита на животната средина. Според членот 44 од Законот за води „носителот на дозволата не ја врши дејноста согласно со условите утврдени со дозволата, односно врши битна и континуирана повреда на условите за вршење на дејноста од јавен интерес утврдени во дозволата“, и надлежниот орган треба да постапи. Според член 49 од истиот закон треба да се одземе водното право на концесионерот во случај кога е загрозено здравјето на луѓето и природната рамнотежа на водните екосистеми и екосистемите зависни од вода“, велат од „Еко свест“.